Отворени денови во АСО во рамки на месецот на финансиска писменост
Во рамки на активностите за одбележување на месец мај – месец посветен на финансиската писменост, Агенцијата за супервизија на осигурување организира „Отворени денови“, со цел граѓаните на едноставен и практичен начин да се запознаат со улогата и функционирањето на АСО, како и со правата на осигурениците.
Отворените денови ќе се одржат во просториите на Агенцијата, на 18 и 26 мај 2026 година, во периодот од 11:00 до 12:00 часот.
Своето учество можете да го потврдите најдоцна до 13 мај, на телефон 3254065 или на е-mail адресата edukacija@aso.mk.

Финансиска писменост преку осигурување: Едукативна посета на АСО во основно училиште
Претставници на АСО реализираа едукативна посета во ОУ “Димката Ангелов-Габерот, Ваташа, посветена на темата финансиска писменост преку осигурување.
Преку интерактивна презентација и разговор со учениците од 8 и 9 одделение, беа претставени функцијата на осигурувањето како механизам за заштита и сигурност, како и улогата на АСО во обезбедување стабилен, сигурен и транспарентен осигурителен пазар.
Со посетата беше подигната свеста кај учениците за улогата на осигурувањето уште од најрана возраст, овозможено беше запознавање со основните осигурителни поими, како и зајакнување на соработката меѓу Регулаторот и образовниот систем во насока на финансиска едукација.

МАЈ – месец на финансиска писменост: Осигурувањето како основа за лична и финансиска сигурност
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), како и секоја година го одбележува месецот мај – посветен на финансиската писменост во делот на осигурителната дејност. Финансиската писменост претставува редовна годишна активност на АСО, насочена кон континуирано унапредување на едукацијата поврзана со значењето и вредноста на осигурувањето.
Целта на оваа кампања е да се зголеми јавната свест за потребата и важноста од осигурувањето како механизам за заштита од ризици.
Тимот на АСО активно ќе придонесува за унапредување на финансиската писменост преку соработка со училиштата и факултетите, интерактивни предавања, објава на едукативни содржини, спроведување на отворени денови и слично.

