Голема меѓународна конференција на актуелни теми од осигурувањето
Актуарски предизвици во претстојната либерализацијата на задолжителното автомобилско осигурување и нивниот придонес во финансиска инклузија се главните теми на големата меѓународна конференција која на едно место собра повеќе од стотина актуари и стручњаци од земјава, регионот и светот.
Станува збор за дводневната „2022 CEE & SEE Regional Actuarial Insurance Conference, First Congress Actuaires du Monde“ која денеска и утре се одржува во Скопје во организација на непрофитната меѓународна организација „Актуари на светот“ во која како ко-организатори учествуваат Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) и македонското актуарско здружение „Актуар“.
На отварањето на конференцијата денеска пред присутните претставници на македонската осигурителна индустрија, високи претставници на финансиските регулатори и стручњаци од странство и од регионот се обратија Фатмир Бесими, министерот за финансии и Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО.
Бесими пред присутните истакна дека особено значајно ќе биде да се соочат ризиците и придобивките од либерализацијата на осигурувањето од автоодговорност со цел да се избере најдобриот пат за постигнување на оваа цел, која истовремено подразбира и усогласување на нашата земја со прописите и праксата на ЕУ.
– На оваа конференција се разговара за навистина актуелна тема на која ќе бидат разменети искуства на претставници од стручната фела, а Министерството за финансии е секогаш подготвено да ги слушне експертите и нивните искуства и да ги согледа ефектите што ќе ја има либерализацијата за оваа класа на осигурување, која учествува со 41 % во вкупната бруто полисирана премија, рече министерот Бесими.
Во своето обраќање Шајноски говореше за значењето на актуарската професија за осигурителната индустрија и за активностите кои АСО ги превзема за зголемување на институционалниот капацитет на осигурителните компании преку актуелната обука за актуари. Осврнувајќи се на значењето на претстојниот процес за либерализација на осигурувањето од автомобилска одговорност Шајноски потенцираше:
– Либерализацијата за АСО ќе донесе повеќе обврски во однос на континуираното следење на финансиското здравје и капиталните можности на компаниите за осигурување. Важно е како краен резултат на овој исклучително важен процес, во координација во Министерството за финансии и Владата, да го дадеме правото на избор на осигурениците, а притоа и понатаму да имаме финансиски здрави осигурителни компании и задоволни корисници.
Таргет групата на посетители на конференцијата не се само актуарите, туку и поширок спектар на учесници од осигурителната заедница, претставници од пензиските друштва и креаторите на економските политики во земјата и странство. Затоа што работата на актуарите станува сé покомплексна и треба да има централно место во организационата поставеност друштвата за осигурување.
Актуари на Светот е непрофитна организација регистрирана во Франција во ноември 2020 година со мисија да овозможува привремена и доброволна помош на земјите во развој на кои им се потребни ресурси во областа на актуарството и управувањето со ризици.
Македонското Актуарско Здружение „Актуар” е стручна организација чија намера е да ги унапредува актуарските дисциплини, нивната практична примена и стручното усовршување и образование на актуарите.
Повеќе информации за конференцијата на следниот линк https://bit.ly/3DjiXWw
Финансиските регулатори потпишаа Меморандум за соработка во финтек-областа: Градиме систем за поддршка на развојот на финтек-секторот
На иницијатива на Народната банка, а заради создавање услови за поддршка на развојот на финтек-секторот, финансиските регулатори ‒ Народната банка (НБ), Министерството за финансии (МФ), Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), склучија Меморандум за соработка. Со Меморандумот се поставува систем преку кој регулаторите координирано ќе дејствуваат, секој во својата надлежност, во однос на спроведувањето на националната Стратегија за финтек-секторот чијашто прва верзија е веќе подготвена од Народната банка.
Меморандумот беше потпишан денеска од страна на гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на КХВ, Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски.
Со Меморандумот се предвидува формирање Комитет за поддршка на развојот на иновациите во финансискиот систем во Република Северна Македонија (Комитет за финтек-секторот), чии членови ќе бидат гувернерката, министерот за финансии и претседателите на КХВ, МАПАС и АСО. Со Комитетот ќе претседава гувернерот или министерот за финансии, а претседателството ќе ротира еднаш годишно. Покрај Комитетот за финтек-секторот, ќе се формираат и други оперативни тела коишто ќе работат на осмислување и спроведување на стратегиските активности за создавање приемчива финтек-околина. Предвидено е формирање и Поткомитет со по два члена од секој од финансиските регулатори, работни групи, како и Секретаријат.
Преку поставување висококоординиран институционален систем за финализирање и спроведување на првата национална финтек-стратегија, се очекува дека ќе се постигне синергија во вкупните резултати на ова поле. Првата национална финтек-стратегија би била готова оваа година и со неа би се дефинирале решенијата и политиките со кои ќе се поддржи развојот на иновативните технолошки решенија во финансискиот систем. Развојот на финтек-секторот е од големо значење за јакнењето на економијата на една земја, пред сѐ поради неговиот потенцијал за зголемување на финансиската инклузија. За граѓаните, развојот на финтек-секторот значи повеќе можности и поевтини финансиски услуги.
АСО: Бројот на претставки решени во корист на осигуреници зголемен 2,5 пати
Една од најособените, од вкупно 206, претставки што ги доби АСО е таа во која на осигуреник не му беше продолжено осигурувањето поради тоа што во меѓувреме му бил дијагностициран рак. АСО ги соочи двете осигурителни компании (од кои едната го предава, а другата го превзема осигуреникот) и ги разгледа условите и аргументите на трите страни. Случајот беше решен позитивно. При што двете компании се усогласија, а осигуреникот доби полиса за животно осигурување која го обезбедува кредитот
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) доби 206 претставки од незадоволни осигуреници за работата на осигурителни компании и други учесници на пазарот во 2021 година. Бројот на претставки од осигуреници лани е зголемен за 2,4 пати во споредба со 2020 година, покажуваат официјалните податоци на АСО.
Во овој период АСО, врз основа на претставки примени од незадоволни осигуреници, на три осигурителни друштва им изрече четири мерки од кои две се парични глоби.
Осигуреници минатата година поднеле претставки за 18 учесници на осигурителниот пазар, а кај 16 од нив бројот на поднесени жалби е поголем во споредба во 2020 година.
АСО реши 42 претставки во корист на осигурениците во 2021 година. Во однос на претходната година бројот на претставки решени во корист на осигуреници е поголем за 2,5 пати. Од сите поднесени претставки за 22 е утврдено дека се поднесени без основ, 12 се повлечени од подносителите, а 13 се во процес на постапување. Во корист на учесниците на осигурителниот пазар (компании, осигурителни брокери и други) се решени 65 претставки.
Најчесто, поточно во 79 случаи, осигурениците се жалеле на основот на кој се исплатуваат штети кои биле покриени со договори за осигурување. За висината на износот што осигурителните компании го понудиле за исплата на штета се пожалиле 52 осигуреници. Во овие случаи АСО нема надлежност да одлучува за висината на надоместокот, но ги утврдува условите и околностите. За роковите за обработка на штети се поднесени 16 претставки, а за рокот на исплата на штетата се жалеле 8 осигуреници. По други основи се поднесени уште 25 претставки.
Во 161 случај подносители на претставки се физички лица, а 39 претставки поднеле правни лица.
Најголем број претставки – 91 се поднесени за осигурани случаи од класата автоодговорност. За осигурување од незгода се поднесени 31 претставка, а за класата имот 21. За животно осигурување се поднесени 15 претставки, за приватно здравствено осигурување се поднесени 6 претставки. За другите осигурителни класи се поднесени 14 претставки.
Претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на осигурителната компанија за оштетното побарување или не добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разледува анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Од 21-27 март, 2022 година ќе се одбележи десеттото издание на Глобалната недела на пари
На светско ниво, Глобалната недела на пари се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година заради пандемијата, при што од 2021 година се одржува во организација на ОЕЦД. Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 175 земји во светот, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат финансиските, државните и образовните институции. Целта на Глобалната недела на парите е да ги поттикне младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на финансиската писменост и едукација, со што ќе се помогне тие да станат свесни за своите финансиски права, ќе им се олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе се развијат нивните финансиски вештини.
Финасиската едукација е составен дел од мисијата на АСО и традиционално, и оваа година ќе се вклучиме во прославување на Глобалната недела на пари и ќе ја промовираме финансиската писменост во нашата земја преку настани, публикации и партнерства. Сите активности се во насока да ја подобрат финансиската писменост преку подобра финансиска едукација.
Агенцијата ќе земе учество преку бројни активности на повеќе нивоа: промовирање на корисни содржини и давање совети на осигурениците преку порталот за едукација со акцент за заштита на нивните права и интереси, споделување на корисни и навремени информации преку интернет страната и социјалните мрежи, едукативни прашалници, анкети, организирање квиз, едукативни онлине предавања, ТВ настапи, промоција на добрите практики во доменот на финансиската едукација и финасиската инклузија, промовирање на улогата на друштвата за осигурување и посредниците во осигурување во финансиската едукација со цел да стане дел од нивното добро работење во однос на нивните финансиски клиенти, поттикнување на отчетноста и одговорноста на друштвата за осигурување и посредниците во осигурување, не само во обезбедувањето информации и совети за финансиски прашања, туку и во промовирањето на финансиската свест на клиентите.
Ова е одлична можност со свои активности и идеи да се вклучат субјектите на пазарот на осигурување!
- https://globalmoneyweek.org/regions/mena/11-partners.html
- https://edukacija.aso.mk/%d1%84%d0%b8%d0%bd%d0%b0%d0%bd%d1%81%d0%b8%d1%81%d0%ba%d0%b0-%d0%b5%d0%b4%d1%83%d0%ba%d0%b0%d1%86%d0%b8%d1%98%d0%b0/
- https://www.globalmoneyweek.org/gmw2022-launch.html
Не заборавајте да ги следите профилите на АСО на социјалните мрежи (Facebook, LinkedIn, Instagram)
НБО и АСО: Бегалците од Украина ослободени од плаќање гранично осигурување
Националното биро за осигурување (НБО) од својот гарантен фонд ќе ги покрие сите евентуални штети од украински возила што превезуваат бегалци до 30 јуни годинава. Одлуката ја донесоа со консензус сите 11 компании за неживотно осигурување
Сите лица со статус на бегалци од Украина на влез во нашата земја ќе бидат ослободени од плаќање на гранично осигурување. Оваа одлука ја донесе Националното биро за осигурување (НБО) во координација со Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) на иницијатива добиена од Владата.
– Со оглед на актуелната бегалска криза предизвикана од воениот конфликт во Украина и појавата на бегалци на нашата граница се создаде неопходна потребна од изнаоѓање општоприфатливо и системски засновано решение за прием на возила со бегалци кои немаат зелена карта и не се во можност да купат гранично осигурување. Успеавме да обезбедиме издржано решение во рамки на можностите и согласно со надлежностите и условите. Во оваа ситуација за посебно истакнување е хуманиот пристап, ажурноста и ангажманот на сите 11 друштва за осигурување. Искрено веруваме и се надеваме дека разумот ќе надвладее, а мирот ќе завладее и лицата со статус бегалци набрзо ќе се вратат во својата земја, истакна д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО.
Одлуката на НБО важи за сите возила со украински регистарски таблички кои превезуваат лица со статус на бегалци од Украина без разлика дали возилата ќе транзитираат низ македонска територија или ќе останат во нашата земја. Одлуката на НБО ќе важи до 30 јуни годинава.
При носењето на одлуката НБО, во координација со АСО, се водеше од универзалните начела за солидарност и пружање помош за бегалци од воени подрачја.
-Ова е наш придонес со кој им посакуваме добродојде на лицата од Украина со статус на бегалци. Со овој чекор веруваме дека макар и малку ќе придонесеме за олеснување на нивната моментална положба. Сите членки на НБО покажаа исклучително силна солидарност и единство во барањето и наоѓање на решение со кое требаше заеднички да придонесеме во ублажување на тешката состојба во која се наоѓаат овие лица со статус на бегалци , потенцираше Трајче Латиновски, директор на НБО.
Оваа одлука беше донесена со консензус на сите 11 осигурителни компании за неживотно осигурување кои работат на македонскиот пазар за осигурување. Одлуката на Управниот одбор на НБО ја поддржаа: „Триглав Осигурување“, „Евроинс Осигурување“, „Сава Осигурување“, „Кроација осигурување – неживот“, АДОР „Македонија ВИГ“, „Осигурителна полиса“, „Винер ВИГ“, „Еуролинк“, „Граве неживот“, „Уника“ и „Халк осигурување“.
Управниот одбор на НБО одлучи од својот Гарантен фонд да ги надомести сите евентуални штети во сообраќајот што би ги предизвикале тие возила во земјава.
Со оваа одлука осигурителните компании, НБО и АСО приклучувајќи се на иницијативата од Владата, во рамки на надлежностите и можностите, дадоа свој придонес за ублажување на состојбата на лицата бегалци од Украина.