Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) спроведе едукација во неколку средни училишта
- Соопштение за одбележување на Глобалната недела на пари (Global Money Week)
- Агенда за одбележување на Глобалната недела на пари (Global Money Week)
Во рамки на светскиот настан “Глобална недела на пари”, Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) спроведе едукација во следните средни училишта:
“Васил Антевски – Дрен”, Скопје и
Целта на оваа едукација е поблиско запознавање на населението, а особено младата популација со финансиите и економијата. Од страна на АСО беа извршени презентации преку кои беше претставена финансиската услуга осигурување и бенефитот од истата.
Преку објаснување на осигурителни поими и давање на практични примери на учениците им беа доближени основните поими на осигурувањето,правата и обврските на осигурениците како корисници на осигурителни производи и услуги.
И по затварањето на овој светски настан, АСО презема иницијатива и ќе започне со сопствен проект за финансиска едукација. Во иднина се предвидува изработка и печатење брошури, прирачници, и други поучни материјали кои ќе бидат наменети првенствено за младата попоулација но и за пошироката јавност и се очекува да имаат позитивно влијание придонесувајќи за општото добро и економијата во државата. Основната тематика што ќе се разработува во поучните материјали ќе опфати повеќе аспекти од сферата на осигурувањето.
Преку овие проекти ќе се зголеми транспарентната улога на Агенцијата за супервизија на осигурување, а и јавноста ќе се стекне со јасна слика за тоа што претставува Агенцијата за супервизија на осигурување и кои се нејзините основни цели и задачи како регулаторна инситуција во државата.
Глобална недела на пари
Глобална недела на пари, оваа година се одржува од 10 до 17 март, а учество ќе земат околу 2 милиони деца од над 100 земји во светот. Сите тие ќе се вклучат во активностите кои ќе бидат организирани од над 500 институции и организации. Нашата земја исто така, активно се вклучи во овој светски настан.
Глобалната недела на пари во Македонија е дел од активностите што Координациското тело за финансиска едукација во кое членуваат: Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија ги презема како дел од светската недела на пари, која пак е во организација на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади (Child and Youth finance international.)
Целта на оваа организација е да ги поттикне децата и младите да инвестираат во нивната иднина со тоа што ја потенцира важноста на раната финансиска едукација за да им помогне на децата да станат свесни за нивните финансиски права, да ја олесни пристапноста до финансиските услуги и да ги развие нивните финансиски вештини.
Агенцијата за супервизија на осигурување ги започна активностите во рамките на глобалната недела на пари одржувајќи презентација пред 60 ученици од средното стручно училиште Арсени Јовков во Скопје.
Одбележување на Денот на осигурувањето
Агенцијата за супервизија на осигурување, на 1-ви ноември, 2013 година, во 10ч. во хотелот “Александар Палас”, одржа свечена манифестација по повод Денот на осигурувањето. На настанот свечено обраќање имаа г. Зоран Ставрески, Заменик Претседател на Владата и министер за финансии, г. Климе Попоски, претседател на Совет на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето и г. Зоран Нарашанов, претседател на Управниот одбор на Национално биро за осигурување.
Во рамки на свечениот дел од страна на претседателот на Агенцијата за супервизија на осигурување, г. Климе Попоски беа доделени Плакетата за најдобар истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во Република Македонија за 2013 година и единаесет (11) Уверенија за положен стручен испит за добивање на дозвола за работа како овластен актуар (трета генерација на актуари).
Веднаш по свечениот дел, беше прогласена за отворена и Петтата меѓународна конференција за осигурување, под наслов “Предизвици на осигурителната индустрија во Република Македонија“ организирана од Националното биро за осигурување. На Конференцијата присуствуваа и претставници од Агенцијата за супервизија на осигурување кои земаа активно учество во панел дискусиите и исто така, учествуваа со презентација за состојбата на осигурителниот пазар во Република Македонија.
Спроведена обука за вработените во Агенцијата за супервизија на осигурување
Во насока на ефикасно спроведување на своите законски надлежности и активности, Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) континуирано вложува во заjакнување на човечките ресурси преку воспоставување и имплементација на систем на континуирана едукација и стручно усовршување на вработените. Во рамки на активностите за развој на овие ресурси Агенцијата спроведува редовни обуки во земјата и странство.
Во периодот 4-5 ноември 2013 година, во седиштето на АСО, од страна на експерти од Народната банка на Холандија (De Nederlandsche Bank- DNB) беше реализирана обука чија цел беше да се пренесе знаење и искуство на супервизорите од Холандија за спроведување на супервизија врз субјектите на осигурување. Оваа обука беше последна во пакетот на обуки со DNB за оваа година, и се одржа во рамки на проектот за техничка помош меѓу АСО и DNB.
Исто така, во рамки на проектот беа организирани уште две обуки за вработените во АСО. Првата обука се однесуваше за спроведување на вонтеренска супервизија и истата беше одржана во периодот 22-23 јули 2013 година, во седиштето на DNB, во Амстердам, Холандија. На оваа обука, од страна на експертите од DNB беше презентиран начинот на кој тие ја вршат вонтеренската супервизија. Во периодот 16-17 септември 2013 година во седиштето на АСО, беше спроведена обука за начинот и постапките за спроведување на ризично базирана супервизија.
Преку соработката со DNB Холандија, супервизорите од АСО се стекнаа со знаење и искуства кои понатаму ќе им помогнат за унапредување и усовршување на начинот на вршење на супервизија врз субјектите на осигурување во Р. Македонија.
Потпишан меморандум за соработка меѓу АСО и ФЗОМ
На 13 декември 2012 година, Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) и Фондот за здравствено осигурување на Р.Македонија (ФЗОМ) потпишаа Меморандум за соработка.
Со Меморандумот се уредува меѓусебната соработка помеѓу АСО и ФЗОМ поврзана со размената и употребата на информации меѓу двете институции.
Одбележување на Денот на осигурување
Агенцијата за супервизија на осигурувањето го одбележа Денот на осигурување со пригодна свеченост која се одржа во Музеј на македонската борба за државност и самостојност, Скопје. На овој свечен настан беа поканети високи државни претставници, претставници од осигурителната индустрија и претставници од различни институции и тела со кои Агенцијата има професионална соработка.
Во своето обраќање претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, д-р Климе Попоски, истакна дека во услови на актуелната должничка криза Македонија има еден од најдинамичните пазари во регионот, наспроти тоа што најголем дел од половината од земјите од Југоисточна Европа остваруваат негативни стапки на раст на пазарот на осигурување. Воедно, пазарот на осигурување во Македонија е стабилен со умерена концентрација, која овозможува дејствување на пазарните механизми и висок степен на исполнување на минималните барања.
Исто така, г. Попоски истакна дека во периодот што следува најголем предизвик на Агенцијата ќе биде заштита на потрошувачите и во таа насока и ќе се донесуваат нови подзаконски акти кои ќе се однесуваат на заштитата на правата на осигурениците и корисниците на осигурителните услуги што всушност е и еден од главните приоритети на Агенцијата.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој присуствуваше на свеченоста, здравиот финансиски систем е услов за ефикасна алокација на ресурсите и трајна доверба во финансиските институции. Затоа во земјава континуирано се вложуваат напори за јакнење на финансискиот систем преку обезбедување на подобра регулативна рамка, прудентна супервизија и ефикасна заштита на потрошувачите, истакна г. Ставрески, поздравувајќи го успешното тригодишно работење на Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Исто така, г. Ставрески во своето обраќање објасни дека пазарот на осигурување во Р. Македонија во последниве три години се карактеризира со постојан раст кој се очекува да продолжи и во следните години , а ваквиот резултат пред се сé должи на здравите макроекономски политики, добро дизајнираната регулатива и ефикасната супервизија.
Г. Трајче Латиновски, главен извршен директор на ТРИГЛАВ осигурување АД Скопје и претседател на Здружението на осигурување при Стопанската комора на Р. Македонија го поздрави промовирањето на 1-ви Ноември како Ден на осигурувањето во Р.Македонија и изрази надеж за оформување на професионално здружение на осигурителниот бизнис, кое ќе продолжи да ги организира активностите за одбележување на Денот на осигурување
Во рамки на прославата беше доделена награда за млад истражувачки труд од областа на осигурувањето и управувањето со ризик. На Конкурсот беа пријавени 5 трудови за наградата за млад истражувачки труд од областа на осигурувањето и управувањето со ризик која годинава му беше врачена на д-р Јордан Ќосевски, за трудот на тема: Влијанието на осигурувањето врз економскиот раст: случајот на Република Македонија.
Г. Волфганг Рорбах, професор на универзитети во Австрија и Унгарија, во своето обраќање на свеченоста, го истакна значењето на историјата на осигурување во однос на поимањето на концептот на осигурување и управување со ризици, при што посебно се осврна на историјата на осигурувањето на Балканот.
Во рамки на настанот, Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија организира изложба во Музејот на македонската борба за државност и самостојност.
На изложбата се поставени полиси поврзани со историскиот развој на осигурувањето во нашата земја, како и разновидни публикации и литература во врска со осигурувањето и управувањето со ризици.
Исто така, на изложбата се достапни промотивни материјали кои го изготви Агенцијата со цел едукација на јавноста и подигнување на осигурителната култура во Република Македонија. Изложбата е поставена во фоајето на Музејот на македонската борба за државност и самостојност и ќе биде отворена во периодот од 01.11.2012 година до 14.11.2012 година.
Дополнително, Агенцијата промовираше и промотивни материјали за осигурување на живот и осигурување на домаќинство, со цел да се придонесе кон зголемување на јавната свест за улогата на осигурувањето во приватниот и општествениот живот. Флаерите содржат податоци за основните поими кои се користат во осигурувањето, како и подетални објаснувања на овие два вида на осигурувања- осигурување на живот и осигурување во домаќинството.
Мисија на Светска Банка во Република Македонија, 20-22 јуни 2012
Во рамките на Проектот за развој на осигурителен пазар од катастрофални ризици (SEEC CRIF), во времетраење од три дена (20-22 јуни 2012 година), претставници од Светската банка и Европа Ре организираа серија на состаноци со друштвата за осигурување, Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и водостопанство, како и со други релевантни институции.Целта на овие состаноци беше да се добијат дополнителни информации за осигурителниот пазар во Македонија, како и да се зајакне соработката со релевантните институции за нормално одвивање на понатамошните проектни активности.
Целта на овој Проект е создавање на осигурителни производи за ризик од катастрофи и неповолни временски услови, при што посебен акцент во оваа мисија беше ставен на развој на осигурителни производи наменети за потребите на земјоделците. Со идентификување на ризикот кој го погодува земјоделското производство, Европа Ре ќе настојува да создаде соодветни осигурителни производи за земјоделскиот сектор во Македонија, а со тоа ќе придонесат за зголемување на пенетрацијата на осигурителниот пазар во Македонија.
Во целиот проект, улогата на Агенцијата за супервизија на осигурување е да дејствува како кординатор во комуникацијата со сите релевантни министерства, земјоделски организации како и со локалните друштва за осигурување. Исто така, Агенцијата за супервизија на осигурување е задолжена за развој на ризично базирана супервизија за осигурувањето од катастрофи, како и за развој на соодветна законска и подзаконска регулатива за вклучување на производите за осигурување од катастрофи и неповолни временски производи на македонскиот осигурителен пазар.
Повеќе информации на следниот линк.