Скопјани пријавија 349 осигурани штети од силното невреме, имотот на „Ист Гејт Мол“ осигуран со франшиза од 100.000 евра
Граѓани и фирми од Скопје пријавиле осигурани штети во сите 11 осигурителни компании. Активно осигурување имот имаат речиси 51.000 скопјани, а 215 од нив пријавиле штети во силното невреме што на крај на август го зафати централното градско подрачје. Од сите 349 штети во една осигурителна компанија се пријавени дури 117

Осигуреници од скопскиот регион пријавија вкупно 349 штети врз имот во сите осигурителни компании по силното невреме што го зафати Скопје на 30 август годинава. Од сите пријавени штети поголем број, односно 215, се врз имот осигуран од физички лица.
Компании и други правни лица со седиште во Скопје пријавиле 134 штети врз имотот како последица од незапамтеното силно невреме во главниот град, покажуваат податоците кои Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги обезбеди од сите 11 компании за неживотно осигурување.
Најголемиот број на пријавени штети врз осигуран имот во една компанија изнесува 117 од кои 97 се штети врз имот на физички лица.
Заклучно со крајот на август годинава има 67.420 активни договори за осигурување имот на територијата на градот Скопје кои со осигурителните компании ги склучиле граѓани и компании.
Трговскиот центар „Ист Гејт Мол“, чии објекти претпреа значајна јавно видлива штета, го осигурал имотот кај една од компаниите и договорот е склучен со франшиза (самопридржај) од 100.000 евра. Франшизата значи дека двете страни се согласни осигурителната компанија да покрие само штети поголеми од 100.000 евра, а осигуреникот сам да покрие штета доколку нејзината вредност е пониска или иста со износот утврден со франшизата.
Воедно овој трговски центар има осигурување и од професионална одговорност, а полиси за осигурување имот имаат и одреден број закупци на деловни единици, информираа од осигурителните компании.
Зошто е важно да се осигура имотот, што опфаќа и на што треба да се внимава?
Осигурувањето на имотот нуди можност за мал износ вложени средства (т.н. премија) што ги плаќа сопственикот на имот, осигурителната компанија да го превземе ризикот и да исплати штета врз имотот доколку се случи штетен настан осигуран и дефиниран во договорот за осигурување.
При склучување на договорот за осигурување, треба да се внимава осигурената сума да биде соодветна на вредноста на осигурениот имот. Доколку настане штета, а ризикот е осигуран друштвото за осигурување има обврска да исплати надомест во висина на претрпената штета.
Имотот на домаќинствата и правните субјекти најчесто е изложен на ризици од: пожари, поплави, земјотреси, удари од гром, луња (многу силен ветар) експлозии, кражби, излевања од водоводна, канализациска и топлинска мрежа и други можни оштетувања на имот.
Сите информации за осигурување имот се содржани во документот со назив Услови за осигурување имот кој секоја компанија за осигурување е должна да му го даде на секој осигуреник.
АСО особено препорачува сите осигуреници, пред да купат полиса за осигурување, со внимание да ги прочитаат Исклучоците од осигурувањето кои ги дефинираат ризиците не се покриени и за нив не следува обештетување.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Седница одржана на 14.09.2022
- Записник од дваесета седница на СнЕ на АСО во 2022 година, одржана на ден 29.8.2022 година во 12:00;
- Стратегиски план на Агенцијата за супервизија на осигурување за спречување на корупцијата, за период 2022-2025 година,
- Решение за изменување и дополнување на Решение за формирање на Комисија за ревизија на одржаните стручни испити за вршење на работи на застапување во осигурувањето во 2022 година;
- Барање за добивање согласност за друштво за ревизија за 2022 година поднесено од Друштото за осигурување ТРИГЛАВ ЖИВОТ АД Скопје и донесување на решение,
- Известување за раскинување на договор за застапување во осигурување со лицето Андријана Димовска поднесено од ДО ВИНЕР АД Скопје и донесување на решение;
- Известување за раскинување на договор за застапување во осигурување со лицето Владо Маневски поднесено од ТРИГЛАВ осигурување АД Скопје и донесување на решение;
- Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на информацискиот систем на Осигурително брокерско друштво МАК ТРЕНД БРОКЕР АД Скопје;
- Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на информацискиот систем на Осигурително брокерско друштво ОБД Порше брокер;
- Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на информацискиот систем на Осигурително брокерско друштво Ин брокер АД Скопје;
- Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на информацискиот систем на Осигурително брокерско друштво Вин брокер Скопје;
- Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на информацискиот систем на Осигурително брокерско друштво Легра АД Скопје;
- Разгледување на Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на информацискиот систем на Осигурително брокерско друштво ВЕГА ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје;
- Одлука за изрекување мерки на супервизија кон Осигурително брокерско друштво Еуроекспертс АД Скопје;
- Одлука за изрекување мерки на супервизија кон Друштвото за застапување во осигурувањето РЕА ИНШУРЕНС ГРУП АД Скопје.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) го продолжи рокот за пријавување на обуките за застапници во осигурување и осигурителни брокери до среда 7 септември 2022 година
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) го продолжи рокот за пријавување на обуките за застапници во осигурување и осигурителни брокери до среда 7 септември 2022 година. Сите детали можете да ги најдете на следнитe линкoви:
https://aso.mk/s-o-o-p-sh-t-e-
Финансиските регулатори ги претставија „Компетенциите за финансиска писменост“ пред приватниот, граѓанскиот сектор и претставниците на ИНФЕ (ОЕЦД)
Тимовите на финансиските регулаторни тела за подигнување на финансиската писменост, на онлајн средба што се одржа вчера, ги презентираа Компетенциите за финансиска писменост популарно наречениот „финансиски буквар“ пред претставниците на ИНФЕ-ОЕЦД, приватниот и граѓанскиот сектор.
„Финансиски буквар“ всушност е сет од основни компетенции за финансиската едукација коишто ги опфаќаат основните знаења, вештини, ставови, мотивации и однесувања во однос на финансиите што би требало да ги поседуваат лицата во различни фази од животот. Рамката за финансиски компетенции може да ја користат различни организации и институции во земјата (финансиски регулатори, граѓански организации, приватни финансиски институции и други институции и организации) коишто обезбедуваат финансиска едукација на различни возрасни групи од делокругот на нивното работење, или пошироко од областа на личните финансии. Основните компетенции имаат за цел да послужат како основа при изготвувањето едукативни програми за различни возрасни групи од областа на личните финансии од страна на сите вклучени даватели на образовни услуги во рамките на неформалното образование. На овој начин се обезбедува темите да бидат приспособени на возраста, како и да се води сметка за вклучување различни релевантни теми, согласно сè поголемите потреби за финансиска едукација.
Претставници на ИНФЕ-ОЕЦД ја пренесоа нивната експертиза во однос на евалуацијата на едукативните програми за финансиска едукација и евалуацијата на националните стратегии за финансиска едукација на меѓународно ниво. Во овие рамки, се разговараше за значењето на евалуацијата на едукативните програми од страна на давателите на финансиска едукација, како основа за нивно подобрување и приспособување на потребите на населението
Овие средби овозможуваат редовен дијалог помеѓу регулаторите, субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор вклучени во активности за финансиска едукација, како и размена на предлози и искуства за зајакнување на финансиската едукација и инклузија во земјата. Се очекува дека во иднина со овие состаноци на Работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија ќе се поттикнат давателите на финансиска едукација да ги унапредат постојните едукативни програми во неформалното образование, а воедно и дека други компетентни организации ќе се приклучат кон иницијативата за координиран пристап во изведувањето на едукативните активности за финансиска едукација во земјатa.
На вториот состанок на работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија присуствуваа претставниците за АСО, КХВ, МАПАС, Централната банка, Министерството за финансии, претставници од осигурителниот и банкарскиот сектор како и претставници од граѓанскиот сектор.
Само 3% од жителите на Неготино го осигурале имотот, 30 лозари пријавиле штети од невремето во осигурителните компании
Земјоделско осигурување имаат 180 лозари во општина Неготино, а секој шести од нив пријавил штета од последното невреме со град кој оштети лозови насади. Од силното невреме штети врз имотот пријавиле и 19 осигуреници од таа општина. Вкупно 562 жители на Неготино имаат полиси за осигурување имот и тоа е само 3 отсто од сите жители на таа општина. Со овие 562 полиси се осигурани 7% од становите (домовите) во општина Неготино.

Триесет лозари од регионот на Неготино пријавиле штети до осигурителните компании по силното невреме со град што го зафати овој крај кон средината на август. Полиси за земјоделско осигурување имаат вкупно 180 осигуреници физички лица во општина Неготино, а секој шести од нив пријавил штета врз своите лозови насади, покажуваат официјалните податоци кои Агенцијата за супервизија за осигурување (АСО) ги обезбеди од осигурителните компании.
Три осигурителни компании склучувале договори за земјоделско осигурување со земјоделци, најголем дел лозари, од општина Неготино. За овој период има вкупно 188 земјоделски осигурувања од кои 180 полиси на индивидуални земјоделци, а 8 договори за осигурување склучиле компании од овој крај кои се занимаваат со лозарство и земјоделство.
Истовремено повеќе од 50 лозари кои немаат земјоделско осигурување пријавиле штети до општинската управа со молба државата да им утврди и исплати надомест на дел од штетата што им ја нанело невремето. Оваа пракса, со која државата обештетува пост-фестум и долг период наназад ги демотивира земјоделците да ги осигуруваат своите посеви и плодови, наскоро ќе биде укината. Тоа го предвидува новиот закон што се подготвува со кој земјоделското осигурување ќе стане задолжително и во уредувањето на процесите активно ќе учествува државата во соработка со сите компании за неживотно осигурување.
Штети врз осигуран имот, по силното невреме во Неготино, пријавиле вкупно 19 осигуреници од кои 18 се физички лица и една компанија. За овој период на територија на општина Неготино сите 11 компании за неживотно осигурување имале 734 полиси со кои осигурувале имот. Од нив 562 договори за осигурување имот се на физички лица, а 172 полиси имаат фирми и други правни субјекти со седиште во Неготино.
Споредбата на официјалните податоци од последниот попис на Државниот завод за статистика спроведен лани и бројот на активни полиси покажува дека само 3 отсто од жителите на Општина Неготино го осигурале својот имот.
Споредбата на бројот активни полиси за осигуран имот и бројот на станбени единици во општина Неготино, од последниот попис лани, покажува дека само 7 отсто од становите се осигурани.
Зошто е важно да се осигура имотот, што опфаќа и на што треба да се внимава?
Осигурувањето на имотот е важно бидејќи за мал износ на премија што го плаќа сопственикот на имот на осигурителната компанија добива полиса која го штити од голема загуба која би можела да настане на имотот предизвикана од ризик дефиниран во самата полиса.
Во спротивно, доколку имотот остане неосигурен, претрпените штети предизвикани од овие ризици можат да бидат големи и тешко надоместливи за сопственикот на имотот.
При склучување на полисата за осигурување, треба да внимаваме осигурената сума да биде соодветна на вредноста на имотот. Во случај ако настане штета, осигурителната компанија има обврска да исплати надомест во висина на претрпената штета.
Најчести ризици на кои се изложени земјоделците се временските непогоди, како град, мраз, суша, силен ветар, обилни количини на атмосферски врнежи и слично. Имотот на домаќинствата и правните субјекти најчесто е изложен на ризици од пожари, поплави, земјотреси, удари од гром, луња (многу силен ветар) експлозии, кражби, излевања од водоводна, канализациска и топлинска мрежа и други можни оштетувања на имот.
Сите информации за осигурување имот се содржани во документот со назив Услови за осигурување имот кој секоја компанија за осигурување е должна да му го даде на секој осигуреник.
АСО особено препорачува сите осигуреници, пред да купат полиса за осигурување, со внимание да ги прочитаат Исклучоците од осигурувањето кои дефинираат кои ризици не се покриени и за нив не следува обештетување.
Осигуреници наплатиле 32,9 милиони евра, компаниите исплатиле над 45.000 штети
За прв пат во постоењето на осигурувањето во земјава приматот по број на исплатени штети го превзеде приватното здравствено осигурување. Очигледно дека неговата голема популарност доведе и до негова прекумерна употреба. Поточно 40 % од сите исплатени штети се за медицински трошоци кои ги пријавиле осигуреници кои имаат приватно здравствено осигурување
Компаниите за неживотно осигурување исплатиле над 45.000 штети од кои осигурениците наплатиле 2 милијарди денари (32,9 мил. евра) во првите шест месеци годинава. Во споредба со истиот период минатата година бројот на исплатени штети пораснал за 28 отсто додека нивната вредност во истиот период е повисока за 4 отсто, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Над 18.000 штети осигурителните друштва исплатиле на клиенти кои барале обештетување за медицински трошоци покриено со нивното приватно здравствено осигурување.
Годинава, за првпат во историјата на осигурувањето, се случува дури 40 отсто од бројот на сите исплатени штети да бидат за приватно здравствено осигурување. Тој податок е индикатор што јасно укажува на популарноста на овој тип доброволно осигурување, но истовремено и на неговата прекумерна употреба од страна на осигурениците.
Очекувано, најголем износ на средства компаниите исплатиле за штети покриени со осигурување од автомобилска одговорност. Кај оваа задолжителна класа осигурување, која е и најмасовна, осигурителните друштва го превземаат ризикот да ги платат штетите ако нивниот осигуреник е виновен за материјална штета при сообраќајна незгода или несреќа. Сите 11 друштва за неживотно осигурување во првата половина годинава исплатиле 1,12 милијарди денари (18,2 мил.евра) со кои покриле 14.820 оштетни побарувања.
Во овој период за осигурување имот се исплатени 290,4 милиони денари (4,7 мил.евра). При тоа бројот на исплатени штети е намален за 11,5 отсто, а исплатениот износ е речиси идентичен како истиот период лани.
За каско осигурување возила компаниите исплатиле 248,2 милиони денари (4 мил.евра) и тоа е за 11 отсто повеќе од минатата година.
Најголем раст на вредноста на исплатените штети има кај патничкото осигурување. Осигурителните друштва платиле 24,5 милиони денари (398.000 евра) или 2,7 пати повеќе за обештетување штети при патувања на наши државјани надвор од земјава. При тоа бројот на исплатени штети надминал 900 и тоа е за 3 пати повеќе од истиот период во 2021 година.
Во овој период штети исплаќале сите 11 друштва за неживотно осигурување.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Осигурителниот пазар порасна 8%, осигуреници вложија 87,7 милиони евра за шест месеци
Најголем раст на продажбата во првото полугодие има кај патничкото
осигурување со кое се осигурале 155.000 лица или речиси 87.000
осигуреници повеќе од истиот период лани. Мало намалување има кај
продажбата на осигурување имот, а продолжува да расте, иако со помал
интензитет, побарувачката за приватно здравствено осигурување
Граѓани и фирми вложиле 5,4 милијарди денари (87,7 мил.евра) во неживотни
осигурувања во првите шест месеци годинава. Во споредба со истиот период
лани вредноста на вложените средства во осигурување е повисока за 8 отсто
односно осигурителниот пазар пораснал за 401 милион денари (6,5 мил.евра),
покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување
(АСО).

Бројот на склучени договори за осигурување за првите шест месеци пораснал за
20 отсто. Од почетокот на годината до сега осигуреници склучиле над 761.000
договори за осигурување со осигурителните компании за сите 18 класи на
неживотни осигурувања.
Најголем раст на бројот на продадени полиси за осигурување има кај патничкото
осигурување.
За првите шест месеци се склучени 155.000 договори за патничко осигурување
што е двојно повеќе од истиот период 2021 година.
Овој тип на осигурување овозможува граѓаните, при патување во странство, да го
пренесат ризикот од можни штети врз компаните за осигурување.
Во овој тип осигурување граѓаните во првите шест месеци вложиле 89,9 милиони
денари (1,5 мил.евра).
Очекувано, најголемо учество во вкупните вложувања во осигурување за овој
период има во класата осигурување од автомобилска одговорност (АО). Кај ова
осигурување, кое е задолжително со закон, ризикот го превзема осигурителната
компанија што ви ја продала полисата доколку вашето возило предизвика штета
врз други возила и учесници во сообраќајот.
Склучени се 426.000 договори за осигурување, вклучувајќи ги и зелените карти кои
се обврзувачко осигурување на покритие штети кои може да ги предизвика вашето
возило при патување во странство.
Бројот на продадени полиси со кои се осигурани возила во првите шест месеци
годинава во однос на истиот период лани е зголемен за 8 отсто.
Во осигурување од автомобилска одговорност во овој период се вложени 2,4
милијарди денари (39 мил.евра) или 8 отсто повеќе од лани.
Во осигурувањето имот, најголемата класа на доброволно осигурување во првите
шест месеци осигуреници вложиле 1,3 милијарди денари (21,2 мил.евра),. Тоа е
за 7 отсто помалку од истиот период лани. Речиси 70.000 граѓани, фирми и правни
лица го осигурале нивниот имот во првото полугодие годинава.
Кај најпопуларната класа – приватното здравствено осигурување компаниите и
осигуреници склучиле 13.000 договори и тоа е за 32 отсто повеќе од истиот
период лани.
Осигурениците во овој производ вложиле над 385 милиони денари (6,3 мил.евра)
за првите шест месеци и тоа е за 66 отсто повеќе од истиот период лани.
Паралелно со растот на вложувањата во ова осигурување уште подинамично
растат исплатите на штети за што причина е прекумерното користење на овој
производ од страна на осигурениците и зголемените цени на услугите од
приватните болници. Токму заради тоа некои од осигурителните компании не ја
исклучуваат можноста од рационализација на овој тип осигурување.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело
кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на
осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците
и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.