Животот го осигурале над 260.000 граѓани, вложиле над 2 милијарди денари
За прв пат во 16 годишното постоење на животното осигурување вложувањата на граѓани надминаа 2 милијарди денари (32,5 мил.евра) во 2021 година. За одбележување е и тоа што лани бројот на лица кои имаат осигурување се зголеми за 95 отсто во однос на претходната 2020 година. Во значајна мерка тој раст се должи на врзувањето на новоиздадени банкарски кредити со животно осигурување.

Вкупните вложувања на граѓаните во животно осигурување минатата година надминаа 2 милијарди денари (32,5 мил.евра). Ова е рекордно односно највисоко годишно ниво на вложувања во животно осигурување од востановувањето на пазар за животно осигурување во 2005 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Повеќе од 260.000 граѓани имаат полиси за животно осигурување на крајот на 2021 година. Бројот на нови осигуреници лани е зголемен за 127.000 лица односно 95 отсто во споредба со бројот на лица кои имале животно осигурување во 2020 година.
Вложувањата во животно осигурување лани се зголемени за 261 милиони денари (4,2 мил.евра) во однос 2020 година.
Од вкупните вложувања во животно осигурување лани над 1,6 милијарди денари (26 мил.евра) се инвестирани во класично осигурување живот кое опфаќа: ризико осигурување и осигурување со штедна компонента.
Кај ризико осигурувањето се осигурува животот на осигуреникот и во случај на смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Кај овој вид осигурување доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија. Речиси 200.000 граѓани имаат ризико осигурување на крај на 2021 година.
Најмногу се инвестира во осигурувањето со штедна компонента. Овој продукт овозможува на осигуреникот по истек на договорот за осигурување своето вложување да го добие како заштеда со камата. Повеќе од 50.000 осигуреници имаат вакво осигурување живот и во овој продукт годинава се вложени 1,27 милијарди денари ( над 20 мил.евра).
Вложувањата во животното осигурување во кое ризикот од инвестирањето е на товар на осигуреникот (популарно наречениот јунит линкд продукт) лани достигнале 383,2 милиони денари (над 6 мил.евра). Тоа е за 27 отсто повеќе од 2020 година. Кај оваа класа парите се вложуваат во инвестициски фондови чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. Токму заради ризикот што го носат овие висококвалитетни инвестиции бројот на раскинати договори е повисок во однос на бројот на прекинати осигурување со штедна компонента.
Петте компании за осигурување живот во 2021 година исплатиле вкупно 595 милиони денари/9,7 мил.евра на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или по основ на ризик смрт.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
КОНКУРС ЗА ГОДИШНА НАГРАДА ЗА МЛАДИ ИСТРАЖУВАЧИ ЗА НАЈДОБАР ТРУД ОД ОБЛАСТА НА УПРАВУВАЊЕ СО РИЗИЦИ И ОСИГУРУВАЊЕ
Со цел стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија, како и афирмација на млади и стручни кадри, Агенцијата за супервизија на осигурување доделува годишна награда за 2022 година за истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија.
Годишната награда на Агенцијата за супервизија на осигурување изнесува 80.000 денари.
Трудот задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 15.000 зборови (без апстракт, библиографија и анекси) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување кое ги содржи следните основни делови:
- апстракт;
- осврт на консултираната современа странска и домашна, научна и експертска литература од областа која се истражува;
- опис на научно истражувачката методологија која се користи во трудот;
- анализа;
- заклучни согледувања и
- библиографија.
Право за учество на конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија до триесет и петгодишна возраст, односно до денот на доделувањето на наградата на 01.11.2022 година, учесниците не треба да имаат наполнети триесет и шест години. Учесниците кои имаат стекнато титула доктор на науки до денот на поднесувањето на трудот немаат право на учество на конкурсот.
Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или англиски јазик.
Голема меѓународна конференција на актуелни теми од осигурувањето
Актуарски предизвици во претстојната либерализацијата на задолжителното автомобилско осигурување и нивниот придонес во финансиска инклузија се главните теми на големата меѓународна конференција која на едно место собра повеќе од стотина актуари и стручњаци од земјава, регионот и светот.

Станува збор за дводневната „2022 CEE & SEE Regional Actuarial Insurance Conference, First Congress Actuaires du Monde“ која денеска и утре се одржува во Скопје во организација на непрофитната меѓународна организација „Актуари на светот“ во која како ко-организатори учествуваат Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) и македонското актуарско здружение „Актуар“.

На отварањето на конференцијата денеска пред присутните претставници на македонската осигурителна индустрија, високи претставници на финансиските регулатори и стручњаци од странство и од регионот се обратија Фатмир Бесими, министерот за финансии и Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО.

Бесими пред присутните истакна дека особено значајно ќе биде да се соочат ризиците и придобивките од либерализацијата на осигурувањето од автоодговорност со цел да се избере најдобриот пат за постигнување на оваа цел, која истовремено подразбира и усогласување на нашата земја со прописите и праксата на ЕУ.

– На оваа конференција се разговара за навистина актуелна тема на која ќе бидат разменети искуства на претставници од стручната фела, а Министерството за финансии е секогаш подготвено да ги слушне експертите и нивните искуства и да ги согледа ефектите што ќе ја има либерализацијата за оваа класа на осигурување, која учествува со 41 % во вкупната бруто полисирана премија, рече министерот Бесими.
Во своето обраќање Шајноски говореше за значењето на актуарската професија за осигурителната индустрија и за активностите кои АСО ги превзема за зголемување на институционалниот капацитет на осигурителните компании преку актуелната обука за актуари. Осврнувајќи се на значењето на претстојниот процес за либерализација на осигурувањето од автомобилска одговорност Шајноски потенцираше:
– Либерализацијата за АСО ќе донесе повеќе обврски во однос на континуираното следење на финансиското здравје и капиталните можности на компаниите за осигурување. Важно е како краен резултат на овој исклучително важен процес, во координација во Министерството за финансии и Владата, да го дадеме правото на избор на осигурениците, а притоа и понатаму да имаме финансиски здрави осигурителни компании и задоволни корисници.
Таргет групата на посетители на конференцијата не се само актуарите, туку и поширок спектар на учесници од осигурителната заедница, претставници од пензиските друштва и креаторите на економските политики во земјата и странство. Затоа што работата на актуарите станува сé покомплексна и треба да има централно место во организационата поставеност друштвата за осигурување.
Актуари на Светот е непрофитна организација регистрирана во Франција во ноември 2020 година со мисија да овозможува привремена и доброволна помош на земјите во развој на кои им се потребни ресурси во областа на актуарството и управувањето со ризици.
Македонското Актуарско Здружение „Актуар” е стручна организација чија намера е да ги унапредува актуарските дисциплини, нивната практична примена и стручното усовршување и образование на актуарите.
Повеќе информации за конференцијата на следниот линк https://bit.ly/3DjiXWw
Финансиските регулатори потпишаа Меморандум за соработка во финтек-областа: Градиме систем за поддршка на развојот на финтек-секторот
На иницијатива на Народната банка, а заради создавање услови за поддршка на развојот на финтек-секторот, финансиските регулатори ‒ Народната банка (НБ), Министерството за финансии (МФ), Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), склучија Меморандум за соработка. Со Меморандумот се поставува систем преку кој регулаторите координирано ќе дејствуваат, секој во својата надлежност, во однос на спроведувањето на националната Стратегија за финтек-секторот чијашто прва верзија е веќе подготвена од Народната банка.

Меморандумот беше потпишан денеска од страна на гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на КХВ, Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски.
Со Меморандумот се предвидува формирање Комитет за поддршка на развојот на иновациите во финансискиот систем во Република Северна Македонија (Комитет за финтек-секторот), чии членови ќе бидат гувернерката, министерот за финансии и претседателите на КХВ, МАПАС и АСО. Со Комитетот ќе претседава гувернерот или министерот за финансии, а претседателството ќе ротира еднаш годишно. Покрај Комитетот за финтек-секторот, ќе се формираат и други оперативни тела коишто ќе работат на осмислување и спроведување на стратегиските активности за создавање приемчива финтек-околина. Предвидено е формирање и Поткомитет со по два члена од секој од финансиските регулатори, работни групи, како и Секретаријат.

Преку поставување висококоординиран институционален систем за финализирање и спроведување на првата национална финтек-стратегија, се очекува дека ќе се постигне синергија во вкупните резултати на ова поле. Првата национална финтек-стратегија би била готова оваа година и со неа би се дефинирале решенијата и политиките со кои ќе се поддржи развојот на иновативните технолошки решенија во финансискиот систем. Развојот на финтек-секторот е од големо значење за јакнењето на економијата на една земја, пред сѐ поради неговиот потенцијал за зголемување на финансиската инклузија. За граѓаните, развојот на финтек-секторот значи повеќе можности и поевтини финансиски услуги.