Во периодот 17 – 18 октомври 2024 година вработени во стручните служби на Агенцијата беа во работно-едукативна посета на надлежниот осигурителен супервизорски орган на Р.Словенија – AZN. Во рамките на воспоставената долгогодишна плодна соработка на нашите две институции, целтта на конкретната посета реализирана на наше барање, е стекнување на практични знаења, совети, и искуства, околу надлежностите и улогата на осигурителниот супервизорски орган во контролата на примената на барањата на меѓународниот стандард за финансиско известување за договори за осигурување, МСФИ 17.
Вложувањата на граѓаните во патничко осигурување за патување во странство во јуни, јули и август достигнале 2 милиони евра, што е за 6% повеќе од истиот период лани. Истовремено износот на исплати за штети покриени со патничко осигурување, за овој период, е зголемен за 89% и достигнал 560.000 евра
Над 220.000 граѓани купиле патничко осигурување во летните месеци (јуни, јули и август), а најголем дел од нив го користеле за годишен одмор во странство. Вкупниот број на издадени осигурувања за патување во странство во овие три месеци изнесува 220.860, а во нив осигурениците вложиле 125,65 милиони денари (2 милиони евра).
Вкупните вложувања во патничко осигурување во летниот период годинава се за 6 отсто повисоки од истиот период лани, покажуваат официјалните податоци кои сите осигурителни компании ги доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Вредно за истакнување е тоа што во овој период граѓани кои имаат патничко осигурување од компаниите за осигурување наплатиле 34,46 милиони денари (560.000 евра). Со тие пари осигурителните компании им надоместувале медицински трошоци настанати за време на престојот во странство, изгубен багаж или некој друг од ризиците што го покрива патничкото осигурување.
Годинава во трите летни месеци (јуни, јули и август) осигурениците наплатиле 89 отсто повеќе средства за покривање штети настанати при патување во странство, во споредба со истиот период лани кога осигурителните компании исплатиле 18,23 милиони денари (296.000 евра).
Сите 11 осигурителни компании за трите летни месеци исплатиле штети покриени со патничко осигурување на повеќе од 35.300 граѓани кои патувале во странство. Бројот на исплатени штети во месеците јуни, јули и август годинава е за 14,5 отсто повисок од бројот на штети во истиот период 2023 година.
Што се однесува на продажбата на месечно ниво од податоците е евидентно дека најголема била побарувачката за патничко осигурување во јули. Тој месец граѓаните вложиле 44,79 милиони денари (над 728.000 евра) за да купат патничко осигурување.
Соодветно на тоа во јули најголем е и бројот и износот на исплатени штети. Така во јули 14.460 осигуреници наплатиле 14,9 милиони денари (над 242.000 евра).
Од доброволните осигурувања најпродавано останува да биде осигурувањето имот со вложувања од 3 милиони евра за еден месец пред каско осигурувањето со 2 милиони евра и здравственото осигурување со 1,7 милиони евра. Јули е рекорден според продажба на неживотно осигурување пред се затоа што значајно расте продажбата за задолжителното автомобилско осигурување, а тоа е резултат на регистрирани над 85.000 возила за само еден месец
Вложувањата на граѓани, институции и компании во неживотни осигурувања во јули достигнаа 1,29 милијарди денари (21 мил.евра). Ова претставува рекордно односно највисоко месечно ниво на вложување во осигурителни производи во првите седум месеци годинава, покажуваат официјалните месечни податоци што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат сите 11 осигурителни компании кои продаваат неживотни осигурувања.
Досега месеци со највисоки вложувања во осигурувањето, според официјалните податоци, беа јануари и јуни со по 1,22 милијарди денари (19,8 мил.евра). Побарувачката за осигурување во јули е за 13 отсто повисока од продажбата на осигурување неживот во јануари и во јуни.
Од сите класи на доброволни осигурувања, очекувано, најмногу пари се вложени во осигурување имот. Граѓани, фирми и институции склучиле над 14.000 договори во кои вложиле 184 милиони денари (3 милиони евра).
На второ и трето место според продажбата на доброволни осигурувања во јули беа каско осигурувањето за моторни возила и приватното (дополнително) здравствено осигурување. Во осигурување на штети врз своите возила (каско) осигурениците во јули вложија 126,3 милиони денари (2,05 мил.евра). Тоа е раст од 9 отсто во однос на јуни годинава.
Од продажбата на приватно здравствено осигурување компаниите акумулирале 105,5 милиони денари (1,7 мил.евра). Продажбата на овој производ во јули е за нијанса помал во однос на продажбата во јуни годинава.
Вредно за истакнување е дека во ек на сезоната на летни одмори продажбата на патничко осигурување достигна ниво од 44,8 милиони денари (728.000 евра). Тоа е 16 отсто повеќе во однос на претходниот месец односно јуни. Раст на продажбата на патнично осигурување од 6 отсто има и во однос на јули лани.
Во најголемата осигурителна класа осигурувањето од автомобилска одговорност, која е воедно и задолжителна со закон со цени регулирани од државата, има најголем раст на продажбата. Во јули компаниите од продажба на полиси (задолжително осигурување кое се купува при регистрации, зелена карта при возење во странство и гранично осигурување за странци кои возат низ Македонија н.з.) инкасирале 693,4 милиони денари (11,3 мил.евра). Во споредба со истиот месец лани во јули годинава продажбата е зголемена за над 60 милиони денари (1 мил.евра).
Продажбата на зелена карта (осигурување за возење во странство) во јули надминала 3 милиони евра и е за 8 отсто повисока од истиот месец лани.
Клучен генератор на растот на продажбата е осигурувањето за возење во земјава (ЗАО -задолжителното осигурување од автомобилска одговорност кое се продава при регистрација на возилта н.з.).
Продажбата на ова осигурување (чија цена е регулирана од Владата) во јули изнесува 473 милиони денари (7,7 мил.евра) и тоа е за 11,3 отсто повеќе од јули лани. Со оглед на тоа дека не се променети цените на ЗАО растот на приходите од продажба е генериран од зголемениот број на регистрирани возила во Македонија.
Во јули годинава, според податоци на Националнот биро за осигурување (НБО) се регистрирани над 85.000 возила. Тоа е за 12 отсто повеќе регистрирани возила во јули годинава во споредба со јули 2023 година.
Сопствениците на возила, во првата половина од годинава, вложиле 43,1 милиони евра во задолжително oсигурување од автомобилска одговорност како и во зелена карта. Во осигурувањето за возење во странство (популарно познато како зелена карта) граѓаните и компаниите вложиле 10,2 милиони евра за шест месеци. Сите цени за задолжителното автомобилско осигурување и за зелена карта ги регулира државата. АСО, Министерството за финансии и осигурителната индустрија работат на подготовките на процесот за либерализација на цените на автомобилското осигурување што е и еден од условите во пристапните преговори за членство во ЕУ
Граѓани, компании и институции осигурале речиси 351.000 возила (патнички и товарни возила, автобуси, моторцикли, трактори, приколки и специјални возила) во периодот јануари – јуни годинава. Вкупниот број возила за кои сопствениците купиле полиси за задолжително осигурување од автомобилска одговорност во 2023 година е зголемен за 6,3 отсто во споредба со 2022 година, покажуваат прелиминарните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги достави Националното биро за осигурување (НБО).
Сите 12 осигурителни компании во првите шест месеци издале над 468.000 полиси за осигурување (ЗАО и зелена карта) и за превземањето на ризиците наплатиле 2,65 милијарди денари (43,1 мил.евра). Податоците на НБО покажуваат дека бизнисот со осигурување од автомобилска одговорност во првата половина годинава пораснал за 6 отсто во споредба со истиот период 2023 година.
Секое трето осигурано возило има и зелен картон – осигурување кое овозможува возење во странство. Во првите шест месеци сите 12 осигурителни компании издале повеќе од 117.000 зелени карти. Бројот на издадени зелени карти лани е за нијанса , односно за 2 отсто, помал од бројот на издадени зелени карти во истиот период лани. Но од друга страна вложувањата во зелена карта годинава се за 4,5 отсто повисоки од истиот период лани.
Зелената карта е осигурување кое служи за обештетување на трети лица доколку се случи сообраќајна незгода или несреќа во странство. Специфика на зелената карта е тоа што во некои земји нема утврдена максимална сума за човечки жртви во сообраќајна несреќа. Во таков случај осигурителната компанија што ја издала зелената карта ќе исплати износ без ограничување.
Само за споредба граѓани, компаниите и институциите за цела 2023 година купиле вкупно 958.528 полиси за осигурување возила во земјава и во странство. Во осигурување од автомобилска одговорност (за возење во земјава и во странство) во 2023 година се вложени 5,33 милијарди денари (86,75 мил.евра).
НБО е организација основана од осигурителните компании која има законски овластувања да ги врши работите предвидени со меѓународните спогодби за осигурување на сопствениците и корисниците на моторни возила од одговорност во сообраќајот. Воедно НБО ги претставува сите македонски компании за неживотно осигурување во меѓународните организации и институции за осигурување.
Во Македонија законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и зелената карта имаат регулирани цени кои ги утврдува и контролира Владата преку надлежна стручна интересорна комисија во која членуваат претставници на Министерството за финансии, НБО и на АСО.
Ве известуваме дека врз основа на Решение Бр. 14-1-1211 од 22.4.2024 година за издавање на дозвола за статусна измена – присоединување, Друштвото за осигурување ВИНЕР – Виена Иншуренс Груп Скопје се присоедини кон АДОР МАКЕДОНИЈА Скопје – Виена Иншуренс Груп.
Уписот на извршената статусна промена – присоединување во Централниот регистар на РСМ во согласност со Законот за трговските друштва е направен на ден 27.6.2024 година за што АДОР МАКЕДОНИЈА Скопје – Виена Иншуренс Груп ја извести Агенцијата до допис од 27.6.2024 година.
Речиси шест милиони евра за пет месеци наплатиле граѓани од нивните полиси за осигурување живот со кои имале можност и за штедење на уплатените средства. За смртни случаи покриени со ризико осигурување компаниите исплатиле 613.000 евра, а за осигурување со инвестициска компонента во овој период се исплатени 640.000 евра
Граѓаните наплатиле 443 милиони денари (над 7,2 мил.евра) од осигурување живот во првите пет месеци годинава, покажуваат официјалните податоци кои шесте компании за осигурување живот ги доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Во овој период од пет месеци над 2.500 граѓани добиле надомест за штетите кои биле покриени со полиси за осигурување живот издадени од пет компании за осигурување живот.
Најмногу средства во овој период се исплатени по полиси за осигурување живот со штедна компонента. Ова е најстариот производ на животно осигурување кој на нашиот осигурителен пазар се продава 20 години. Негова главна карактеристика е тоа што покрај осигурувањето живот нуди и штедење на вложените средства. Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства зголемени со камата за дадениот период. Во првите пет месеци годинава од ова осигурување граѓаните од компаниите за осигурување наплатиле 366 милиони денари (5,95 мил.евра). Во најголема мерка, во првите пет месеци, парите се исплатени на осигуреници на кои им завршил договорот за осигурување и ги повлекле нивните вложени средства зголемени за каматата.
На второ место според висината на исплатените средства во првите пет месеци, е осигурувањето со инвестициски компонента кое е популарно познато под називот „јунит линкд“ осигурување. Овој осигурителен продукт на граѓаните заедно со осигурување живот им овозможува и вложување на поголем дел од уплатените средства во удели на инвестциски фондови. Заради тоа што цените на уделите на инвестициските фондови зависат од светските берзи тие се подложни на промени. Токму таа карактеристика создава можност за пристојни па дури и солидни приноси од вложувањата, но носи и ризик кога паѓаат цените на берзите. Важно е да се знае дека со вложувањето во овој осигурителен продукт ризикот од вложувањето го носи осигуреникот. Со цел подобра информираност и поголема заштита на осигурениците АСО донесе правилник со кој дефинираше квантум на информации што мора да ги добијат осигурениците од продавачите на осигурување пред да одлучат да купат „јунит линкд“. Во првите пет месеци кај ова осигурување компаниите на осигуреници им исплатиле 39,35 милиони денари (640.000 евра).
Најмало учество во исплатените средства во овој период има осигурувањето без штедна компонента кои е популарно познато како ризико осигурување. Кај овој продукт осигуреникот го осигурување својот живот и доколку настане смрт во осигурениот период компанијата исплаќа осигурена сума на членови на негово семејство или на носители на правото на обештенување кои ги навел осигуреникот во својата полиса. Поради смрт на осигуреници во овој период компаните за осигурување живот исплатиле 37,7 милиони денари (613.000 евра) на нивни семејства или лица кои биле носители на правото на осигурување.
Вредноста на исплатените штети за приватно здравствено осигурување за првите пет месеци годинава пораснале за 28,5 % во однос на истиот период лани. Исплатите за каско осигурување се зголемени за 26%, а на приватното здравствено осигурување пораснале 28,5%. Компаниите за неживотно осигурување за пет месеци исплатиле над 58.400 штети
Осигурениците наплатија 324,4 милиони денари (5,3 милиони евра) од осигурителните компании за медицински трошоци покриени со нивните полиси за приватно здравствено осигурување во првите пет месеци годинава, покажуваат податоците кои осигурителите ги доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Осигурителните компании годинава исплатија 1,2 мил.евра повеќе пари за медицински трошоци покриени со осигурување во споредба со истиот период лани. Во зависност од видот на осигурување, премијата и осигурените суми осигурениците добиваат покритија за трошоци направени за приватни прегледи, испитувања, снимања и операции. Приватното здравствено осигурување е најпопуларен осигурителен продукт меѓу другото и затоа што се поголем број на компании го користат во нивните политики за привлекување работници, а воедно и за лојалност за вработените.
Во првите пет месеци вредноста на исплатените штети за сите класи неживотно осигурување изнесува 1,95 милијарди денари (31,7 мил.евра). Во однос на истиот период во 2023 година вредноста на штетите што ги исплатиле компаниите за осигурување е повисока за речиси 2 милиони евра односно за околу 7 отсто.
Процентуално највисок раст на исплатените средства за штети покриени со осигурување има кај патничкото осигурување. За првите пет месеци осигурителите за изгубен багаж, медицински трошоци при патување во странство и други штети покриени со тоа осигурување исплатиле 42,9 милиони денари (700.000 евра). Тоа е за 40 отсто повеќе од истиот период лани.
По приватното здравствено осигурување, од сите доброволни класи, најголема исплата на штети има за каско осигурени возила. За пет месеци нивните сопственици од пријавени штети наплатиле 303,5 милиони денари (4,9 мил.евра). И тоа е за 26 отсто повеќе од претходната година.
Во најголемата осигурителна класа, која воедно е и законски задолжителна, тоа е автомобилската одговорност се исплатени 998,4 милиони денари (16,2 мил.евра). И тоа е малку повеќе од половина од вкупно исплатените средства за штети покриени со осигурување.
Во првите пет месеци годинава 11 осигурителни компании за неживотни осигурувања исплатиле над 58.400 штети на осигуреници.
И во првите пет месеци годинава, како и претходно, најпопуларно осигурување останува да биде приватното здравствено осигурување, а најголемо добролно осигурување е осигурувањето имот. Значаен раст има и кај вложувањата во каско осигурување. Од настанати штети покриени со осигурување во овој период граѓани, компании и институции наплатиле речиси 32 милиони евра
Вложувањата во сите неживотни осигурувања за првите пет месеци година (јануари-мај) надминаа 5,5 милијарди денари (89,6 мил.евра). Вредноста на вложувањата во осигурување на граѓани, институции и компани годинава пораснала за 10 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат официјалните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат компаниите за неживотни осигурувања.
Во овој период расте и вредноста на исплатените штети покриени со осигурување. За првите пет месеци годинава осигурениците наплатиле 1,95 милијарди денари (31,7 мил.евра) од осигурителните компании. Вредноста на исплатените осигурени штети годинава е за 6 отсто повисока во однос на претходната година.
Клучните индикатори за вложувања во осигурување и за исплатени штети покажуваат дека индустријата бележи континуиран раст. При тоа расте обемот на осигурување, бројот на осигурени лица, ризиците превземени во осигурување како и вредноста на исплатените осигурени штети. Трендот докажува дека активностите на АСО во континуитет обезбедуваат предуслови за раст на продажбата на осигурување, но и зголемена заштита на осигурениците.
Од доброволните осигурувања најбаран и најбрзорастечки производ и понатаму е приватното (доброволно) здравствено осигурување. Во првите пет месеци во полиси за здравствено осигурување се вложени 687,7 милиони денари (11,2 мил.евра) Во споредба со истиот период лани вложувањата во здравствено осигурување се зголемени за 35 отсто.
Солиден раст има и кај каско осигурувањето на моторни возила. За пет месеци осигурителните компании продале полиси во вкупна вредност од 543 милиони денари (8,83 мил.евра) што е за 17 отсто подобар резултат од истиот период лани.
Најголема доброволна класа, според обемот на вложувања, останува да биде осигурувањето имот. За овој период граѓани, институции и компании вложиле 1,22 милијарди денари (19,82 мил.евра) и тоа е минимално зголемување за 2 отсто во споредба со претходната година.
Од најголемата класа, која воедно е задолжителна со закон, а тоа е осигурувањето од автомобилска одговорност (АО) во првите пет месеци компаниите инкасирале 2,21 милијарда денари (36 мил.евра). Вложувањата во ова осигурување пораснале за 7 отсто во однос на лани, а тоа се должи на зголемениот број осигурани возила во однос на истиот период лани.
Во првите пет месеци годинава компаниите за осигурување со своите клиенти склучиле над 676.000 договори за прием во осигурување. Бројот на склучени договори годинава пораснал за 5 отсто во однос на истиот период минатата година. Најмногу договори за осигурување, над 305.700, се склучени за осигурување од незгода. Тоа е производ наменет за колективно осигурување на вработени и ученици со кое се покриваат повреди на или надвор од работно место или училиште.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Координациското тело, ја организира редовната работна средба на регулаторите, приватниот и граѓанскиот сектор за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија. На средбата, заради поголема популаризација и користење на медијацијата како алатка за решавање одреден спор, предавање на тема: „Медијацијата како алатка за ефикасно и економично решавање на споровите, вклучително и во областа на финансиите“ одржа Јелисавета Георгиева-Јовевска, претседателка на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора.
Целта на предавањето е искуствата, пренесени на оваа презентација, да придонесат за поголема примена на медијацијата во доменот на финансиските услуги, како начин на поддршка на финансиската вклученост и заштитата на потрошувачите на финансиски производи и услуги.
Средбите коишто се одржуваат два пати во текот на годината овозможуваат редовен дијалог помеѓу финансиските регулатори, субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор вклучени во активностите за финансиска едукација. Размената на предлози и искуства за зајакнувањето на финансиската вклученост и заштитата на потрошувачите во финансискиот систем обезбедува успешно спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.
Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија обезбедува координиран пристап на национално ниво и стратегиска рамка во која се препознава значењето на едукацијата, се овозможува вклученост и координираност на сите засегнати страни и се утврдува мапа на активности за ефективно постигнување на целите.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ја охрабрува Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во Тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.
АСО како регулатор на пазарот на осигурување уште еднаш јавно информира дека е целосно неоправдан и без основа потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност.
Клучните аргументи против зголемување на цената се наведени во анализата што е доставена до надлежната комисија при Министерството за финансии.
Зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците. Напротив, ова зголемување на цените е само и исклучиво во функција на покривање на трошоците за оперативно работење на компаниите за осигурување.