Продажбата на полиси за осигурување имот достигна 30 милиони евра. Во приватно здравствено осигурување се вложени 4,9 милиони евра. Осигурувањето од општа одговорност порасна за 27 отсто, а вложувањата во осигурување од финансиски загуби надмина еден милион евра што е 10 отсто повеќе од лани. Осигурениците за девет месеци склучија 1,13 милиони договори за неживото осигурување или 277.000 повеќе од лани
Граѓани, фирми и институции вложија 7,5 милијарди денари (122 милиони евра) во неживотни осигурувања во првите девет месеци годинава. Продажбата (бруто полисирана премија – БПП) на осигурителни услуги во овој период порасна за 18 отсто (19 мил.евра) во споредба со истиот период во 2020 година. Бројот на склучени договори за осигурување во овој период е зголемен за 32 отсто и надмина 1,13 милиони, покажуваат официјалните податоци Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Значајно зголемен интерес има кај осигурувањето имот, патничкото осигурување, приватното здравствено осигурување, осигурувањето од финансиски загуби, осигурување од општа одговорност и кај задолжителното автомобилска осигурување. Податоците покажуваат дека продажбата на осигурителни продукти од палетата на 18 класи неживотно осигурувања во целост го надмина шокот што лани го предизвика здравствената пандемија на вирусот COVID -19. Резултатот за првите девет месеци годинава е подобар за 12 отсто и во споредба со продажбата на полиси во истиот период 2019 година.
Солиден раст на продажбата има во најголемата доброволна класа – осигурувањето имот. Бројот на склучени договори за осигурување имот надмина 107.000, а нивната вредност надмина 1,85 милијарди денари (30 милиони евра). Тоа е за 22 отсто (5,4 мил.евра) поголема продажба од истиот период лани.
Најбрзо растечки осигурителен производ и годинава останува приватното здравствено осигурување. Десет осигурителни компании од продажба на вакви полиси инкасирале 35 отсто повеќе од истиот период лани. Продажбата достигна 300 милиони денари (4,9 мил.евра). Бројот на договори за приватно здравствено осигурување порасна за 42 отсто, а склучени се над 12.800 договори.
Вложувањата во полиси кои осигуруваат од општа одговорност пораснале за 27 отсто и за првите девет месеци од нив компаниите наплатиле 200,5 милиони денари (3,26 мил.евра). Склучени се 39.000 договори за осигурување што е за 15 отсто подобро од лани.
Осигурувањето од финансиски загуби, иако мала класа во структурата на доброволни осигурувања, годинава книжи раст од 10 отсто на вредноста на продадени полиси која надмина 1 милион евра.
Очекувано, поради олабавување на рестриктивните здравствени мерки, годинава има голем раст на продажба на патничко осигурување. Осигурителните компании за неживот продале 216.000 полиси за патничко осигурување, двојно повеќе од истиот период 2020 година . Од тоа инкасирале 118 милиони денари (1,9 мил.евра) или 92 отсто повеќе од лани.
Задолжителната автомобилска одговорност и понатаму останува класа со најголемо учество во вкупната продажба. За првите девет месеци се склучени 490.000 договори за осигурување, а нивната вредност е 3,68 милијарди денари (59,9 мил.евра). Продажбата на овие полиси е зголемена за 20 отсто во однос на 2020 година.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.