Програма за осигурување од ризик од катастрофи
Главниот мотив за овaa Програма е да се промовира развојот на осигурувањето од ризици од природни катастрофи и временски неприлики на домашниот пазар, со што на локалните стопанственици и на населението ќе им биде овозможено да купат прифатливи производи за осигурување од овие ризици, коишто во моментот не може да се најдат на пазарот. За имплементација на SEEC CRIF програмата е формирана непрофитната институција Европа Ре, која е компанија за реосигурување од ризици од катастрофи, во сопственост на одредени држави од Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Република Македонија. Оваа реосигурителна компанија ќе биде одговорна за дизајнирање на осигурителните производи коишто ќе им ги понуди на сите друштва за осигурување во Република Македонија.
Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија (АСО) е носител на Проектот во Република Македонија и за таа цел ja формираше Работната група составена од повеќе институции, вклучувајќи ја и Народната банка на Република Македонија. Во рамки на Програмата за осигурување на ризик од катастрофи, Светската банка ќе изработи студија за улогата на банкарскиот сектор во овој домен. Податоците од банките се потребни за да се создаде реално согледување на:
1. Ефектот од природните катастрофи врз портфолијата на кредитите и депозитите,
2. Начинот на кој банките го идентификуваат и проценуваат ризикот од природни катастрофи во однос на нивното работење, и
3. Степенот на нивната заинтересираност за поврзување на своите производи со осигурителни производи, посебно за ризиците од природни катастрофи и временски непогоди.
Со цел успешно да се изработи оваа студија ве молиме пополнетиот прашалник, да го доставите најдоцна до 31.01.2012 година, во електронска форма кај г. Дарко Блажевски (е-пошта: darko.blazevski@aso.mk , тел. +389 2 3254 062), координатор на работната група при Агенцијата за супервизија на осигурување, кај кого можете да се обратите и за евентуални прашања при пополнувањето на прашалникот.
Седница одржана на 28.12.2011
- Решение со кое се дава дозвола за вршење работи на застапување во осигурување на АД ЛАЈОН ИНС Скопје.
Седница одржана на 23.12.2011
- Решение за издавање согласност за вршење на функција Извршен член на Одбор на директори на КРОАЦИА ОСИГУРУВАЊЕ АД Друштвото за осигурување на живот Скопје, на лицето Вилма Учета;
- Одлука за очекуваниот коефициент на штета за 2012 година.
Седница одржана на 13.12.2011
- Решение за издавање согласност на лицето Петер Скварча за вршење на функција Извршен член на Одбор на директори, во Друштвото за осигурување САВА осигурување а.д., Скопје;
- Правилник за начинот на постапување по претставки поднесени до Агенцијата за супервизија на осигурување од осигурениците, од корисниците на осигурување и од трети оштетени лица.
Средба со претставниците на Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ)
На 2 декември, во просториите на Агенцијата за супервизија на осигурување се одржа работна средба со претставниците на Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ).
На средбата која на редовна основа ја имаат претставниците на двете институции, освен што бeше дискутирана тековната состојба и движењата на осигурителниот сектор во РМ, се дискутираше и за краткорочните и среднорочни приоритети на Агенцијата.
Исто така, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата г. Попоски Климе ги информираше претставниците на ММФ за постигнатите резултати од работење во тековниот период и за стратегијата на Агенцијата за понатамошен развој на осигурителниот пазар и поголема заштита на корисниците на осигурителни производи и услуги.
Седница одржана на 29.11.2011
- Правилник за начинот на вршење на видео надзор во Агенцијата за супервизија на осигурување;
- Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за потребната документација за добивање лиценца за застапник во осигурувањето;
- Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за условите за стекнување со и испитување на стручната подготвеност потребна за вршење работи на застапување во осигурувањето;
- Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за потребната документација за добивање лиценца за осигурителен брокер;
- Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за условите за стекнување со и испитување на стручната подготвеност потребна за вршење осигурително брокерски работи;
- Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за статистичките осигурителни стандарди на друштвата за осигурување и/или реосигурување.
Работилница – Ризично базирана супервизија во осигурувањето
АСО во соработка со УСАИД – проектот Партнери за финансиска стабилност (PFS) организираше дводневна работилница на тема Ризично базирана супервизија во осигурувањето, која се одржа во х. Холидеј Ин на 3 и 4 ноември 2011 г.
Работилницата произлезе врз основа на заклучоците на конференцијата (Предизвици во хармонизирањето на домашната регулатива и супервизија на осигурувањето со регулативата и праксата на Европската Унија) одржана во Охрид, 30-31 мај 2011 г.
Предавачи на работилницата беа Holly Bakke (USAID PFS), Nóra Kiss (HFSA – Унгарија), Tanja Buhlmann (Германија – BaFin), Ivana Petrović (Србија – Народна банка на Србија) and Alma Qamo (Албанија – консултант на Светска банка).
На работилницата присуствуваа над 50 учесници, претставници на надзорните тела за осигурување од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Молдавија, Србија, Унгарија, Хрватска и Црна Гора.
Учесниците, во текот на работилницата, имаа можност да слушнат искуства на земји кои се во различни фази на употребата на ризично базираната супервизија, тргнувајќи од земјите во регионот кои немаат или имаат недоволно развиена регулаторна рамка за овој тип на супервизија, па сè до земјите во ЕУ кои се подготвуваат за имплементацијата на директивата 2009/138/EC (Солвентност II).
Целта на работилница беше практична: учесниците да изработат писмо до менаџментот во кое ќе се наведат потребните чекори со цел воведување на ризично базираната супервизија во осигурувањето.
