За прв пат во постоењето на осигурувањето во земјава приматот по број на исплатени штети го превзеде приватното здравствено осигурување. Очигледно дека неговата голема популарност доведе и до негова прекумерна употреба. Поточно 40 % од сите исплатени штети се за медицински трошоци кои ги пријавиле осигуреници кои имаат приватно здравствено осигурување

Компаниите за неживотно осигурување исплатиле над 45.000 штети од кои осигурениците наплатиле 2 милијарди денари (32,9 мил. евра) во првите шест месеци годинава. Во споредба со истиот период минатата година бројот на исплатени штети пораснал за 28 отсто додека нивната вредност во истиот период е повисока за 4 отсто, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Над 18.000 штети осигурителните друштва исплатиле на клиенти кои барале обештетување за медицински трошоци покриено со нивното приватно здравствено осигурување.

Годинава, за првпат во историјата на осигурувањето, се случува дури 40 отсто од бројот на сите исплатени штети да бидат за приватно здравствено осигурување. Тој податок е индикатор што јасно укажува на популарноста на овој тип доброволно осигурување, но истовремено и на неговата прекумерна употреба од страна на осигурениците.

Очекувано, најголем износ на средства компаниите исплатиле за штети покриени со осигурување од автомобилска одговорност. Кај оваа задолжителна класа осигурување, која е и најмасовна, осигурителните друштва го превземаат ризикот да ги платат штетите ако нивниот осигуреник е виновен за материјална штета при сообраќајна незгода или несреќа. Сите 11 друштва за неживотно осигурување во првата половина годинава исплатиле 1,12 милијарди денари (18,2 мил.евра) со кои покриле 14.820 оштетни побарувања.

Во овој период за осигурување имот се исплатени 290,4 милиони денари (4,7 мил.евра). При тоа бројот на исплатени штети е намален за 11,5 отсто, а исплатениот износ е речиси идентичен како истиот период лани.

За каско осигурување возила компаниите исплатиле 248,2 милиони денари (4 мил.евра) и тоа е за 11 отсто повеќе од минатата година.

Најголем раст на вредноста на исплатените штети има кај патничкото осигурување. Осигурителните друштва платиле 24,5 милиони денари (398.000 евра) или 2,7 пати повеќе за обештетување штети при патувања на наши државјани надвор од земјава. При тоа бројот на исплатени штети надминал 900 и тоа е за 3 пати повеќе од истиот период во 2021 година.

Во овој период штети исплаќале сите 11 друштва за неживотно осигурување.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.