Ученици од СУГС Гимназија “Јосип Броз Тито” , Скопје во просториите на Агенцијата за супервизија на осигурување, преку сценска изведба ја претставија темата „Финансиската писменост како животна вештина – улогата на осигурувањето“, преточувајќи ја во креативна и едукативна приказна инспирирана од секојдневни животни ситуации.


Идејата и концептот за сценскиот настап беа развиени во соработка меѓу Тимот за едукација на Агенцијата за супервизија на осигурување предводен од координаторот Ратка Целаковски и СУГС Гимназија “Јосип Броз Тито, при што учениците, под менторство на својата професорка, Емилија Величкова, ја преточија едукативната содржина во креативна сценска изведба, со цел на младите на поинаков, непосреден и интерактивен начин да им се приближат значењето на осигурувањето, препознавањето и управувањето со ризиците и важноста на финансиската заштита.
Преку ликовите и ситуациите прикажани на сцената, учениците испратија порака дека непредвидените настани се дел од секојдневието, а финансиската писменост ни помага да донесуваме одговорни одлуки и да бидеме подготвени за ризиците. Посебно внимание беше посветено на улогата на осигурувањето како механизам за финансиска заштита, правата на осигурениците и механизмите за нивна заштита, како и на улогата на Агенцијата за супервизија на осигурување во заштитата на интересите на осигурениците, унапредувањето на довербата во осигурувањето и создавањето услови за стабилен и одржлив развој на осигурителниот пазар.


Со оваа активност, Агенцијата продолжува да поттикнува современи и креативни форми на финансиска и осигурителна едукација, во кои младите не се само приматели на информации, туку активни учесници и преносители на знаењето.