Е- БРОШУРАТА: „ЈУНИТ ЛИНКД“ осигурување
По повод Глобалната недела на пари а за зголемена финансиска едукација и поголема информираност при донесување на финансиските одлуки, АСО подготви брошура: Јунит Линкд осигурување на живот
Е- БРОШУРАТА:„ЈУНИТ ЛИНКД“ осигурување
Започнува Глобалната недела на парите 2023: „Планирај ги своите пари, гради ја својата иднина!“
Финансиските регулатори во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, единаесетта година по ред ја одбележуваат Глобалната недела на парите што оваа година ќе се одржи од 20 до 26 март 2023 година.
Годинешнава тема „Планирај ги своите пари, гради ја својата иднина!“ (Plan your money, plant your future) се фокусира на одржливоста, и подигнувањето на свеста од импликациите на индивидуалното финансиско однесување не само врз финансиската иднина, туку и врз животната средина и општеството. Учесниците на Глобалната недела на парите можат на оваа тема да учествуваат во активности преку кои ќе се потенцира важноста на финансиските одлуки за социјална, економска и финансиска одржливост. Оваа тема ги поттикнува младите луѓе при нивните финансиски одлуки да гледаат долгорочно и да го имаат во предвид влијанието врз животната средина и општеството.
Активностите за време на Глобалната недела на парите годинава главно ќе се одвиваат преку е-предавања и објави на едукативни материјали на интернет-страниците на институциите и социјалните мрежи. Предавањата ќе бидат наменети за учениците од
основните и од средните училишта од нашата земја, како и факултетите, на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на
финансискиот систем.
На светско ниво, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот, во која се опфатени 53 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат финансиските и образовните институции.
Следете не на едукативниот портал https://edukacija.aso.mk/, нашата веб страна www.aso.mk, и на социлалните мрежи ( facebook, linkedin, Instagram). Повелете, приклучете се и проширете ги своите знаења од областа на осигурувањето.
Повеќе информации за Глобалната недела на парите на врската: globalmoneyweek.org
Одржана средба на Работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија
Координациското тело за финансиска едукација и финансиска писменост во кое членуваат АСО, КХВ, МФ, НБ и МАПАС заедно со субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација и финансиската инклузија, ја одржа третата работна средба на Работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.
На средбата присуствуваше и претставник на Министерството за економија, којшто го презентира новодонесениот Закон за заштита на потрошувачите. Следствено, претставниците на приватниот и граѓанскиот сектор имаа можност да се запознаат со новините што ги носи овој закон во областа на финансискиот сектор, а главно се поврзани со поголема транспарентност и подобра информираност на корисниците на финансиски услуги, вклучително и во доменот на дигиталните финансиски услуги.
Од страна на претставник на Народната банка беа презентирани трендовите во доменот на финансиската едукација и инклузија на населението во нашата земја. Притоа, беше посочено дека се бележи тренд на пораст на повеќе показатели за финансиската инклузија во текот на 2021 година, делумно под влијание на условите наметнати во текот на пандемијата. Така, има пораст кај показателите за поседување сметка, кај располагањето и користењето платежни картички, како и кај онлајн плаќањата. Во доменот на финансиската едукација, во споредба со развиените земји, и натаму постои простор за унапредување на финансиските знаења на населението. Односот на населението кон заштедите, иако е подобар, и натаму е на пониско ниво во споредба со просекот во Европа и Централна Азија, гледано како извор на средства за покривање итни потреби, но и како расположливи средства за подоцнежна возраст. Промоцијата и едукацијата во доменот на расположливите инвестициски алтернативи, како и во доменот на користењето на дигиталните финансиски услуги, се наметнуваат како неопходност во современи услови.
Преку овие средби се овозможува редовен дијалог помеѓу регулаторите, субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор вклучени во активности за финансиска едукација, како и размена на предлози и искуства за зајакнување на финансиската инклузија и заштитата на потрошувачите во финансискиот систем. Сето тоа е во прилог на успешно спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.
Ден на осигурувањето – 1 ноември: стипендиии за девет најдобри студенти на Економскиот факултет при УКИМ
Оваа новина ја предвидува трипартитниот меморандум за соработка кој денеска го потпишаа АСО, Економскиот факултет и здружението на осигурителни компании. Воедно по повод одбележување на националниот ден на осигурувањето АСО додели награда на млад научник за најдобар научно-истражувачки труд од областа на ризици во осигурувањето во вредност од 80.000 денари. Во склоп на настанот се одржаа и панел дискусии на кои претставници на индустријата и регулаторот разменија мислења и изнесоа ставови за најголемите предизвици за растот и развојот на осигурувањето и за заштитата на осигурениците
Девет најдобри студенти во четврта година на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје ќе добијат стипендии од осигурителни компании. Оваа новост ја предвидува трипартниот Меморандум за соработка што денеска, на Националниот ден на осигурувањето – 1 ноември, на Економскиот факултет, го потпишаа проф.д-р Крсте Шајноски претседател на Совет на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), проф.д-р Предраг Трпески, декан на Економски факултет и Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Здружението на финансиски организации при СКСМ, кој воедно е и генерален директор на Триглав Осигурување А.Д.
Иницијативата на АСО за стипендирање на студенти доби поддршка од Економскиот факултет и беше прифатена од следниве девет осигурителни компании: Триглав Осигурување, Кроација осигурување – неживот, Еуролинк, Граве Неживот, Халк Осигурување, Евроинс, Сава Осигурување, Кроација осигурување – живот и Граве. Секоја од компаниите ќе додели по една годишна стипендија во денарска противвредност на 1.000 евра.
Во своето обраќање Шајноски потенцираше дека е задоволен од одзивот на компаниите на иницијативата на АСО за стипендирање студенти и дека со тоа учесниците на осигурителниот пазар покажале високо ниво на општествена одговорност.Обраќајќи се пред присутните тој им порача на студентите:
– Ние сме овде за вас! Затоа што вие сте најквалитетната долгорочна осигурителна полиса за сите нас. Вие апсолутно го заслужувате нашето целосно внимание, грижа и посветеност затоа што вие, студентите, сте иднината на нашата земја.
Во своето излагање деканот Трпески осврнувајчи се на меморандумот истакна:
– Прво, наши студенти да отпочнат да реализираат практична настава во Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Здружението на осигурители и останатите осигурителни компании кои оперираат на националниот осигурителен пазар и да се стекнат со нови знаења но и можност за вработување во овој сектор. Со тоа им се отвора перспективата да бидат активни партиципиенти во идниот развој на осигурителниот пазар во земјава. Второ, претставници на институции од осигурителната индустрија активно да се вклучат со практични примери во наставата на Економскиот факултет – Скопје и да пренесат практични знаења на нашите студенти. Трето, Економскиот факултет – Скопје активно да се вклучи во надградбата на националната осигурителна култура, како еден од факторите за креирање на поволно бизнис окружување и поттикнување на инвестициите во македонската економија.
Обраќајќи се пред присутните Ѓорѓе Војновиќ како претставник на осигурителниот бизнис подвлече дека едукација е алатката, што ги руши сите бариери и е основата за развој и раст, како индивидуален, така и на општеството во целина.
-Едукацијата на јавноста е во основата на развојот на осигурителната индустрија, токму затоа, вложуваме напори за етаблирање и унапредување на финансиската едукација на младите. Како индустрија одиме и чекор натаму, имајќи ги предвид моќта и потенцијалот, што образованието ги нуди во развојот на секој поединец. Затоа, со задоволство ја поддржавме и се приклучивме на иницијативата за стипендирање на студенти на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје. Сметаме дека ова е вистинскиот начин за развој на квалитетен кадар во доменот на осигурувањето, што ултимативно, како иницијатива, ќе придонесе кон натамошен развој на осигурителната индустрија, во чекор со светските трендови.”
Во склоп на оваа манифестација за одбележување на националниот ден на осигурувањето се одржаа и две панел дискусии. На првиот панел Шајноски, Војновиќ и Оливера Клинчарова, претседателка за здружението на осигурителни брокери дискутираа на актуелни теми поврзани со растот и развојот на осигурувањето како и за предизвиците кои врз оваа дејност ги наметнува инфлацијата предизвикана од глобалните растечки цени пред се на енергенсите.
На вториот панел Злате Симоновски, член на Советот на експери на АСО, Ана Клетничка, директор за штети во „Евроинс осигурување“ и Христо Кондовски, претставник на осигурително-брокерското друштво „СН Брокер“ дискутираа на, секогаш актуелната тема, за заштита на правата на осигурениците која е основа за раст на културата на осигурување.
Во рамки на настанот беше презентиран и наградениот научно-истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување за кој АСО, традиционално низ годините, доделува награда. Автор на наградениот труд, годинава, е младиот научник м-р Филип Пеовски асистент на катедрата по математика и статистика на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје. На настанот Шајноски на Пеовски, во име на АСО, му додели плакета и награда од 80.000 денари.
1 ноември е национален ден на осигурувањето, а воедно е и денот на кој, пред 13 години почнала со работа Агенцијата за супервизија на осигурувањето. АСО е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Националниот Ден на осигурување – 1 ноември, Зошто е важен!
Националниот ден на осигурување е симбол на континуираната активност на АСО за подигнување на свесноста на јавноста за важноста на осигурувањето и неговата функција во обезбедување на финансиска сигурност на поединците, семејствата, компаниите.
Календар на Национален Ден на осигурувањето – 1 ноември
Овој ден ја одбележува и годишнината од основањето на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Ние ја знаеме потребата од создавање и подобрување на нивото на свесност за различните аспекти на осигурувањето и активно работиме на:
- Подобрување на заштитата на осигурениците ,
- Важноста на свеста за осигурување и свеста за иницијативите за услуги на клиентите,
- Развивање и унапредување на ефикасноста на осигурителниот сектор,
- Поставување механизам за решавање спорови,
- Регулирање на посредниците во осигурувањето…
Свеста за осигурувањето игра клучна улога во обезбедување заштита на осигурениците, и во развојот на осигурителниот сектор.
Нашите активности се насочени кон различни интересни групи, со особен акцент на младата популација и учениците:
– ги вклопуваме младите во процесот на едукација преку посети на училишта и факултети и стремиме да го презентираме практичниот аспект од финансиската едукација и да делуваме како надополнување на формалното образование,
– подготвуваме едукативни брошури;
– спроведуваме Конкурси:
Конкурс за ученици од основното и средното образование по повод Денот на осигурувањето ‒ 1 ноември;
Конкурс за истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување;
- присуствуваме на трибини, форуми, ТВ емисии и др.
- организираме конференции, семинари, работилници;
АСО организираше обука со која активно се приклучи во одбележување на европскиот месец за сајбер безбедност
АСО организираше обука со која активно се приклучи во одбележување на европскиот месец за сајбер безбедност
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) активно се вклучи во одбележувањето на месецот на сајбер безбедноста, организирајки обука за подигнување на свеста на своите вработени за оваа актуелна тема од дигиталната сфера.
European Union Agency for cybersecurity (ENISA) го прогласи октомври за месец на сајбер безбедност. Секоја година во октомври, ширум Европа и светот, се организираат голем број на настани од различен вид, со цел да се подигне нивото на сајбер безбедноста.
Дводневната обука ја спроведе компанијата „Сигмоид“, која работи на полето на информациската безбедност за домашни и странски клиенти. Вработените на интерактивен начин се запознаа со основните поими на сајбер безбедноста, научија како да препознаат одредени напади и што да направат во таков случај, како да учествуваат во управувањето со информациската безбедност итн.
Воедно, на обуката беа презентирани и активностите на АСО кон осигурителната индустрија. Имено, веќе втора година друштвата од осигурителната индустрија организираат и спроведуваат обуки за своите вработени за сајбер безбедност, почитувајки ги одредбите од Правилникот за минималните стандарди на информациските системи на друштвата за осигурување, осигурителните брокерски друштва и друштвата за застапување во осигурување.
Повратните информации до АСО покажуваат дека овие обуки дале позитивен резултат и дека вработените во осигурителната индустрија имаат подобра перцепција за улогата и значењето на сајбер безбедноста.
АСО и во иднина ќе продолжи со активности за подобрување на сајбер безбедноста како за вработените во регулаторното тело така и во компаниите претставници на осурителната индустрија.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Земјоделци и фармери за три месеци во осигурување вложија 2 милиони евра
Вкупно 600 индивидуални земјоделци и фармери и уште педесетина аграрни компании за првите три месеци годинава ги осигурале своите посеви, плодови и животни. Наскоро земјоделското осигурување ќе стане задолжително со закон и заради тоа неговото учество во осигурителниот пазар значајно ќе се зголеми. Целта на оваа реформа е преку зголемување на масовноста значајно да се намали цената на осигурувањето, а истовремено со акумулација на средствата на осигурениците-земјоделци да се создадат големи фондови од кои ќе се исплаќаат штети кои може да ги предизвикаат временските непогоди и особено актуелните климатски промени
Повеќе од 650 индивидуални земјоделци и аграрни компании вложија 118,6 милиони денари (1,93 мил.евра) во осигурување на посеви, плодови и животни за првите три месеци годинава, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Вкупно 600 земјоделци и фармери во првиот квартал годинава вложиле во осигурување на своето земјоделско производство. За осигурување на посевите и плодовите во овој период се склучени 444 договори за осигурување во кои земјоделците вложиле 81 милиони денари (над 1,3 мил.евра). Фармерите во осигурување на своите животни вложиле над 23 милиони денари (380.000 евра) и склучиле 156 договори со осигурителни компании.
Во овој период во осигурување на своето земјоделско производство, стока и живина земјоделските компании вложиле 14,4 милиони денари (234.000 евра). Од тоа 5,5 милиони денари (89.000 евра)се за осигурување посеви и плодови, а останатите 8,9 милиони денари (145.000 евра) се за осигурување животни.
Осигурителните компании во првите три месеци исплатиле 24,1 милиони денари (391.000 евра) за штети покриени со земјоделско осигурување. Исплатени се 331 штета на фармери за осигурување животни и 6 штети за осигурување посеви и плодови.
Минатата година вкупните вложувања во земјоделско осигурување изнесувале 547 милиони денари (8,9 мил.евра). При тоа биле склучени вкупно 3.858 договори за осигурување посеви, плодови и стока. Речиси 3.000 од тие договори ги склучиле индивидуални земјоделци кои ги осигурале нивните посеви и плодови, а над 500 фармери вложиле во осигурување на нивната стока и живина. Лани 376 земјоделски компании имале осигурување за посеви, плодови и стока.
За 2021 година осигурителните компании исплатиле вкупно 355,6 милиони денари (5,8 мил.евра) штети за осигуран добиток, посеви и плодови.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.