Агенцијата за супервизија на осигурување ја информира јавноста дека во текот на 2021 година планира да организира обука и полагање на стручен испит за вршење на работи на застапување во осигурување (во понатамошниот текст: обука и стручен испит за застапник).
Се повикуваат сите лица кои се заинтересирани и имаат намера да учествуваат на обуката и полагање на стручниот испит за застапници, најдоцна до 20.1.2021 година до Агенцијата за супервизија на осигурување, по електронски пат, да пријават интерес за учество на обуката и полагање на стручниот испит за застапници со доставување на Известување за пријавување на интерeс (пријавата е на следниот линк) на следната електронска адреса: contact@aso.mk.
Во продолжение се наведени условите, начинот и постапката за спроведување на стручниот испит за застапник:
НАСТАВНА ПРОГРАМА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА СТРУЧНИОТ ИСПИТ
Наставната програма за спроведување на Стручниот испит за застапник се состои од следните предмети:
- Основи на управување со ризик и осигурување;
- Законска регулатива од областа на осигурување;
- Трговско и облигационо право;
- Застапување во осигурување и етички кодекс;
- Осигурување на живот;и
- Неживотно осигурување.
СПРОВЕДУВАЊЕ НА ОБУКА И ПОЛАГАЊЕ НА СТРУЧНИОТ ИСПИТ
Деталната содржина на секој од модулите од обуката за застапник е разработена во Наставната програма за полагање стручен испит за застапник во осигурување која ја утврдува Агенцијата и во која се содржани градивото, прописите и литературата. Наставната Програма е објавена на веб страницата на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Начинот и постапката за спроведување на обуката и стручниот испит за застапник детално се пропишани со Правилникот за начинот, постапката и условите за спроведување на обука и полагање на стручен испит за вршење работи на застапување во осигурување (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр.47/2019, 35/2020 и 280/2020).
Кандидатите кои успешно ќе го положат стручниот испит за застапник ќе се здобијат со Уверение за положен стручен испит за застапник.
Кандидатите кои три пати едноподруго нема да го положат стручниот испит за застапник, го губат правото за повторно полагање на испитот предвиден со обуката.
СПРОВЕДУВАЊЕ НА ОБУКА И ПОЛАГАЊЕ НА СТРУЧНИОТ ИСПИТ
Обуката и стручниот испит за застапник ќе ја спроведуваат едукатори (предавачи) ангажирани од страна на Агенцијата.
Стручниот испит ќе се спроведува он-лајн со користење на соодветна интернет платформа.
РАСПОРЕД НА ПРЕДАВАЊА И ПОЛАГАЊЕ НА ИСПИТИ
Точните термини и деталниот распоред на предавањата во рамки на обуката како и точните термини и деталниот распоред за одржување на испитите ќе бидат објавени на интернет страницата на Агенцијата за супервизија на осигурување пред отпочнување на обуката односно испитот по секој поединечен предмет.
НАДОМЕСТОК ЗА УЧЕСТВО НА ОБУКАТА И ПОЛАГАЊЕ НА СТРУЧНИОТ ИСПИТ
За учество на обуката и полагање на стручниот испит, кандидатите плаќаат надоместок во износ од 7.000 денари согласно Тарифникот за содржината и висината на надоместоците и давачките што ги наплатува Агенцијата за супервизија на осигурување и роковите за уплата.
Кандидатите кои ќе пријават интерес за учество на обуката и полагање на стручниот испит и за кои ќе се утврди дека ги исполнуваат условите, се должни да го платат надоместокот најдоцна 15 дена пред денот предвиден за почеток на обуката и стручниот испит.
ПРАВО НА УЧЕСТВО НА ОБУКАТА И ПОЛАГАЊЕ НА СТРУЧНИОТ ИСПИТ
Право на учество на обука и полагање на стручен испит има лице кое има завршено средно образование или повисок степен на образование.
СООПШТЕНИЕ (ОГЛАС ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ ЗА УЧЕСТВО)
Агенцијата со оглас во дневен печат и на својата веб страна ќе ги извести заинтересираните кандидати за организирање на обука и стручен испит како и за времето и местото на одржување на обуката и стручниот испит.