Најголем раст на продажбата во првото полугодие има кај патничкото
осигурување со кое се осигурале 155.000 лица или речиси 87.000
осигуреници повеќе од истиот период лани. Мало намалување има кај
продажбата на осигурување имот, а продолжува да расте, иако со помал
интензитет, побарувачката за приватно здравствено осигурување
Граѓани и фирми вложиле 5,4 милијарди денари (87,7 мил.евра) во неживотни
осигурувања во првите шест месеци годинава. Во споредба со истиот период
лани вредноста на вложените средства во осигурување е повисока за 8 отсто
односно осигурителниот пазар пораснал за 401 милион денари (6,5 мил.евра),
покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување
(АСО).

Бројот на склучени договори за осигурување за првите шест месеци пораснал за
20 отсто. Од почетокот на годината до сега осигуреници склучиле над 761.000
договори за осигурување со осигурителните компании за сите 18 класи на
неживотни осигурувања.
Најголем раст на бројот на продадени полиси за осигурување има кај патничкото
осигурување.
За првите шест месеци се склучени 155.000 договори за патничко осигурување
што е двојно повеќе од истиот период 2021 година.
Овој тип на осигурување овозможува граѓаните, при патување во странство, да го
пренесат ризикот од можни штети врз компаните за осигурување.
Во овој тип осигурување граѓаните во првите шест месеци вложиле 89,9 милиони
денари (1,5 мил.евра).
Очекувано, најголемо учество во вкупните вложувања во осигурување за овој
период има во класата осигурување од автомобилска одговорност (АО). Кај ова
осигурување, кое е задолжително со закон, ризикот го превзема осигурителната
компанија што ви ја продала полисата доколку вашето возило предизвика штета
врз други возила и учесници во сообраќајот.
Склучени се 426.000 договори за осигурување, вклучувајќи ги и зелените карти кои
се обврзувачко осигурување на покритие штети кои може да ги предизвика вашето
возило при патување во странство.
Бројот на продадени полиси со кои се осигурани возила во првите шест месеци
годинава во однос на истиот период лани е зголемен за 8 отсто.
Во осигурување од автомобилска одговорност во овој период се вложени 2,4
милијарди денари (39 мил.евра) или 8 отсто повеќе од лани.

Во осигурувањето имот, најголемата класа на доброволно осигурување во првите
шест месеци осигуреници вложиле 1,3 милијарди денари (21,2 мил.евра),. Тоа е
за 7 отсто помалку од истиот период лани. Речиси 70.000 граѓани, фирми и правни
лица го осигурале нивниот имот во првото полугодие годинава.
Кај најпопуларната класа – приватното здравствено осигурување компаниите и
осигуреници склучиле 13.000 договори и тоа е за 32 отсто повеќе од истиот
период лани.
Осигурениците во овој производ вложиле над 385 милиони денари (6,3 мил.евра)
за првите шест месеци и тоа е за 66 отсто повеќе од истиот период лани.
Паралелно со растот на вложувањата во ова осигурување уште подинамично
растат исплатите на штети за што причина е прекумерното користење на овој
производ од страна на осигурениците и зголемените цени на услугите од
приватните болници. Токму заради тоа некои од осигурителните компании не ја
исклучуваат можноста од рационализација на овој тип осигурување.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело
кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на
осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците
и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.