Климатските промени се наметнуваат како сериозна закана за земјоделското производство, а единствено одржливо долгорочно решение за намалување на последиците од климатските непогоди, е државата да имплементира исклучително квалитетен проект за земјоделско осигурување, кој ќе биде конципиран согласно долгогодишното искуство на ТАРСИМ – турската агенција за управување со земјоделскиот осигурителен систем
По тој повод денеска започна тридневна работилница за воспоставување на земјоделски осигурителен пул за воспоставување на одржлив систем за заштита на земјоделците од катастрофалните временски непогоди што всушност се целите на проектот InsuResilience Solution Fund Project и реосигурителната компанија „Еуропа РЕ“. Ова е прв јавен настан со кој започнуваат активностите за овој регионален проект чии носители се Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а вклучена е Агенцијата за супервизија на осигурување како независно регулаторно тело на осигурителниот пазар и други вклучени заинтересирани страни за реализација на проектот.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, на отварањето, истакна дека со воспоставување на земјоделски осигурителен пул, еден вид на земјоделски фонд на осигурување за земјоделството, прв од овој вид во Република Северна Македонија, ќе се овозможи сигурност на земјоделското производство. Од економски аспект, создавањето на земјоделскиот осигурителен пул е важен чекор напред за државата, со што дополнително се приближуваме кон европските стандарди.
Со своето воведно излагање Арјанит Хоџа, министерот за земјоделство истакна:
-Климатските промени се наметнуваат како сериозна закана за земјоделското производство. Со години земјоделците се соочуваат со влијанието на природните непогоди за кои Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Комисијата за штети при Владата на Република Северна Македонија, исплаќа во просек три и пол милиони евра годишно на основ штети од временски непогоди. Токму затоа, решивме дека е време да воспоставиме организиран пристап за прилагодување и заштита на земјоделските производи преку воспоставување на систем на земјоделско осигурување во нашата земја.
Во своето обраќање д-р Крсте Шајноски, претседател на АСО потенцираше дека самостојното осигурување од непосакувани последици од природни непогоди, дава резултати, но тоа се покажа како недоволно, доколку се земе во предвид пошироката територија и обемот на изложеност на овие ризици.
-Тука треба да настапи осигурувањето. Тоа треба да биде решението за овие недостатоци, кои индивидуалните земјоделци неможат да ги надминат, истакна Шајноски.
Во обраќањето г-ѓа Серпил Ѓунар, директорка на турската агенција за управување со земјоделскиот осигурителен сектор (ТАРСИМ) истакна
– Во рамките на информациите што ги добивме, Македонија е земја со исклучително поволни услови за земјоделско производство, каде може да се одгледува широк спектар на растителни производи, а одгледувањето на говеда и овци е вообичаено во одредени региони. Ова се причините зошто е многу важно да управувате со ризиците во земјоделскиот сектор во вашата земја, и чекорите кои ќе ги превземете, изјави Ѓунар.
Земјоделството како стопанска дејност во Македонија во 2020 година учествува со 8,6 % во вкупниот бруто домашен производ на земјата. Околу половина од вкупната територија е земјоделско земјиште, каде преовладува растителното производство. Како единствено решение на долг рок, за намалување на последиците од климатските непогоди, е државата да имплементира ваков исклучително квалитетен проект за земјоделско осигурување, кој ќе биде конципиран согласно долгогодишното искуство на ТАРСИМ. Министерството за земјодество во соработка со Владата и надлежните министерства и институции, посветено ќе работи на воспоставување на овој исклучително значаен систем за земјоделскиот сектор. Се очекува голема поддршка од осигурителната индустрија во насока на целосна заштита на земјоделското производство од непредвидливите климатски непогоди преку соодветно осигурително покритие. Исто така, со помош на Проектот во рамки на InsuResilience Solution Фондот, МЗШВ доби техничка поддршка за реализација на сите потребни активности, сé до воспоставување на системот.