Во јули постигнат нов рекорд! Осигуреници за еден месец вложиле 21 милион евра во неживотни осигурувања
Од доброволните осигурувања најпродавано останува да биде осигурувањето имот со вложувања од 3 милиони евра за еден месец пред каско осигурувањето со 2 милиони евра и здравственото осигурување со 1,7 милиони евра. Јули е рекорден според продажба на неживотно осигурување пред се затоа што значајно расте продажбата за задолжителното автомобилско осигурување, а тоа е резултат на регистрирани над 85.000 возила за само еден месец

Вложувањата на граѓани, институции и компании во неживотни осигурувања во јули достигнаа 1,29 милијарди денари (21 мил.евра). Ова претставува рекордно односно највисоко месечно ниво на вложување во осигурителни производи во првите седум месеци годинава, покажуваат официјалните месечни податоци што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат сите 11 осигурителни компании кои продаваат неживотни осигурувања.
Досега месеци со највисоки вложувања во осигурувањето, според официјалните податоци, беа јануари и јуни со по 1,22 милијарди денари (19,8 мил.евра). Побарувачката за осигурување во јули е за 13 отсто повисока од продажбата на осигурување неживот во јануари и во јуни.
Од сите класи на доброволни осигурувања, очекувано, најмногу пари се вложени во осигурување имот. Граѓани, фирми и институции склучиле над 14.000 договори во кои вложиле 184 милиони денари (3 милиони евра).
На второ и трето место според продажбата на доброволни осигурувања во јули беа каско осигурувањето за моторни возила и приватното (дополнително) здравствено осигурување. Во осигурување на штети врз своите возила (каско) осигурениците во јули вложија 126,3 милиони денари (2,05 мил.евра). Тоа е раст од 9 отсто во однос на јуни годинава.
Од продажбата на приватно здравствено осигурување компаниите акумулирале 105,5 милиони денари (1,7 мил.евра). Продажбата на овој производ во јули е за нијанса помал во однос на продажбата во јуни годинава.
Вредно за истакнување е дека во ек на сезоната на летни одмори продажбата на патничко осигурување достигна ниво од 44,8 милиони денари (728.000 евра). Тоа е 16 отсто повеќе во однос на претходниот месец односно јуни. Раст на продажбата на патнично осигурување од 6 отсто има и во однос на јули лани.
Во најголемата осигурителна класа осигурувањето од автомобилска одговорност, која е воедно и задолжителна со закон со цени регулирани од државата, има најголем раст на продажбата. Во јули компаниите од продажба на полиси (задолжително осигурување кое се купува при регистрации, зелена карта при возење во странство и гранично осигурување за странци кои возат низ Македонија н.з.) инкасирале 693,4 милиони денари (11,3 мил.евра). Во споредба со истиот месец лани во јули годинава продажбата е зголемена за над 60 милиони денари (1 мил.евра).
Продажбата на зелена карта (осигурување за возење во странство) во јули надминала 3 милиони евра и е за 8 отсто повисока од истиот месец лани.
Клучен генератор на растот на продажбата е осигурувањето за возење во земјава (ЗАО -задолжителното осигурување од автомобилска одговорност кое се продава при регистрација на возилта н.з.).
Продажбата на ова осигурување (чија цена е регулирана од Владата) во јули изнесува 473 милиони денари (7,7 мил.евра) и тоа е за 11,3 отсто повеќе од јули лани. Со оглед на тоа дека не се променети цените на ЗАО растот на приходите од продажба е генериран од зголемениот број на регистрирани возила во Македонија.
Во јули годинава, според податоци на Националнот биро за осигурување (НБО) се регистрирани над 85.000 возила. Тоа е за 12 отсто повеќе регистрирани возила во јули годинава во споредба со јули 2023 година.
Повеќе детали за работата на осигурителните друштва во јули се достапни на следниот линк https://aso.mk/mesechni-podatoczi-za-osiguruvanje-juli-2024-godina/
Осигурани над 350.000 возила за половина година, секое трето возило има зелена карта
Сопствениците на возила, во првата половина од годинава, вложиле 43,1 милиони евра во задолжително oсигурување од автомобилска одговорност како и во зелена карта. Во осигурувањето за возење во странство (популарно познато како зелена карта) граѓаните и компаниите вложиле 10,2 милиони евра за шест месеци. Сите цени за задолжителното автомобилско осигурување и за зелена карта ги регулира државата. АСО, Министерството за финансии и осигурителната индустрија работат на подготовките на процесот за либерализација на цените на автомобилското осигурување што е и еден од условите во пристапните преговори за членство во ЕУ
Граѓани, компании и институции осигурале речиси 351.000 возила (патнички и товарни возила, автобуси, моторцикли, трактори, приколки и специјални возила) во периодот јануари – јуни годинава. Вкупниот број возила за кои сопствениците купиле полиси за задолжително осигурување од автомобилска одговорност во 2023 година е зголемен за 6,3 отсто во споредба со 2022 година, покажуваат прелиминарните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги достави Националното биро за осигурување (НБО).
Сите 12 осигурителни компании во првите шест месеци издале над 468.000 полиси за осигурување (ЗАО и зелена карта) и за превземањето на ризиците наплатиле 2,65 милијарди денари (43,1 мил.евра). Податоците на НБО покажуваат дека бизнисот со осигурување од автомобилска одговорност во првата половина годинава пораснал за 6 отсто во споредба со истиот период 2023 година.
Секое трето осигурано возило има и зелен картон – осигурување кое овозможува возење во странство. Во првите шест месеци сите 12 осигурителни компании издале повеќе од 117.000 зелени карти. Бројот на издадени зелени карти лани е за нијанса , односно за 2 отсто, помал од бројот на издадени зелени карти во истиот период лани. Но од друга страна вложувањата во зелена карта годинава се за 4,5 отсто повисоки од истиот период лани.
Зелената карта е осигурување кое служи за обештетување на трети лица доколку се случи сообраќајна незгода или несреќа во странство. Специфика на зелената карта е тоа што во некои земји нема утврдена максимална сума за човечки жртви во сообраќајна несреќа. Во таков случај осигурителната компанија што ја издала зелената карта ќе исплати износ без ограничување.
Само за споредба граѓани, компаниите и институциите за цела 2023 година купиле вкупно 958.528 полиси за осигурување возила во земјава и во странство. Во осигурување од автомобилска одговорност (за возење во земјава и во странство) во 2023 година се вложени 5,33 милијарди денари (86,75 мил.евра).
НБО е организација основана од осигурителните компании која има законски овластувања да ги врши работите предвидени со меѓународните спогодби за осигурување на сопствениците и корисниците на моторни возила од одговорност во сообраќајот. Воедно НБО ги претставува сите македонски компании за неживотно осигурување во меѓународните организации и институции за осигурување.
Во Македонија законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и зелената карта имаат регулирани цени кои ги утврдува и контролира Владата преку надлежна стручна интересорна комисија во која членуваат претставници на Министерството за финансии, НБО и на АСО.
Известување за статусни измени- присоединување
Почитувани,
Ве известуваме дека врз основа на Решение Бр. 14-1-1211 од 22.4.2024 година за издавање на дозвола за статусна измена – присоединување, Друштвото за осигурување ВИНЕР – Виена Иншуренс Груп Скопје се присоедини кон АДОР МАКЕДОНИЈА Скопје – Виена Иншуренс Груп.
Уписот на извршената статусна промена – присоединување во Централниот регистар на РСМ во согласност со Законот за трговските друштва е направен на ден 27.6.2024 година за што АДОР МАКЕДОНИЈА Скопје – Виена Иншуренс Груп ја извести Агенцијата до допис од 27.6.2024 година.
Граѓани наплатија над 7 милиони евра од осигурување живот за пет месеци
Речиси шест милиони евра за пет месеци наплатиле граѓани од нивните полиси за осигурување живот со кои имале можност и за штедење на уплатените средства. За смртни случаи покриени со ризико осигурување компаниите исплатиле 613.000 евра, а за осигурување со инвестициска компонента во овој период се исплатени 640.000 евра
Граѓаните наплатиле 443 милиони денари (над 7,2 мил.евра) од осигурување живот во првите пет месеци годинава, покажуваат официјалните податоци кои шесте компании за осигурување живот ги доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Во овој период од пет месеци над 2.500 граѓани добиле надомест за штетите кои биле покриени со полиси за осигурување живот издадени од пет компании за осигурување живот.
Најмногу средства во овој период се исплатени по полиси за осигурување живот со штедна компонента. Ова е најстариот производ на животно осигурување кој на нашиот осигурителен пазар се продава 20 години. Негова главна карактеристика е тоа што покрај осигурувањето живот нуди и штедење на вложените средства. Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства зголемени со камата за дадениот период. Во првите пет месеци годинава од ова осигурување граѓаните од компаниите за осигурување наплатиле 366 милиони денари (5,95 мил.евра). Во најголема мерка, во првите пет месеци, парите се исплатени на осигуреници на кои им завршил договорот за осигурување и ги повлекле нивните вложени средства зголемени за каматата.
На второ место според висината на исплатените средства во првите пет месеци, е осигурувањето со инвестициски компонента кое е популарно познато под називот „јунит линкд“ осигурување. Овој осигурителен продукт на граѓаните заедно со осигурување живот им овозможува и вложување на поголем дел од уплатените средства во удели на инвестциски фондови. Заради тоа што цените на уделите на инвестициските фондови зависат од светските берзи тие се подложни на промени. Токму таа карактеристика создава можност за пристојни па дури и солидни приноси од вложувањата, но носи и ризик кога паѓаат цените на берзите. Важно е да се знае дека со вложувањето во овој осигурителен продукт ризикот од вложувањето го носи осигуреникот. Со цел подобра информираност и поголема заштита на осигурениците АСО донесе правилник со кој дефинираше квантум на информации што мора да ги добијат осигурениците од продавачите на осигурување пред да одлучат да купат „јунит линкд“.
Во првите пет месеци кај ова осигурување компаниите на осигуреници им исплатиле 39,35 милиони денари (640.000 евра).
Најмало учество во исплатените средства во овој период има осигурувањето без штедна компонента кои е популарно познато како ризико осигурување. Кај овој продукт осигуреникот го осигурување својот живот и доколку настане смрт во осигурениот период компанијата исплаќа осигурена сума на членови на негово семејство или на носители на правото на обештенување кои ги навел осигуреникот во својата полиса. Поради смрт на осигуреници во овој период компаните за осигурување живот исплатиле 37,7 милиони денари (613.000 евра) на нивни семејства или лица кои биле носители на правото на осигурување.
Повеќе податоци за состојбата на пазарот за осигурување живот се достапни на следниот линк https://aso.mk/category/publikaczii/izveshtai-za-rabotata-na-osiguritelnata-industri-a/drushtva-za-osiguruva-e/
За потребата од и значењето на осигурувањето живот повеќе може да научите на нашиот едукативен портал https://edukacija.aso.mk/