Деловна средба со Македонското актуарско здружение “Актуар”
На 16 април 2010, Агенцијата за супервизија на осигурување одржа деловна средба со Македонското актуарско здружение “Актуар”. На средбата присуствуваа Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата, г. Климе Попоски и актуарите во својство на членови на Здружението.
На Агендата на активности беа поставени тековните активности на “Актуар” , неговите намери и цели за унапредување на актуарската дисциплина и нејзина соодветна примена во Република Македонија. Особено, беше потенцирано прашањето околу организирање на нов циклус на едукација, континуирано изучување и примена на актуарската наука, пришто г. Попоски во име на Агенцијата изрази безрезервна поддршка и помош. Во насока на зајакнување и продлабочување на соработката исто така, актуарите се обврзаа за активен придонес во изготвување и донесување на подзаконската регулатива согласно Законот за супервизија на осигурување, а подетално во делот кој го регулира работењето и известувањето од страна на актуарите.
Се очекува преку редовни средби и размена на информации и податоци значително да се придонесе за понатамошен развој на актуарството и осигурувањето во Република Македонија.