Агенцијата за супервизија на осигурување на 23 март, 2026 година оствари посета на средното економско училиште Јане Сандански од Битола, каде што се реализираше едукативна сесија посветена на финансиската писменост и осигурување. Настанот беше насочен кон подигнување на свеста кај младите за значењето на одговорното управување со личните финансии, како и за улогата на осигурувањето како механизам за заштита од ризици.

Преку интерактивен пристап, практични примери и отворена дискусија, учениците имаа можност да се запознаат со основните финансиски концепти, важноста на штедењето и носењето информирани финансиски одлуки. Активно учество зема и наставниот кадар, кој со својата посветеност придонесе за уште поголема вредност на настанот и поттикнување на критичко размислување кај учениците.

Оваа посета претставува дел од пошироките активности на АСО насочени кон едукација на младата популација и јакнење на осигурителната култура. Воедно, таа отвора можности за понатамошна соработка со училиштето, преку организирање на нови работилници, предавања и заеднички иницијативи кои ќе придонесат за континуирано унапредување на знаењата и вештините на учениците во областа на финансии и осигурување.