На 31 мај беше одржана четвртата работна средба на Работната група за следење
на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска
инклузија, чија активност ја координира Народната банка, а на која присуствуваа
претставници на Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност,
Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и
Агенцијата за супервизија на осигурување, како и субјектите од приватниот и
граѓанскиот сектор. На средбата присуствуваше и претставник од ИНФЕ-ОЕЦД, кој
ја презентираше Анализата од резултатите од Анкетата за финансиската
писменост и дигитализацијата на малите и средни претпријатија во Југоисточна
Европа (ЈИЕ) во рамки на регионалниот проект за финансиска едукација, која има за цел
унапредување на финансиската писменост и зголемување на финансиската
инклузија на микро, малите и средни претпријатија (ММСП). Извештајот ја
анализира финансиската писменост на ММСП, свеста и користењето на
финансиски услуги и нивото на дигитализација на овoј сектор во регионот на ЈИЕ,
вклучително и кај нас.
Финансиската писменост на менаџерите и сопствениците на ММСП во нашата
земја е оценета со коефициент 69 (од максимум 100) што е повисоко од просекот
на анализираните земји од регионот (67). Највисоки оценки се остварени за
компонентата финансиско однесување, потоа финансиските знаења и
финансиските ставови, при што сите компоненти се малку над или на ниво на
регионалниот просек. Во споредба со земјите од Г-20, просечната оценка за
регионот е пониска за 7 п.п., што упатува на потребата од зајакнување на
финансиските вештини и стратешка визија на менаџерите на ММСП, со цел да се
зајакне долгорочната деловна отпорност на овие фирми. Резултатите укажуваат
на тоа дека сме на ниво на просекот на регионот во ЈИЕ, според свесноста на
ММСП за финансиски производи, со тоа што свесноста за користење кредити за
финансирање на бизнисите во нашата држава е повисоко оценета во однос на
регионот, додека кај останатите оценувани параметри – свесноста за
финансирање со капитал и други видови на финансирање и свесноста за
справување со ризици, оценките се малку пониски или соодветствуваат со
резултатите во регионот. Наодите упатуваат на потреба за натамошен развој на
пазарот на капитал и алтернативните начини на финансирање, како би се
проширил пристапот на ММСП до финансии.
Во однос на дигитализацијата, просечната оценка кај нас е малку пониска во
однос на регионот. Сепак, оценето е дека дигитализацијата на ММСП во регионот
заостанува зад развиените земји, што упатува на потреба од спроведување на
активности за понатамошно унапредување.
Наодите и заклучоците во Извештајот се основа за преземање натамошни
активности за финансиска едукација и финансиска инклузија на ММСП, во
согласност со националната Стратегија во оваа област, којашто предвидува
создавање предуслови за подобрување и посоодветно следење на пристапот до
финансии од страна на малите и средните претпријатија и други целни групи.
Активностите во оваа сфера треба да придонесат за одржлив развој на овој
сегмент и на економијата во целина. На оваа средба, беше презентирано и
искуството во Унгарија од примената на Дигитална платформа-апликација за
финансиска едукација „Learning-by-doing financial education“, со што приватниот и
граѓанскиот сектор во земјава имаа можност да се запознаат со едукативни
платформи кои се применуваат во други економии.
Преку овие работни средби коишто се одржуваат два пати годишно се овозможува
редовен дијалог помеѓу регулаторите, субјектите од приватниот и граѓанскиот
сектор вклучени во активности за финансиска едукација, како и размена на
предлози и искуства за зајакнување на финансиската инклузија и заштитата на
потрошувачите во финансискиот систем, со цел успешно спроведување на
Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.