Агенцијата за супервизија на осигурување, во рамки на своите законски надлежности, континуирано ја следи состојбата и работењето на друштвата за осигурување и презема соодветни активности за обезбедување стабилност на осигурителниот сектор и заштита на правата и интересите на осигурениците и корисниците на осигурување.
Во однос на Друштвото за осигурување АЛТА ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје, имајќи ги предвид околностите поврзани со акционерот и настанатите околности во Република Србија, Агенцијата навремено ја разгледа состојбата и презеде активности во рамки на своите законски овластувања, со примарна цел да се заштитат осигурениците и да се обезбеди непречено функционирање на друштвото.
Врз основа на спроведена теренска супервизија, утврдено е дека друштвото АЛТА ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје засега ги исполнува законски пропишаните услови за работење. Притоа истакнуваме дека АЛТА ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје е самостојно правно лице основано во Република Северна Македонија, кое е под континуиран супервизорски надзор на Агенцијата.
Во овој момент, Агенцијата постапува согласно законски утврдени механизми и инструменти за постапување, кои ги применува во зависност од утврдените околности и во согласност со законските овластувања, со цел заштита на осигурениците и обезбедување стабилност на осигурителниот сектор.
Во однос на исполнувањето на законските услови за стекнување квалификувано учество во друштвото за осигурување ЗОИЛ Македонија АД Битоа, во интерес на целосно и точно информирање на јавноста, би сакале да појасниме дека Барањето за стекнување квалификувано учество во друштвото е доставено до Агенцијата на 1.12.2025 година а Решението за издавање согласност за стекнување квалификувано учество во друштвото е донесено од страна на Агенцијата на 19.2.2026 година односно постапката за издавање на согласност за стекнување на квалификувано учество не е спроведена во рок од два дена како што беше објавено во одредени медиуми, туку во период од два месеца во кој период, Агенцијата изврши детално разгледување и анализа на доставената документација, спроведе дополнителни проверки и прибра информации и мислења од надлежни регулаторни и други институции во Република Северна Република Северна Македонија и Република Србија релевантни за оценување на исполнетоста на законските критериуми.
Во врска со објавените информации за наводен конфликт на интереси во постапката на тргување со хартии од вредност, укажуваме дека Агенцијата, согласно своите законски надлежности, врши надзор над работењето на друштвата за осигурување и оценување на исполнетоста на законските услови за стекнување квалификувано учество, но нема надлежност за надзор над тргувањето со акции и функционирањето на пазарот на капитал.
Агенцијата ја цени улогата на медиумите како значаен партнер во информирањето на јавноста и градењето доверба во осигурителниот сектор. Во таа насока, остануваме отворени за соработка, комуникација и навремено споделување релевантни информации од наша надлежност, со заедничка цел јавноста да биде точно, објективно и целосно информирана за состојбите во осигурувањето.