Најчесто осигурениците се жалат на штети во сообраќај покриени со европски извештај, а најголем пораст на поплаки годинава има кај осигурување имот. Вредно е да се истакне дека се намалува бројот на поплаки за штети кои се решаваат врз основа на полициски записник, а за 30% е намален и бројот на поплаки за работата на компаниите кои осигуруваат живот. За девет месеци бројот на претставки кои осигуреници ги поднесуваат до АСО порасна 53% што е индикатор дека граѓаните ова регулаторно тело се повеќе го препознаваат како заштитник на нивните права од осигурувањето, што е приоритет и трајна заложба на менаџментот на АСО. Заради тежината на еден сторен прекршок утврден преку поднесена претставка од осигуреник, менаџментот на АСО изрече парична казна за една осигурителна компанија
Повеќе од 200 осигуреници се пожалиле до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) на работата на осигурителните компании во првите девет месеци годинава. Во овој период АСО реши 40 претставки во корист на осигурениците што е за 82 отсто повеќе од истиот период лани, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Од аспект на видот на осигурување најголем број на претставки односно 68, очекувано, се поднесени за штети покриени со осигурување од автомобилска одговорност, најголема класа осигурување која е задолжителна со закон. Меѓу нив најбројни се поплаките на осигуреници за случаи кои требало да бидат обештетени со европски записник. Такви се 42 претставки или двојно повеќе во споредба со истиот период лани.
Значаен раст на бројот на поднесени претставки има кај штети покриени со осигурување имот. За првите девет месеци поднесени се 49 претставки што е за 3,5 пати повеќе од истиот период лани. Во значајна мерка растот на претставки се должи на штети кои ги предизвика земјотресот во Битола на почетокот на годинава, а постои веројатност дека дел од претставките се однесуваат и за штети кои ги предизвикало невремето во Тиквешијата и во Скопје во август годинава.
За истакнување е фактот што годинава е намален бројот на претставки за штети во сообраќај кај кои се решавало врз основа на полициски записник. А воедно за 30 отсто е намален и бројот на претставки поднесени против компанитие за осигурување живот.
Според причините заради која се поднесуваат, најбројни се претставките во кои осигуреници се жалат на основата по која осигурителните компании ги утврдувале надоместоците за штета. Во овој период се поднесени 87 вакви претставки што е за 74 отсто повеќе од истиот период лани.
Најголем раст на поплаките според причината за поднесување има кај претставките за начинот на кој компаниите ги обработуваат штетите. За овој период се поднесени 36 такви претставки што е за 5 пати повеќе во споредба со првите девет месеци во 2021 година.
Од вкупно 203 поднесени претставки од почетокот на годинава па до крајот на септември решени се 137. Во процес на решавање се 27, подносителите самоволно повлекле 18 претставки, а констатирано е дека без основ за постапување се 22 поднесоци.
Од сите 203 претставки граѓани поднеле 166 поплаки што е за 57 отсто повеќе во споредба со периодот јануари-септември 2021 година.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.