Вложувањата во осигурување имот растат во иста мерка со задолжителното осигурување од автомобилска одговорност, тренд што е многу значаен за развојот на осигурителниот пазар. Во овој период особено се истакнува континуираниот раст на вложувањата на осигуреници во приватното здравствено осигурување кое достигна 3,8 милиони евра и бележи раст од 38 отсто во однос на првото полугодие во 2020 година
Вложувањата на осигуреници во полиси за неживотни осигурувања (бруто полисирана премија БПП) достигнаа 5 милијарди денари (81,2 мил.евра) во првите шест месеци годинава. Тоа е за 15,6 отсто подобар резултат во споредба со истиот период во 2020 годна, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Растот на вложувањата во полиси за неживотно осигурување е очекуван со оглед на фактот што минатата година беше исклучително тешка заради бројните ограничувања и рестрикции што ги наметна здравствената пандемија предизвикана од корона кризата. За половина година се склучени 634.567 договори за неживотно осигурување, 16 отсто повеќе од лани.
Значајно е да се истакне дека во првата половина годинава вложувањата во неживотно осигурување се поголеми за 600 милиони денари (9,76 мил.евра) или 13,6 отсто и во однос на 2019 година.
Најголем раст на вложувањата во осигурување има кај приватното здравствено осигурување и осигурувањето имот. Очекувано со падот на рестрикциите за патување значајно зголемување има и кај продажбата на зелени карти и на патничко осигурување.
Осигурувањето имот за шест месеци достигна вредност од 1,4 милијарди денари (22,7 мил.евра) што е за 210,3 милиони денари (3,4 мил.евра) повеќе од истиот период претходната година. При тоа вложувањата на компании, институтиции и други правни лица во осигурување имот надмина една милијарда денари (17,3 мил.евра) што е за 29 отсто повеќе од истиот период 2020 година.
Здравственото приватно осигурување, по експанзијата на корона кризата, бележи континуиран раст. Во првите шест месеци вложувањата во ова осигурување надмина 232 милиони денари (3,8 мил.евра) што е за еден милион евра односно 38 отсто повеќе од лани.
БПП во најзастапената класа осигурување од автомобилска одговорност (задолжителна со закон и со регулирана цена) на осигурителните компании за половина година им донесе приход од 1,74 милијарди денари (28,3 милиони евра). Вложувањата во ова осигурување се зголемени за 14 отсто во однос на истиот период во 2020 година.
Продажбата на зелен картон достигна 409,4 милиони денари (6,6 мил.евра) што претставува раст од 34 отсто, а на патничкото осигурување 47,7 милиони денари (775.000 евра) или 18 отсто повеќе од лани.
Најголемо пазарно учество во првата половина на годинава има „Триглав Осигурување“ пред „Еуролинк Осигурување“, „Халк Осигурување“, АДОР „Македонија„ и „Уника“. По нив следуваат „Сава Осигурување“, „Евроинс Осигурување“, „Винер – ВИГ“, „Кроација осигурување – неживот“, „Осигурителна полиса“ и „Граве неживот“.
Раст на пазарното учество бележат сите 11 компании за неживотно осигурување. Најголем раст во овој период бележат: „Халк Осигурување“, „Уника“ , „Кроација неживот“ и „Граве неживот“. Следуваат: „Сава Осигурување“, „Винер – ВИГ“, „Осигурителна полиса“, „Триглав Осигурување“, АДОР „Македонија“ и „Евроинс Осигурување“.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.