Следната недела, од 1 до 3 декември, ќе се одржи петтото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватните финансиски компании. Конкретно, организаторите се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување, а се очекува вклучување и на приватниот финансиски сектор.
Заради условите што ги наметнува пандемијата на ковид-19, и оваа година, Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања преку видеоконференциска врска, што ќе овозможи и вклученост на поголем број заинтересирани граѓани. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за е-настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.
Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.
Во текот на годинава, приспособено на условите на „новата нормалност“, финансиските регулаторни институции спроведоа голем дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија. За следниот период се очекува дополнително засилување на ваквите активности, имајќи го предвид започнатото спроведување на првата Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто беше усвоена во јули оваа година од страна на финансиските регулатори.