Глобалната финансиска и економска криза (2007-2009) јасно покажа како нарушувањата во финансискиот систем може да предизвикаат сериозни негативни последици за финансискиот систем и за економијата, воопшто. И дека за одржувањето на здрав и стабилен финансиски сектор, покрај одржувањето на монетарната стабилност и супервизијата на одделните банки и на другите финансиски институции, неопходен е одделен сет политики коишто ќе обезбедат системски пристап при следењето на ризиците во финансискиот сектор. Овој сет политики е познат како макропрудентна политика, чијашто цел е да придонесе за спречување и намалување на системскиот ризик и јакнење на отпорноста на финансиските институции на шокови, со што се придонесува за одржувањето на финансиската стабилност.
На 9 август 2022 година, стапи во сила Законот за финансиска стабилност со што се воспостави законска рамка за спроведувањето макропрудентна политика на Агенцијата за супервизија на осигурување во однос на осигурителниот сектор. Агенцијата за супервизија на осигурување се грижи за постигнувањето и одржувањето на финансиската стабилност преку спроведување на макропрудентната политика и преземање макропрудентни мерки кон институции од осигурителниот пазар на кои им издала дозвола.
Во согласност со Законот за финансиска стабилност, секој надлежен регулатор на финансискиот систем е должен да ги следи и да ги идентификува системските ризици, да определува макропрудентни инструменти и да презема макропрудентни мерки за сегментот на финансискиот систем во негова надлежност. Меѓусебната соработка и координација на активностите на надлежните регулатори се остварува преку Комитетот за финансиска стабилност.
При спроведувањето на макропрудентната политика, Агенцијата за супервизија на осигурување учествува во работата на Комитетот за финансиска стабилност и во соодветните поткомитети.
Со макропрудентните мерки се определува висината на макропрудентните инструменти заради спречување, намалување или отстранување на системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем или во финансискиот систем во целина. Макропрудентните мерки на Агенцијата за супервизија на осигурување, во согласност со закон, се анализираат преку дефинирани макропрудентни показатели за кои Агенцијата редовно ќе ја известува јавноста започнувајќи од април 2024 година.
ИНДИКАТОРИ ЗА ФИНАНСИСКАТА СТАБИЛНОСТ НА ПАЗАРОТ НА ОСИГУРУВАЊЕ, 2023 ГОДИНА