Финансиската едукација треба да започне уште од основно училиште. Треба да се вложува во унапредување на финансиската писменост, бидејќи таа придонесува за подобри финансиски одлуки и здрава економија. Ова беше истакнато денеска на јавното доделување на наградите за учениците од основното и средното образование од конкурсот за најдобри литературни и ликовни творби по повод меѓународните денови на штедењето и осигурувањето. Доделувањето се одржа во Министерството за финансии, а на него присуствуваа министерот за финансии, Драган Тевдовски, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски.

‒ „Колку е повисоко нивото на финансиска писменост, толку подобри финансиски одлуки се носат. Со финансиска едукација треба да се започне уште од основно образование. Децата треба да знаат која е функцијата на парите, што значи да се штеди. Затоа Министерството за финансии, како дел од Координациското тело за финансиска едукација, во текот на целата година организира предавања во основните и средните училишта. Во насока на финансиската едукација е и изработката на „Граѓанскиот буџет“, со кој на јавноста на едноставен начин ѝ се дава увид во државниот буџет. На тој начин граѓаните имаат поголема контрола врз трошењето на државните пари“ ‒ истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Гувернерката на НБРМ Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка, веќе години наназад, презема бројни активности на полето на финансиската едукација. Меѓу активностите остварени оваа година, таа го издвои и мерењето на финансиската писменост во државата, извршено од НБРМ, коешто на регулаторните институции им овозможи јасна слика за нивото на финансиската писменост и претставува една од основите за планирањето на натамошните активности во сферата на финансиската едукација.

‒ „За општеството, од нивото на штедење зависат инвестициите, а од инвестициите зависи и развојот и благосостојбата во економијата. Штедењето значи повеќе болници, а со тоа и подобар квалитет на нашиот живот, повеќе патишта кои ќе нè однесат посигурно и побрзо до нашата природна одредница – Европската Унија, поквалитетен образовен систем, а со тоа и соодветен човечки потенцијал без кој нема прогрес во општеството“ ‒ истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, осврнувајќи се на придобивките коишто ги носи штедењето.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Климе Попоски, истакна дека раната финансиска едукација претставува клучен фактор за долгорочен развој на финансискиот систем во една земја. Во развиените земји степенот на финансиска едукација е на многу повисоко ниво и Агенцијата за супервизија на осигурувањето се залага и се стреми кон примена на повисоки стандарди коишто ќе нѐ однесат до посакуваните резултати и општествена благосостојба. Меѓу другото, Попоски истакна дека АСО како регулатор на пазарот на осигурување години наназад презема многубројни активности на полето на финансиската едукација меѓу кои и издавање корисни брошури и памфлети, друштвени игри за помладите од кои учат за ризиците и управувањето со нив, како и организирање редовни предавања во основните и средните училишта.

Конкурсот за литературни и ликовни творби по повод Денот на штедењето се одржува од 2012 година, додека од 2014 година тема на конкурсот станува и осигурувањето. Годинава, конкурсот е најмасовен досега со над 1.100 литературни и ликовни творби од учениците од основното и средното образование. Наградени се 18 ученици, додека 12 ученици се пофалени.

Во текот на годината, Координациското тело за финансиска едукација во кое се претставници на НБРМ, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, МАПАС и Комисијата за хартии од вредност, има едукативни активности коишто опфаќаат над 35.000 ученици.