Претставник на Агенцијата за супервизија на осигурување учествуваше на Годишната средба посветена на проектот на Техничката програма за финансиска едукација на ОЕЦД-ИНФЕ, која се одржа од 29 септември до 1 октомври 2026 година во Ереван, Република Ерменија.
На средбата учествуваа претставници на релевантни институции од земјите вклучени во програмата, со цел размена на искуства, добри практики и политики во областа на финансиска едукација, финансиска инклузија и заштита на потрошувачи.

Во фокусот на средбата беа можностите за унапредување на финансиската писменост, поттикнување на одговорно финансиско однесување и зајакнување на информирано донесување на одлуки при користење на финансиски производи и услуги. Беа разгледани резултатите од меѓународното истражување за финансиска писменост, инклузија и благосостојбата на возрасните, како и прашања поврзани со националните стратегии за финансиска писменост, нивното следење и евалуација, задолженоста на потрошувачите, користењето на дигиталните и социјалните медиуми во промовирање на финансиската едукација.
Особено значајно беше учеството на претставникот на Агенцијата за супервизија на осигурување како панелист во сесијата посветена на вклучувањето на осигурителните пазарни субјекти во иницијативите за финансиска писменост. Во рамки на панел-дискусијата беше истакнато значењето на финансиската и осигурителната писменост како дел од финансиската едукација и финансиската инклузија. Подоброто разбирање на осигурителните производи, ризиците, покритието и исклучоците и правата и обврските на осигурениците може да придонесе кон поголема финансиска отпорност и подобра заштита на осигурениците, корисниците на осигурителните производи и услуги и третите оштетени лица.
