Седница одржана на 4 јули
1. Записник од 16-та седница на СнЕ на АСО одржана на 26 јули, 2024 година;
2. Барање за издавање на согласност за друштво за ревизија и донесување на Решение за давање согласност Друштво за ревизија РАФАЈЛОВСКИ РЕВИЗИЈА ДОО Скопје да врши ревизија на финансиските извештаи на Акционерско друштво за осигурување ЗОИЛ МАКЕДОНИЈА, Битола за 2024 година,
3. Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Веле Савески.
Граѓани наплатија над 7 милиони евра од осигурување живот за пет месеци
Речиси шест милиони евра за пет месеци наплатиле граѓани од нивните полиси за осигурување живот со кои имале можност и за штедење на уплатените средства. За смртни случаи покриени со ризико осигурување компаниите исплатиле 613.000 евра, а за осигурување со инвестициска компонента во овој период се исплатени 640.000 евра
Граѓаните наплатиле 443 милиони денари (над 7,2 мил.евра) од осигурување живот во првите пет месеци годинава, покажуваат официјалните податоци кои шесте компании за осигурување живот ги доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Во овој период од пет месеци над 2.500 граѓани добиле надомест за штетите кои биле покриени со полиси за осигурување живот издадени од пет компании за осигурување живот.
Најмногу средства во овој период се исплатени по полиси за осигурување живот со штедна компонента. Ова е најстариот производ на животно осигурување кој на нашиот осигурителен пазар се продава 20 години. Негова главна карактеристика е тоа што покрај осигурувањето живот нуди и штедење на вложените средства. Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства зголемени со камата за дадениот период. Во првите пет месеци годинава од ова осигурување граѓаните од компаниите за осигурување наплатиле 366 милиони денари (5,95 мил.евра). Во најголема мерка, во првите пет месеци, парите се исплатени на осигуреници на кои им завршил договорот за осигурување и ги повлекле нивните вложени средства зголемени за каматата.
На второ место според висината на исплатените средства во првите пет месеци, е осигурувањето со инвестициски компонента кое е популарно познато под називот „јунит линкд“ осигурување. Овој осигурителен продукт на граѓаните заедно со осигурување живот им овозможува и вложување на поголем дел од уплатените средства во удели на инвестциски фондови. Заради тоа што цените на уделите на инвестициските фондови зависат од светските берзи тие се подложни на промени. Токму таа карактеристика создава можност за пристојни па дури и солидни приноси од вложувањата, но носи и ризик кога паѓаат цените на берзите. Важно е да се знае дека со вложувањето во овој осигурителен продукт ризикот од вложувањето го носи осигуреникот. Со цел подобра информираност и поголема заштита на осигурениците АСО донесе правилник со кој дефинираше квантум на информации што мора да ги добијат осигурениците од продавачите на осигурување пред да одлучат да купат „јунит линкд“.
Во првите пет месеци кај ова осигурување компаниите на осигуреници им исплатиле 39,35 милиони денари (640.000 евра).
Најмало учество во исплатените средства во овој период има осигурувањето без штедна компонента кои е популарно познато како ризико осигурување. Кај овој продукт осигуреникот го осигурување својот живот и доколку настане смрт во осигурениот период компанијата исплаќа осигурена сума на членови на негово семејство или на носители на правото на обештенување кои ги навел осигуреникот во својата полиса. Поради смрт на осигуреници во овој период компаните за осигурување живот исплатиле 37,7 милиони денари (613.000 евра) на нивни семејства или лица кои биле носители на правото на осигурување.
Повеќе податоци за состојбата на пазарот за осигурување живот се достапни на следниот линк https://aso.mk/category/publikaczii/izveshtai-za-rabotata-na-osiguritelnata-industri-a/drushtva-za-osiguruva-e/
За потребата од и значењето на осигурувањето живот повеќе може да научите на нашиот едукативен портал https://edukacija.aso.mk/
Седница одржана на 26 јуни
1. Записник од 15-та седница на СнЕ на АСО одржана на 18 јуни, 2024 година;
2. Одлука за изрекување мерки на супервизија кон Акционерското друштво за осигурување ВИНЕР ЛАЈФ – Виена Иншуренс Груп Скопје и донесување решение за изрекување дополнителни мерки кон Друштвото;
3. Годишен извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2023 година;
4. Годишен извештај за состојбите и движењето на пазарот на осигурвање за 2023 година;
5. Барање за добивање согласност за вршење на функцијата член на орган на управување на САВА осигурување а.д. Скопје за лицето Мелита Гугуловска и донесување решение за давање согласност;
6. Барање за добивање согласност за вршење на функцијата член на орган на управување на САВА осигурување а.д. Скопје за лицето Кристиан Лешков и донесување решение за давање согласност;
7. Барање за добивање согласност за вршење на функцијата член на орган на управување на Друштвото за осигурување ПРВА ЖИВОТ АД Скопје за лицето Предраг Милошевски и донесување решение за давање согласност;
8. Барање за добивање на согласност Друштвото за ревизорски услуги КПМГ РЕВИЗИЈА ДОО Скопје да врши ревизија на финансиските извештаи на Акционерското друштво за осигурување ВИНЕР-Виена Иншуренс Груп Скопје за 2024 година и донесување решение за давање согласност;
9. Барање за добивање на согласност Друштвото за ревизија КПМГ РЕВИЗИЈА ДОО Скопје да врши ревизија на финансиските извештаи на Акционерското друштво за осигурување и реосигурување МАКЕДОНИЈА Скопје – Виена Иншуренс Груп за 2024 година и донесување решение за давање согласност; и
10. Барање за добивање на согласност Друштвото за ревизиски, консалтинг и даночни услуги ДИЛОИТ ДОО Скопје да врши ревизија на финансиските извештаи на КРОАЦИЈА ОСИГУРУВАЊЕ АД – Друштво за неживотно осигурување Скопје, за 2024 година.
Граѓаните наплатија 5,3 милиони евра од здравствено осигурување за пет месеци
Вредноста на исплатените штети за приватно здравствено осигурување за првите пет месеци годинава пораснале за 28,5 % во однос на истиот период лани. Исплатите за каско осигурување се зголемени за 26%, а на приватното здравствено осигурување пораснале 28,5%. Компаниите за неживотно осигурување за пет месеци исплатиле над 58.400 штети
Осигурениците наплатија 324,4 милиони денари (5,3 милиони евра) од осигурителните компании за медицински трошоци покриени со нивните полиси за приватно здравствено осигурување во првите пет месеци годинава, покажуваат податоците кои осигурителите ги доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Осигурителните компании годинава исплатија 1,2 мил.евра повеќе пари за медицински трошоци покриени со осигурување во споредба со истиот период лани. Во зависност од видот на осигурување, премијата и осигурените суми осигурениците добиваат покритија за трошоци направени за приватни прегледи, испитувања, снимања и операции. Приватното здравствено осигурување е најпопуларен осигурителен продукт меѓу другото и затоа што се поголем број на компании го користат во нивните политики за привлекување работници, а воедно и за лојалност за вработените.
Во првите пет месеци вредноста на исплатените штети за сите класи неживотно осигурување изнесува 1,95 милијарди денари (31,7 мил.евра). Во однос на истиот период во 2023 година вредноста на штетите што ги исплатиле компаниите за осигурување е повисока за речиси 2 милиони евра односно за околу 7 отсто.
Процентуално највисок раст на исплатените средства за штети покриени со осигурување има кај патничкото осигурување. За првите пет месеци осигурителите за изгубен багаж, медицински трошоци при патување во странство и други штети покриени со тоа осигурување исплатиле 42,9 милиони денари (700.000 евра). Тоа е за 40 отсто повеќе од истиот период лани.
По приватното здравствено осигурување, од сите доброволни класи, најголема исплата на штети има за каско осигурени возила. За пет месеци нивните сопственици од пријавени штети наплатиле 303,5 милиони денари (4,9 мил.евра). И тоа е за 26 отсто повеќе од претходната година.
Во најголемата осигурителна класа, која воедно е и законски задолжителна, тоа е автомобилската одговорност се исплатени 998,4 милиони денари (16,2 мил.евра). И тоа е малку повеќе од половина од вкупно исплатените средства за штети покриени со осигурување.
Во првите пет месеци годинава 11 осигурителни компании за неживотни осигурувања исплатиле над 58.400 штети на осигуреници.
Повеќе информации за осигурителниот пазар се достапни на следниот линк https://aso.mk/category/publikaczii/izveshtai-za-rabotata-na-osiguritelnata-industri-a/drushtva-za-osiguruva-e/
Седница одржана на 18 јуни
- Записник од 14-та седница на СнЕ на АСО одржана на 4 јуни, 2024 година;
- Одлука за изрекување мерки на супервизија кон Друштвото за животно осигурување УНИКА ЛАЈФ АД Скопје и донесување решение за изрекување дополнителни мерки кон Друштвото за животно осигурување УНИКА ЛАЈФ АД Скопје;
- Решение за издавање на согласност за измена на Статут на Акционерското друштво за осигурување и реосигурување МАКЕДОНИЈА Скопје – Виена Иншуренс Груп.
Вложувањата во неживотни осигурувања пораснаа 10%, достигнаа 90 милиони евра за пет месеци
И во првите пет месеци годинава, како и претходно, најпопуларно осигурување останува да биде приватното здравствено осигурување, а најголемо добролно осигурување е осигурувањето имот. Значаен раст има и кај вложувањата во каско осигурување. Од настанати штети покриени со осигурување во овој период граѓани, компании и институции наплатиле речиси 32 милиони евра
Вложувањата во сите неживотни осигурувања за првите пет месеци година (јануари-мај) надминаа 5,5 милијарди денари (89,6 мил.евра). Вредноста на вложувањата во осигурување на граѓани, институции и компани годинава пораснала за 10 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат официјалните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат компаниите за неживотни осигурувања.
Во овој период расте и вредноста на исплатените штети покриени со осигурување. За првите пет месеци годинава осигурениците наплатиле 1,95 милијарди денари (31,7 мил.евра) од осигурителните компании. Вредноста на исплатените осигурени штети годинава е за 6 отсто повисока во однос на претходната година.
Клучните индикатори за вложувања во осигурување и за исплатени штети покажуваат дека индустријата бележи континуиран раст. При тоа расте обемот на осигурување, бројот на осигурени лица, ризиците превземени во осигурување како и вредноста на исплатените осигурени штети. Трендот докажува дека активностите на АСО во континуитет обезбедуваат предуслови за раст на продажбата на осигурување, но и зголемена заштита на осигурениците.
Од доброволните осигурувања најбаран и најбрзорастечки производ и понатаму е приватното (доброволно) здравствено осигурување. Во првите пет месеци во полиси за здравствено осигурување се вложени 687,7 милиони денари (11,2 мил.евра) Во споредба со истиот период лани вложувањата во здравствено осигурување се зголемени за 35 отсто.
Солиден раст има и кај каско осигурувањето на моторни возила. За пет месеци осигурителните компании продале полиси во вкупна вредност од 543 милиони денари (8,83 мил.евра) што е за 17 отсто подобар резултат од истиот период лани.
Најголема доброволна класа, според обемот на вложувања, останува да биде осигурувањето имот. За овој период граѓани, институции и компании вложиле 1,22 милијарди денари (19,82 мил.евра) и тоа е минимално зголемување за 2 отсто во споредба со претходната година.
Од најголемата класа, која воедно е задолжителна со закон, а тоа е осигурувањето од автомобилска одговорност (АО) во првите пет месеци компаниите инкасирале 2,21 милијарда денари (36 мил.евра). Вложувањата во ова осигурување пораснале за 7 отсто во однос на лани, а тоа се должи на зголемениот број осигурани возила во однос на истиот период лани.
Во првите пет месеци годинава компаниите за осигурување со своите клиенти склучиле над 676.000 договори за прием во осигурување. Бројот на склучени договори годинава пораснал за 5 отсто во однос на истиот период минатата година. Најмногу договори за осигурување, над 305.700, се склучени за осигурување од незгода. Тоа е производ наменет за колективно осигурување на вработени и ученици со кое се покриваат повреди на или надвор од работно место или училиште.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.