Регулаторните барања за водење на сметководство и финансиско известување на друштвата за осигурување суштински се менуваат со објавата на Меѓународниот стандард за финансиско известување (МСФИ) 17 Договори за осигурување. Агенцијата за супервизија на осигурување со помош на Центарот за реформи во финансиското известување и известување за одржливост при Светската банка обезбеди еднонеделна обука за вработените во друштвата за осигурување и во супервизијата со цел подобро разбирање на барањата на стандардот и поефикасна транзиција на институциите. Обуката ја спроведува Г.Дарел Скот кој непосредно го има водено процесот на усвојувањето на стандардот, како поранешен член на Одборот за меѓународни сметководствени стандарди.


Соопштение за јавноста – Известување за отворање стечајна постапка за осигурително брокерско друштво СН Осигурителен брокер АД Битола
Агенцијата за супервизија на осигурување информира дека Основниот суд Битола на рочиште одржано на 15 мај 2025 година донесе Решение за усвојување на предлогот за отворање стечајна постапка за СН Осигурителен брокер АД Битола со седиште на ул. „Димитар Илевски – Мурато“ бр.5 Битола.
Решението е достапно на следниот линк https://www.seinet.com.mk/document/73058
Агенцијата за супервизија на осигурување ја следи постапката и ги презема сите неопходни активности за заштита на интересите на осигурениците и осигурителниот пазар.
За понатамошни информации, јавноста ќе биде навремено известена.
Зајакнување на финансиската писменост кај учениците
На 28 мај, во просториите на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) се одржа средба помеѓу директорот на средното училиште Васил Антевски- Дрен, Александар Канурков и претставници на АСО предводени од Советот на експерти, на тема “Зајакнување на финансиската писменост кај учениците”.

На средбата разговаравме за важноста на рана финансиска едукација како основа за градење на одговорни граѓани, свесни за своите потрошувачки и финансиски права и обврски. Двете страни ја изразија својата подготвеност за понатамошна соработка преку:
-организирање интерактивни работилници и предавања за ученици,
-вклучување на теми од областа на финансиска едукација во наставата,
-развој и споделување на едукативни материјали прилагодени за учениците,
-можности за заедничко одбележување на денови на финансиска писменост и сл.
Иницијативата претставува конкретен чекор кон унапредување на финансиската свест кај младите и поттикнување на нивната вклученост во теми кои се круцијални за нивната иднина.
АСО со уште една успешна едукативна работилница за финансиска писменост и осигурување
Во рамки на кампањата “МАЈ – месецот на финансиска едукација за зајакнување на финансиската свест кај младите”, Агенцијата за супервизија на осигурување реализира уште една успешна интерактивна работилница со учениците од деветто одделение во ОУ Браќа Миладиновци, Општина Аеродром, Скопје.


Преку динамична сесија учениците имаа можност да се запознаат со основните поими од областа на финансиското планирање и зошто е важно да се планираат личните финансии, да научат како функционира осигурувањето и каква улога има во заштитата од ризици, Во текот на дружењето, учениците имаа можност активно да ги проверуваат своите знаења преку решавање на краток анонимен квиз. Квизот беше дизајниран на интерактивен начин, со цел да ја поттикне нивната ангажираност и интерес за дискусија и да поставуваат прашања во врска со осигурување и нивните права како потрошувачи.
Оваа активност е дел од континуираните напори на Агенцијата за супервизија на осигурување за унапредување на финансиската едукација кај младите и градење на информирани идни генерации.
Одржана работна средба помеѓу Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) и Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ)
Со цел унапредување на соработката и заедничко делување во интерес на заштита на осигурениците, на 23 мај во просториите на Агенцијата за супервизија на осигурување се одржа работна средба помеѓу претставници на АСО и ОПМ.


На средбата Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, м-р Ели Дракуловска и Претседателот на ОПМ, Д-р Маријана Лончар Велкова ги разгледаа тековните предизвици со кои се соочуваат осигурениците, можностите за подобрување на механизмите за информирање и едукација, како и начините за понатамошно зајакнување на транспарентноста и довербата во осигурителниот сектор.
Двете страни ја истакнаа важноста на континуираната комуникација и заедничките активности, особено во делот на едукација, подигнување на свеста и заштита на правата на потрошувачите како и подигнување на општествената одговорност кај чинителите на пазарот на осигурување.
Средбата заврши со заклучоци за натамошни чекори и иницијативи кои ќе придонесат кон градење поинклузивна заштита на осигурениците.
Билатерална средба на раководствата на АСО и на федералната АНО од Босна и Херцеговина
Регионалната соработка меѓу регулаторите во осигурувањето е многу значајна за реформските процеси кои во континуитет ја зајакнуваат заштитата на осигурениците и нивните права.



Со цел продлабочување, проширување и зајакнување на регионалната соработка меѓу регулаторите во осигурителната дејност, на поканата на Ели Дракуловска, претседател на Советот на АСО, денеска во Скопје на работна средба допатува високото раководство на федералната Агенцијата за надзор врз осигурувањето (АНО) на Босна и Херцеговина предводена од директорот Иван Лубуриќ, во состав Мирјана Вегар, помошник директор, Алма Смаилагиќ помошник директор за надзор врз друштвата за осигурување и за заштитниот фонд, Един Тасо помошник директор за надзор врз посредници во осигурување.
Членовите на Советот на АСО Ели Дракуловска, Александра Дранговска и Горан Здравковски заедно со претставници на стручните служби на билатералната средба со претставниците на АНО разговараа за регионалните аспекти на актуелните теми кои произлегуваат од предизвици за имплементација на регулаторните стандардите на ЕУ во областа на осигурувањето.
Размената на искуства и мислења за тековни и актуелните реформски процеси во двете земји даде идеи и простор за зајакнување на соработката која двете страни ја оценија како успешна.
Мај- месец на финансиска писменост: Започнува едукативно-информативната кампања „Информиран потрошувач е заштитен потрошувач“
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) годинава како и секогаш досега во мај ќе го посвети на финансиската писменост со цел континуирано подигнување на свесноста за потребата од значењето на осигурувањето.

Под слоганот “Информиран потрошувач е заштитен потрошувач” овој месец ќе имаме бројни активности посветени на значењето на осигурувањето, објави на едукативни и информативни материјали, квизови и посети на воспитно-образовни институции.
Следете не секој ден на профилите на АСО на социјалните мрежи „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Линкдин“ за корисни совети како правилно да изберете осигурителен производ, да научите за ризиците и да знаете како да ги заштитите вашите права!
Воедно Ве покануваме да не контактирате и да организираме посета на образовната институција што ја претставувате со цел учениците да се запознаат со основите или да ги продлабочат нивните знаења за важноста на осигурувањето.
Билатерална работна средба АСО – АНО
Зајакнувањето и продлабочувањето на регионалната соработка меѓу регулаторите во осигурителната дејност е еден од врвните приоритети на раководството на Агенцијата за супервизија на осигурување. По тој повод на покана на Ели Дракуловска, претседател на Советот на АСО, денеска во Скопје на работна средба допатува претседателот на Советот на црногорската агенција за надзор на осигурувањето (АНО) г-дин Марко Ивановиќ, извршниот директор Бранко Барјактаровиќ, Марија Лаловиќ и Ивана Ѓуровиќ, стручни лица за регулатива, лиценцирање и правни работи.


Членовите на Советот на АСО Ели Дракуловска, Александра Дранговска и Горан Здравковски и претставници на стручните служби, на билатералната средба со колегите од Црна Гора одржана во просториите на АСО разговараа на актуелните теми и предизвици и приближувањето кон регулаторните стандардите на ЕУ во областа на осигурувањето. При тоа разменија искуства и мислења за актуелните тековни реформски процеси во двете земји и утврдија агенда за продлабочување на меѓусебната соработка која раководствата на АСО и на АНО ја оценија како плодна и успешна.