Комитет за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е задржана
Финансискиот систем во земјава е стабилен, и покрај продолжената ескалација на геополитичките тензии создадени со воената инвазија на Русија врз Украина, како и глобалните предизвици поврзани со енергетската криза и високите стапки инфлација. Сепак, во услови на зголемена неизвесност уште повеќе е нагласена потребата за темелна процена на ризиците, соодветно управување со ризиците и натамошно градење капитал заради обезбедување поголем капацитет на финансиските институции за апсорпција на ризици. Надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат, да ги приспособуваат политиките во согласност со случувањата и да ја задржат финансиската стабилност којашто е приоритет. Ова се дел од констатациите од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на којашто се разгледаа најновите движења во финансискиот сектор.
Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски. Ова е инаку првата седница на Комитетот за финансиска стабилност од носењето на Законот за финансиска стабилност кон крајот на јули годинава. Со овој закон правно се врамува и Комитетот за финансиска стабилност, како меѓуинституционално тело одговорно за следење на спроведувањето на макропрудентната политика во земјава и за координација на активностите при идентификувањето и следењето на системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем и на финансискиот систем во целина при преземањето макропрудентни мерки и подготовката и управувањето со финансиска криза. Со Законот се предвидува формирање два поткомитета: Поткомитетот за следење на системските ризици и предлагање макропрудентни мерки и Поткомитетот за управување со финансиската криза.
Беше истакнато дека геополитичките тензии од воената инвазија на Русија врз Украина го влошуваат глобалниот амбиент, неповолно делуваат на економските изгледи и создаваат дополнителни притисоци врз цените на светските пазари на примарни производи и врз инфлацијата. Сево ова доведува до побавно постпандемично закрепнување и продлабочување на енергетската криза, којашто се одразува врз трошоците на живот, што ќе има соодветно влијание и врз активностите и профилот на ризичност во финансискиот сектор. За таа цел, неопходна е зголемена претпазливост при водењето на политиките, но и јакнење на добрите практики за управувањето со ризиците.
Осврнувајќи се на состојбите во банкарскиот сектор, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека и според најновите податоци заклучно со 30.9.2022 година, капитализираноста и ликвидноста на банкарскиот систем и натаму се на соодветно ниво, обезбедувајќи капацитет на банките за постојана кредитна поддршка на компаниите и домаќинставата, но и за апсорпција на можните неочекувани загуби од нивното работење. Таа истакна дека нефункционалните кредити се задржаа на историски ниско ниво.
„На 30.9.2022 година, стапката на адекватност на капиталот се зголеми за 0,4 процентни поени, до нивото од 17,7%, што претставува максимална вредност забележана во изминатите десет години. Банкарскиот систем традиционално одржува солиден обем на ликвидни средства, коишто му овозможуваат висока отпорност на шокови, но и капацитет за натамошна кредитна поддршка на реалниот сектор. Сепак, со оглед на ризиците од окружувањето, неопходна е зголемена претпазливост на политиките и јакнење на добрите практики за управувањето со ризиците од страна на банките. Во вакви услови на висока неизвесност и постепено зголемување на системските ризици, Народната банка презеде мерки со кои превентивно се јакне капиталната сила на домашните банки преку воведувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон Република Северна Македонија и изложеностите кон други земји. Состојбите внимателно се следат и доколку се оцени дека е потребно, ќе се преземат и други мерки за задржување на отпорноста и стабилноста на банкарскиот сектор“, рече Ангеловска-Бежоска.
„Министерството за финансии, како институција надлежна за работењето на финансиските и друштвата за лизинг, постојано го следи работењето во овој сегмент. Нивното учество во финансискиот систем сè уште е мало, сепак зголемувањето на активата во секторот финансиски друштва за 27,9 % и друштвата за лизинг за 15,4% укажува дека овие друштва имаат постојан раст во финансискиот сектор во земјава, а со тоа потребно е уште повнимателно следење на состојбите во нив“, рече министерот Бесими.
Тој додaде дека за зајакнување на регулаторната рамка за работење на финансиските друштва на пазарот на РС Македонија, како и за зголемување на довербата кај населението и компаниите за сериозноста и значајноста на овие финансиски институции, се подготвени измени и дополнувања на Законот за финансиските друштва, којшто е во владина процедура и се очекува дека ќе биде донесен во Собранието на почетокот на 2023 година.
„И покрај намалените показатели на пазарот на хартии од вредност, споредбено со минатата година, тој е стабилен, без поголеми ценовни осцилации, a Комисијата за хартии од вредност и натаму се грижи овој сегмент на финансискиот систем да функционира непрекинато и без нарушување“, истакна претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити.
„Со целокупното работење, КХВ како проактивен регулатор придонесува за почитување на признатите норми на супервизија и надзор заради одржување сигурен и транспарентен пазар и зајакнување на довербата кај инвеститорите. Истовремено поттикнавме издавање нови инструменти на пазарот на хартии од вредност, со што им одговоривме на барањата на инвеститорската јавност за диверзификација на ризикот од инвестирањето“, посочи Алити.
Претседателот на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ‒ МАПАС, Максуд Али, истакна дека тековните глобални состојби како пандемијата, енергетската криза, воениот конфликт, порастот на стапката на инфлација и движењата на финансиските пазари се препознаени како од МАПАС, како регулатор и супервизор, така и од пензиските друштва како носители на процесот на инвестирање, односно управување со средствата на пензиските фондови. Инвестициските циклуси се анализираат и се проценуваат преку активностите за следење на приносот и ризикот, поттикнувањето промена на прописите, процената на можностите за инвестирање и истовремено за преиспитување на ризиците воспоставени во супервизијата врз основа на оцена на ризици.
„Супервизијата врз основа на оцена на ризици што ја спроведува МАПАС ги следи квалитативните и квантитативните параметри на инструментите во кои се инвестираат средствата на пензиските фондови, диверзификацијата на инструментите, изложеноста по класи на средства, како и начинот на управување со ризиците од страна на пензиските друштва. Имајќи предвид дека пензиското штедење е штедење на долг рок и најголемиот дел од членовите во пензиските фондови во просек се млади, очекувањата и проценките се дека и оваа криза, како и претходните, е само еден периодичен циклус од долгорочниот период на инвестирање на средствата на пензиските фондови“, истакна Али.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски, во своето излагање нагласи дека во трите квартали од 2022 година продолжува растот на осигурувањата во двете групи, неживот и живот.
„Ова се одразува како во растот на обемот на полисираните премии и исплатените штети од осигурувањето, така и во поглед на вкупната актива и нето техничките резерви (обврските врз основа на договорите за осигурување). Агрегираните финансиски резултати за првите три квартали од 2022 година покажуваат значително подобрување на профитабилноста во двата пазарни сегменти, во споредба со првите три квартали од 2021 година. Конзервативните политики и регулативата за вреднување на техничките резерви и вложувањата на средствата коишто ги покриваат техничките резерви, како и високиот квалитет на инструментите коишто се вклучени во пресметката на капиталот на друштвата на осигурување, се добра основа и гаранција за зачувување на солвентноста во работењето на друштвата. Вкупната актива на шеснаесетте друштва за осигурување на 30.9.2022 година за првпат во историјата го надмина прагот од 500 милиони евра. Повеќе од 2/3 од вкупната актива се високо ликвидни финансиски инструменти, од кои над 200 милиони евра се вложувањата во државни хартии од вредност“, вели Шајноски.
На седницата беше истакнато дека сите финансиски регулатори ќе продолжат со натамошно координирано следење на состојбите и навремена размена на сите релевантни информации и дека се подготвени да реагираат соодветно на случувањата, секој во рамките на надлежностите на својот мандат. Се утврди дека сите регулатори на финансискиот систем имаат доволно инструменти што може да ги користат доколку е неопходно, со што се гарантира дека финансиската стабилност ќе биде задржана и во следниот период.
Нова брошура на АСО по повод “Деновите на финасиска писменост” ноември, 2022 година
[dflip id=”23358″ ][/dflip]
АСО додели награди и пофалници на ученици за цртежи и творби по повод деновите на финансиска писменост
АСО награди и пофали над 30 ученици од десетина основни и средни училишта ширум земјава и со тоа ги започна своите едукативни активности по повод деновите на финансиска писменост кои ги организираат сите регулатори на финансискиот пазар
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) награди девет ученици и издаде пофалници на уште 27 основци и средношколци кои креираа цртежи, есеи и песни на теми поврзани со значењето на осигурувањето. Со овој настан АСО ги започна активностите по повод седмицата на финансиска писменост, а воедно успешно го реализираше јубилејниот односно десети по ред Конкурс за избор на теми по повод 1 ноември – денот на осигурувањето.
На темите „осигурувањето ме заштитува од ризици“ , „моја инвестиција – полиса за осигурување“ и „осигурувањето е моја финансиска сигурност“ годинава АСО доби повеќе од 80 трудови од ученици од десетина градови и населени места ширум земјава.
По тој повод Крсте Шајноски, претседател на Советот на екпперти на АСО ги додели наградите и признанијата на учениците и ученичките од основните и од средните училишта.
Шајноски се заблагодари на сите пристигнати творби и им порача на децата дека тие сега се партнери на АСО во ширењето на финансиската писменост и во активностите за подигање на свеста за значењето на осигурувањето како за индивудуата така и за целото општество.
Со овој настан АСО ги започна активностите со кои се одбележуваат деновите на финансиска писменост кои ги организираат сите регулаторни тела од областа на финансиите (Народната банка, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување – АСО и Агенцијата за супервизија на капитално-финансирано пензиско осиурување МАПАС).
АСО во рамки на своите активности од почетокот на ноември има посети училишта во кои преку соодветни форми ќе едуцира ученици за значењето на осигурувањето, учество на ТВ емисија од едукативен формат, а ќе публикува и содржини на социјалните мрежи со изразена едукативна компонента за атрубитите на осигурителните производи и за заштитата на правата на осигурениците.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Над 278.000 граѓани го осигурале животот, за шест месеци вложиле една милијарда денари
Бројот на граѓани кои го осигурале својот живот според најновите податоци надмина 15 отсто од целото население, согласно со податоците од последниот попис спроведен лани. Од сите осигуреници 82 отсто имаат полиси со кои е осигурана смртта, но средствата не се враќаат на осигуреникот доколку ризикот не се случи. Другите 18 отсто вложуваат во осигурување живот со штедна компонента кое овозможува да ги добијат парите со одредена добивка по истекот на договорот за осигурување живот
Вкупните вложувања на граѓаните во животно осигурување во првите шест месеци годинава надминаа 1 милијарда денари (17,3 мил.евра) и тоа е за 17 отсто повеќе од истиот период претходната година. Од почетокот на годинава па до крајот на јуни склучени се над 34.000 договори за осигурување што е за 24,5 отсто повеќе во однос на претходната година, а полиси за осигурување живот имаат повеќе од 278.000 граѓани, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Од вкупниот број полиси дури 229.000 се за таканаречено ризико осигурување. Кај овој тип осигурување во случај на смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Но доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија. Бројот на граѓани кои имаат ризико осигурување пораснал за нешто повеќе од 29.000 во првите шест месеци годинава.
Од сите договори за осигурување живот над 45.000 се со штедна компонента . Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти.
Најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар е популарно нареченото „јунит линкд“ осигурување. Кај овој осигурителен производ ризикот од инвестирањето е на товар на осигуреникот, а дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. Во овој тип на осигурување има над 11.600 полиси.
Петте компании за осигурување живот во првите шест месеци годинава исплатиле вкупно 345 милиони денари (5,6 мил.евра) на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или по основ на ризик смрт.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.