Вредноста и бројот на продадени полиси за осигурување имот расте пет години во контиунитет. Лани, во услови на здравствена пандемија, расте осигурувањето имот кај: домаќинствата, компаниите, земјоделците и кај државниот сектор. Вкупната продажба на полиси за осигурување имот лани надмина 30 милиони евра и порасна за 5 отсто

Осигурителните компании (вкупно 11 друштва кои продаваат полиси за осигурување имот) лани на своите осигуреници им исплатиле вкупно за штети (бруто исплатени штети) 10,2 милиони евра, што е за 30 отсто повеќе од претходната година.

За штети од пожари и други природни непогоди лани биле надоместени 191 милиони денари (3,1 милиони евра), додека пак кај останатите имотни осигурувања лани осигурениците добиле 439 милиони денари (7,1 милиони евра).

Вкупната продажба (бруто полисирана премија) на полиси за осигурување имот  лани достигна 1,86 милијарди денари (30,26 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Вредноста на осигурителните полиси кои осигурниците ги купиле лани пораснала за 5 отсто (1,43 милиони евра) во споредба со 2019 година.

Зголемен е и бројот на склучени полиси за осигурување имот на физички лица и на правни лица. Вкупниот број на полиси за осигурување на имот во 2020 изнесува 135.223 што е за 4 отсто повеќе споредено со претходната година.

Граѓаните лани во осигурителни полиси вложиле вкупно 507,4 милиони денари (8,25 милиони евра), а приватни компании и државните институции платиле 1,35 милијарди денари (22,01 милиони евра). Најголемо учество во вкупната вредност на осигурувањето лани имаат осигурувањата на градби и нивната содржина (13,3 милиони евра) и земјоделските осигурувања (7,84 милиони евра).

При тоа, осигурувањето на имот (освен пожар и други природни непогоди) пораснало за 7 отсто во однос на 2019 година и надминало 1,09 милијарди денари (17,76 милиони евра), што пред сè се должи на градежната експанзија во урбаните средини.

Зголемување од 2 отсто има и кај продажбата на осигурување од пожар и други природни непогоди која достигна 768,2 милиони денари (12,5 милиони евра).

Податоците што ги објавува АСО се достапни и на следниот линк https://aso.mk/preliminarni-podatoczi-bruto-polisirana-premija-bruto-isplateni-shteti/

Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.