Агенцијата за супервизија на осигурување со учество на Годишната средба на OECD/INFE во Ереван
Претставник на Агенцијата за супервизија на осигурување учествуваше на Годишната средба посветена на проектот на Техничката програма за финансиска едукација на ОЕЦД-ИНФЕ, која се одржа од 29 септември до 1 октомври 2026 година во Ереван, Република Ерменија.
На средбата учествуваа претставници на релевантни институции од земјите вклучени во програмата, со цел размена на искуства, добри практики и политики во областа на финансиска едукација, финансиска инклузија и заштита на потрошувачи.

Во фокусот на средбата беа можностите за унапредување на финансиската писменост, поттикнување на одговорно финансиско однесување и зајакнување на информирано донесување на одлуки при користење на финансиски производи и услуги. Беа разгледани резултатите од меѓународното истражување за финансиска писменост, инклузија и благосостојбата на возрасните, како и прашања поврзани со националните стратегии за финансиска писменост, нивното следење и евалуација, задолженоста на потрошувачите, користењето на дигиталните и социјалните медиуми во промовирање на финансиската едукација.
Особено значајно беше учеството на претставникот на Агенцијата за супервизија на осигурување како панелист во сесијата посветена на вклучувањето на осигурителните пазарни субјекти во иницијативите за финансиска писменост. Во рамки на панел-дискусијата беше истакнато значењето на финансиската и осигурителната писменост како дел од финансиската едукација и финансиската инклузија. Подоброто разбирање на осигурителните производи, ризиците, покритието и исклучоците и правата и обврските на осигурениците може да придонесе кон поголема финансиска отпорност и подобра заштита на осигурениците, корисниците на осигурителните производи и услуги и третите оштетени лица.

И З В Е С Т У В А Њ Е
По добиени реакции од осигуреници кои добиле известувањe од Евроинс Осигурување АД Скопје во врска со полиси за осигурување склучени со посредување на Осигурително брокерско друштво СН Осигурителен брокер АД Битола – во стечај, Агенцијата за супервизија на осигурување побара од Друштвото дополнителни појаснувања и даде насоки за правилно, точно и целосно информирање на осигурениците, со цел заштита на нивните интереси во согласност со важечките законски прописи.
Постапувајќи по укажувањата на Агенцијата, друштвото на својата интернет страница на ден 6.10.2026 година, објави Соопштение “ИЗВЕСТУВАЊЕ ДО ЈАВНОСТА ЗА ПОБАРУВАЊА ВО СТЕЧАЈНА ПОСТАПКА ОД СН ОСИГУРИТЕЛЕН БРОКЕР АД Битола – во стечај” .
Во Соопштението, Евроинс Осигурување АД Скопје изразува жалење доколку доставените дописи предизвикале недоразбирање или загриженост од страна на осигурениците во однос на целта и значењето на известувањата, ја појаснува целта на доставените дописи и нагласува дека известувањата не претставуваат барање за плаќање, опомена за плаќање или основ за преземање дејствија за присилна наплата кон осигурениците туку намената на доставените известувања е обезбедување на информации и докази за потребите на судска постапка што Друштвото ја води во врска со побарувања кои Друштвото ги има кон Осигурително брокерско друштво СН Осигурителен брокер АД Битола во стечај.
Агенцијата за супервизија на осигурување внимателно ја следи состојбата и во рамките на своите законски надлежности и презема соодветни активности заради заштита на правата и интересите на осигурениците.
Агенција за супервизија на осигурување
КОНКУРС ЗА УЧЕНИЦИ ОД ОСНОВНОТО И СРЕДНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ПО ПОВОД ДЕН НА ОСИГУРУВАЊЕ ‒ 1 НОЕМВРИ – НАУЧИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕТО И ПОКАЖИ ЈА СВОЈАТА КРЕАТИВНОСТ!
Финансиска едукација на учениците од основното и средното образование со поттикнување на нивната креативност во цртање и пишување на тема ОСИГУРУВАЊЕ.
