Добивките на осигурителните компании за 2019 и за 2020 година компаниите можат да ги користат и за исплата на дивиденда, препорачува АСО
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) им препорача на сите осигурителни компании да се воздржат од исплата на дивиденда за успешното работење во 2021 година, одлучи Советот на експерти (раководен орган) на АСО на последната седница одржана на 10 март.
АСО препорачува на сите осигурителни друштва кои минатата година ја завршиле со добивка тие средства да ги искористат за реинвестирање во дејноста осигурување или за зголемување на резервите на друштвата.
Воедно АСО препорачува, на компаниите кои планирале исплата на дивиденда на акционерите, тие средства да ги задржат и евентуално искористат за покривање на непредвидени и неочекувани обврски од работењето до крајот на 2022 година.
Оваа препорака АСО ја донесе врз основа на проценката на ризиците поврзани со моменталното економско опкружување и можните ефекти врз работењето односно ликвидноста, солвентноста и капиталната адекватност на друштвата за осигурување.
Од вкупно 16 друштва за осигурување минатата година со добивка од работењето ја завршиле десет осигурителни компании. Меѓу нив шест друштва се за неживотно осигурување, а четири се компании за осигурување живот.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.