Предизвици и трендови на глобалната осигурителна индустрија и нивното влијание на осигурителната индустрија во Македонија
Агенцијата за супервизија на осигурување на 11 септември 2015 година, организираше еднодневна конференција насловена „Предизвици и трендови на глобалната осигурителна индустрија и нивното влијание на осигурителната индустрија во Македонија“.
Конференцијата имаше за цел да ја запознае релевантната домашна јавност со глобалните трендови и предизвици во осигурителната индустрија.
На конференцијата беа присутни истакнати гости предавачи, претставници од регулаторни тела, локалната осигурителната индустрија, академската заедница и претставници од јавни институции од земјата.
На конференцијата свое воведно обраќање имаше г. Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Материјалите од Конференцијата се достапни на следниот линк
Одбележување на Денот на осигурувањето
Агенцијата за супервизија на осигурување, на 1-ви ноември, 2014 година, во 11ч. во хотелот “Александар Палас”, одржа свечена манифестација по повод Денот на осигурувањето. На настанот свечено обраќање имаа г. Климе Попоски, претседател на Совет на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, г-ѓа Весна Ѓорчева, заменик претседател на Здружение на осигурување и г. Златко Михајловски, претседател на Асоцијација на осигурително- брокерски друштва.
Во рамки на свечениот дел беше доделена награда за млад истражувачки труд од областа на осигурувањето и управувањето со ризик. На Конкурсот беа пријавени 5 трудови за наградата за млад истражувачки труд од областа на осигурувањето и управувањето со ризик која годинава и беше врачена на г-ѓа Благица Петрески, за трудот на тема: ”Емпириска анализа на ризиците и отпорноста на шокови на македонскиот осигурителен сектор”.
Исто така, во рамките на настанот беше промовиран водичот за корпоративно управување наречен „Насоки за воведување на добри практики на корпоративно управување во друштвата за осигурување во Р. Македонија”, подготвен во соработка со ИФЦ – Меѓународна финансиска корпорација, МИОД – Македонскиот институт на директори и SECO – Државниот секретаријат за економски прашања. Во делот на оваа проектна активност беше организирана обука за претставници на Друштвата за осигурување и АСО која имаше за цел на учесниците да им овозможи запознавање со основите начела на доброто корпоративно управување. По завршувањето на обуката за корпоративно управување, учесниците се стекнаа со сертификат (ниво 1) од областа на корпоративното управување, а истиот им беше доделен од страна на г. Климе Попоски на Денот на осигурувањето.
На овој настан, Агенцијата ја промовираше и детската игра ”Помалку ризик, повеќе забава” која ќе има за цел преку игра да ги научи најмладите за придобивките од осигурувањето и можноста за избегнување на ризиците и нивно справување.
Доделување на награди за најдобри ликовни и литературни творби по повод меѓународниот ден на штедење
Денес, во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на штедењето, а по повод распишаниот Конкурс за деца и млади од страна на Народната банка на Република Македонија и на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во просториите на Агенцијата беа доделени 12 рамноправни парични награди, од кои шест за ликовна творба на ученици од основното образование и шест за литературна творба на ученици од средното образование.
Наградите ги доделија гувернерот на Народната банка на Република Македонија, г. Димитар Богов, и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, г. Климе Попоски.
Освен наградените ученици, на настанот присуствуваа и учениците од основните и средни училишта коишто доставија литературни и ликовни творби на зададените теми: „И ЈАС УМЕАМ ДА ШТЕДАМ“, или „ШТО ЗНАЧИ ЗА МЕНЕ ОСИГУРУВАЊЕТО НА ДОМОТ И СЕМЕЈСТВОТО“.
Во завршницата на настанот, присутните имаа можност да ја разгледаат изложбата од литературните и ликовните творби.
Прес конференција за промоција на новото осигурување во земјоделството подржано од Европа Ре
На 15 септември, 2014 година во Скопје се одржа прес конференција за промоција на новото осигурување во земјоделството, подржано од Европа Ре друштво за реосигурување одговорно за имплементирање на програмата за осигурување од ризици од катастрофи и временски неприлики – Southeastern Europe Catastrophe Risk Insurance Facility (SEEC CRIF).
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, г.Климе Попоски имаше свое обраќање при што изрази огромно задоволство од промовирањето на новиот производ за индексно осигурување на остварени приноси од посеви во Македонија, наменет за продажба преку домашните друштвата за осигурување, а развиен од страна на Европа Ре.
Притоа, искажа задоволство од пристапот што го имаше Европа Ре во креирањето на новиот производ во кој се вградени најнапредни технологии за управување со ризици, применети се високи стандарди за акредитација на домашните друштвата за осигурување преку кои ќе се продаваат полисите а со тоа е направена и најдобра понуда за реосигурување што влева дополнителна сигурност во функционирањето на целиот систем. Тоа претставува дополнителна гаранција дека осигурениците ќе бидат фер и навремено обесштетени доколку нивните посеви претрпат штети под влијание на временските непогоди.
Во име на Агенцијата за супервизија на осигурување, како регулаторно тело на осигурителниот сектор, тој истакна комплетна поддршка за процесот на воведување на новиот осигурителен производ притоа истакнувајќи дека Агенцијата значително придонесе во неговото креирање. На овој начин, во рамки на својата мисија за развој на пазарот на осигурување, Агенцијата активно се вклучи во креирање соодветни услови и амбиент за понатамошен развој на осигурувањето во земјата што во континуитет треба да придонесе за раздвижување на економскиот развој и просперитет и благосостојба на граѓаните.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, г.Климе Попоски даде објаснување за производот укажувајки дека индексираното осигурување на остварени приноси од посеви е познат модел во светот кој за првпат ќе биде применет во РМ. Тоа е уникатен пристап во осигурувањето во земјоделство преку кој сите земјоделци на ниво на една општина се третираат подеднакво. Клучната новина во пристапот е во делот на исплатите на отштетните побарувања кои ќе се вршат автоматски, наместо како досега со примена на теренска проценка на штети и загуби на поединечни парцели. На ваков начин, дополнително се поедноставува целиот процес и значително се добива на квалитет при исплата на штети, со што земјоделците добиваат дополнителна сигурност. Нагласи дека според направени истражувања, регионот на Југоисточна Европа, во кој припаѓа Македонија, е еден од регионите кој е подложен на силни влијанија на климатските промени, кои можат да предизвикаат поплави, суши, лизгање на земјиште, болести на земјоделски култури и друго, при што штетите се пресметуваат во милиони долари годишно.
Досегашната практика јасно покажува дека најефикасен начин како да обезбедиме долгорочна сигурност е осигурувањето како форма на финансирање на ризици од евентуални штети кои би биле предизвикани од природни непогоди. На крај на своето обраќање г. Попоски апелираше до сите фармери да ги искористат придобивките што ги нуди овој осигурителен производ, како и субвенциите од државата и да ги осигураат своите посеви со што ќе ја обезбедат финансиската сигурност на своите семејства.
Информација за реализирани настани во организација на Агенцијата за супервизија на осигурување
Во периодот од 2 до 5 јуни 2014 година Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) се јави како организатор и домаќин на повеќе настани од регионално и меѓународно значење за супервизијата на осигурувањето. На настаните присуствуваа вкупно 81 претставници и учесници од регулаторни тела и претставници од медиумите од Македонија.
Во рамките на горенаведениот период се одржаа следниве настани:
- Седми состанок на Иницијативата за супервизија на осигурувањето на земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (CESEE Insurance Supervision Initiative)- 3 јуни 2014 година
Целта на Иницијативата за супервизија на осигурување на земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (CESEE) е размена на искуства во делот на спроведување на супервизија на друштвата за осигурување како и хармонизирање на законската и подзаконската регулатива во областа на осигурувањето. Состаноците на иницијативата се одржуваат на највисоко ниво, 2 пати во текот на годината, и оваа година првиот состанок се одржа во организација на АСО.
На состанокот беа присутни вкупно 52 учесници- претставници од регулаторните тела од земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, како и еминентни професори од областа на осигурувањето и управувањето со ризици.
Дискутираните теми на состанокот ги опфаќаа следниве области:
- Супервизорски колеџи,
- Предизвиците на супервизорите во спроведувањето на барањата за групно управување,
- Искуството од либерализација на пазарот за автоодговорност,
- Улогата на осигурителниот супервизор во однос на договорите за осигурување и однесувањето на осигурителниот пазар.
- Редовен состанок на Супервизорскиот форум на Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори (IAIS) – 3 и 4 јуни 2014 година
Супервизорскиот форум претставува тело во кое членуваат високи претставници на супервизорски тела на 20 земји од светот чија што цел е воспоставување на глобални стандарди за ефикасно спроведување на супервизија. Ваквите состаноци се одржуваат неколку пати годишно, а на состанокот кој се одржа во Охрид беа присутни 9 претставници од земјите членки на Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори (IAIS).
- Актуарска конференција за осигурителни супервизори – 4 јуни 2014 година
За прв пат во земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, по иницијатива на АСО, се организираше Актуарска конференција со еминентни предавачи во состав на академски професори, претставници од Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори (IAIS) и Регулаторот за осигурување на ЕУ (EIOPA).
Актуарите имаат важна улога во спроведувањето на супервизијата во однос на прашањето за финансиската стабилност и солвентност на друштвата за осигурување, па затоа треба да им се оддаде посебно внимание во областа на осигурувањето. Конференцијата имаше за цел да ги собере актуарите и супервизорите од регулаторните тела во регионот со цел да се обезбеди размена на искуства и понатамошно промовирање на актуарската професија.
Заинтересираноста за актуарската конференција беше значителна и на неа присуствуваа 51 учесник од различни професии од областа на осигурувањето, меѓу кои најголемиот дел беа актуари.
На Актуарската конференција беа обработени следниве теми:
• Актуарите и корпоративното управување
• Влијанието на актуарската работа на супервизијата на осигурителните работи
• Развој на актуарската професија во земјите во развој
г-ѓа Гордана Летица- Член на одборот на супервизорското тело за финансиски пазари на Хрватска (HANFA) |
![]() |
г. Вок Жан Квон – Факултет за управување со ризици, St.John University, New York
|
![]() |
- Работилница на тема ”Медиумите и осигурувањето”- 05 јуни 2014 година
Работилницата имаше за цел да ги запознае претставниците на медиумите со најзначајните теми и предизвици во областа на осигурувањето во земјата и беше посетена од 13 претставници од медиумите од Р. Македонија.
На оваа работилница беа обработени следниве теми:
- Улогата на Агенцијата за супервизија на осигурување,
- Пазарот на осигурување во Р. Македонија,
- Законската регулатива во Р. Македонија со посебен осврт на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот,
- Актуелни прашања од областа на осигурување.
Овие исклучителни настани беа организирани во соработка со Централната банка на Унгарија (Central Bank of Hungary- MNB), Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори (IAIS) и Регулаторот за осигурување на ЕУ (EIOPA).
Преку организирањето на вакви настани се поттикнува соработката меѓу регулаторните органи и се придонесува за понатамошен развој и унапредување на функцијата на супервизорските тела.
Испит за застапници на осигурување 12 и 13.05.2014
Агенцијата за супервизија на осигурување ги информира лицата кои се пријавиле на обука и испит за застапници во осигурување, и тоа:
- Испит за застапници во осигурување ќе се спроведе на 12.05.2014 година во просториите на Европски Универзитет со почеток во 15:30 часот. Списокот на кандидати за испит за застапници во осигурување може да се превземе тука; и
- Испит за застапници во осигурување ќе се спроведе на 13.05.2014 година во просториите на Европски Универзитет со почеток во 15:30 часот. Списокот на кандидати за испит за застапници во осигурување може да се превземе тука.
Испит за осигурителни брокери 13.05.2014
Агенцијата за супервизија на осигурување ги информира лицата кои се пријавиле на обука и испит за осигурителни брокери, и тоа:
- Испит за осигурителни брокери ќе се спроведе на 13.05.2014 година во просториите на Европски Универзитет со почеток во 15:30 часот. Списокот на кандидати за испит за осигурителни брокери може да се превземе тука.
ПРВА ОБУКА НА АКРЕДИТИРАНИ ЗАСТАПНИЦИ ЗА ПРОДАЖБА НА ПРОИЗВОДИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ОД ЗЕМЈОТРЕС ПОДДРЖАНИ ОД ЕВРОПА РЕ
Реализацијата на новата пазарна инфраструктура на системот за осигурување од ризици од природни катастрофи и временски непогоди, создаден и поддржан од Европа Ре – специјализирано друштво за реосигурување од природни катастрофи со седиште во Цуг, Швајцарија, се наоѓа пред самиот почеток. Како дел од подготовките за отпочнување на програмата Европа Ре на македонскиот осигурителен пазар, тимот од Европа Ре ја одржа првата обука за акредитирање на застапниците во осигурување за продажба на нови и иновативни осигурителни производи за заштита од земјотрес На настанот, кој се одржа во хотел Солун, Скопје на 28 март 2014 година, присуствуваа застапници во осигурување, експертите и локалниот тим на Европа РЕ, како и претставници од Агенцијата за супервизија на осигурување, Центарот за управување со кризи и Швајцарската Канцеларија за Соработка кои имаа можност да ја отворат обуката со поздравни говори.
Главната цел на оваа обука беше претставување на новите станбени и комерцијални осигурителни производи за заштита од земјотрес како и презентација на специјално дизајнираните интернет платформи за нивно користење и управување. Експертите од Европа Ре детално ја претставија програмата во однос на следниве главни : 1) Презентација на програмата на Европа Ре, 2) Презентација на “Swiss Visual Pro” производите – Станбено и комерцијално осигурување од земјотрес, 3) Вовед во функционалноста на порталот за јавно информирање и подигнување на свеста за природни непогоди – CATMonitor, 4) Презентација на едноставниот кориснички интерфејс за прием во осигурувањето.
Обуката беше одлично прифатена од присутните, а значителен дел од времето беше искористен и за тестирање на интернет платформите од страна на застапниците. На крај на настанот беа доделени и сертификати од Европа Ре за акредитација на застапниците во осигурување за продажба на новите производи за осигурување од земјотрес.