АСО организираше обука со која активно се приклучи во одбележување на европскиот месец за сајбер безбедност

 

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) активно се вклучи во одбележувањето на месецот на сајбер безбедноста, организирајки обука за подигнување на свеста на своите вработени за оваа актуелна тема од дигиталната сфера.

European Union Agency for cybersecurity (ENISA) го прогласи октомври за месец на сајбер безбедност. Секоја година во октомври, ширум Европа и светот, се организираат голем број на настани од различен вид, со цел да се подигне нивото на сајбер безбедноста.

Дводневната обука ја спроведе компанијата „Сигмоид“, која работи на полето на информациската безбедност за домашни и странски клиенти. Вработените на интерактивен начин се запознаа со основните поими на сајбер безбедноста, научија како да препознаат одредени напади и што да направат во таков случај, како да учествуваат во управувањето со информациската безбедност итн.

Воедно, на обуката беа презентирани и активностите на АСО кон осигурителната индустрија. Имено, веќе втора година друштвата од осигурителната индустрија организираат и спроведуваат обуки за своите вработени за сајбер безбедност, почитувајки ги одредбите од Правилникот за минималните стандарди на информациските системи на друштвата за осигурување, осигурителните брокерски друштва и друштвата за застапување во осигурување.

Повратните информации до АСО покажуваат дека овие обуки дале позитивен резултат и дека вработените во осигурителната индустрија имаат подобра перцепција за улогата и значењето на сајбер безбедноста.

АСО и во иднина ќе продолжи со активности за подобрување на сајбер безбедноста како за вработените во регулаторното тело така и во компаниите претставници на осурителната индустрија.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.