Граѓаните наплатија 5,3 милиони евра од здравствено осигурување за пет месеци
Вредноста на исплатените штети за приватно здравствено осигурување за првите пет месеци годинава пораснале за 28,5 % во однос на истиот период лани. Исплатите за каско осигурување се зголемени за 26%, а на приватното здравствено осигурување пораснале 28,5%. Компаниите за неживотно осигурување за пет месеци исплатиле над 58.400 штети
Осигурениците наплатија 324,4 милиони денари (5,3 милиони евра) од осигурителните компании за медицински трошоци покриени со нивните полиси за приватно здравствено осигурување во првите пет месеци годинава, покажуваат податоците кои осигурителите ги доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Осигурителните компании годинава исплатија 1,2 мил.евра повеќе пари за медицински трошоци покриени со осигурување во споредба со истиот период лани. Во зависност од видот на осигурување, премијата и осигурените суми осигурениците добиваат покритија за трошоци направени за приватни прегледи, испитувања, снимања и операции. Приватното здравствено осигурување е најпопуларен осигурителен продукт меѓу другото и затоа што се поголем број на компании го користат во нивните политики за привлекување работници, а воедно и за лојалност за вработените.
Во првите пет месеци вредноста на исплатените штети за сите класи неживотно осигурување изнесува 1,95 милијарди денари (31,7 мил.евра). Во однос на истиот период во 2023 година вредноста на штетите што ги исплатиле компаниите за осигурување е повисока за речиси 2 милиони евра односно за околу 7 отсто.
Процентуално највисок раст на исплатените средства за штети покриени со осигурување има кај патничкото осигурување. За првите пет месеци осигурителите за изгубен багаж, медицински трошоци при патување во странство и други штети покриени со тоа осигурување исплатиле 42,9 милиони денари (700.000 евра). Тоа е за 40 отсто повеќе од истиот период лани.
По приватното здравствено осигурување, од сите доброволни класи, најголема исплата на штети има за каско осигурени возила. За пет месеци нивните сопственици од пријавени штети наплатиле 303,5 милиони денари (4,9 мил.евра). И тоа е за 26 отсто повеќе од претходната година.
Во најголемата осигурителна класа, која воедно е и законски задолжителна, тоа е автомобилската одговорност се исплатени 998,4 милиони денари (16,2 мил.евра). И тоа е малку повеќе од половина од вкупно исплатените средства за штети покриени со осигурување.
Во првите пет месеци годинава 11 осигурителни компании за неживотни осигурувања исплатиле над 58.400 штети на осигуреници.
Повеќе информации за осигурителниот пазар се достапни на следниот линк https://aso.mk/category/publikaczii/izveshtai-za-rabotata-na-osiguritelnata-industri-a/drushtva-za-osiguruva-e/
Вложувањата во неживотни осигурувања пораснаа 10%, достигнаа 90 милиони евра за пет месеци
И во првите пет месеци годинава, како и претходно, најпопуларно осигурување останува да биде приватното здравствено осигурување, а најголемо добролно осигурување е осигурувањето имот. Значаен раст има и кај вложувањата во каско осигурување. Од настанати штети покриени со осигурување во овој период граѓани, компании и институции наплатиле речиси 32 милиони евра
Вложувањата во сите неживотни осигурувања за првите пет месеци година (јануари-мај) надминаа 5,5 милијарди денари (89,6 мил.евра). Вредноста на вложувањата во осигурување на граѓани, институции и компани годинава пораснала за 10 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат официјалните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат компаниите за неживотни осигурувања.
Во овој период расте и вредноста на исплатените штети покриени со осигурување. За првите пет месеци годинава осигурениците наплатиле 1,95 милијарди денари (31,7 мил.евра) од осигурителните компании. Вредноста на исплатените осигурени штети годинава е за 6 отсто повисока во однос на претходната година.
Клучните индикатори за вложувања во осигурување и за исплатени штети покажуваат дека индустријата бележи континуиран раст. При тоа расте обемот на осигурување, бројот на осигурени лица, ризиците превземени во осигурување како и вредноста на исплатените осигурени штети. Трендот докажува дека активностите на АСО во континуитет обезбедуваат предуслови за раст на продажбата на осигурување, но и зголемена заштита на осигурениците.
Од доброволните осигурувања најбаран и најбрзорастечки производ и понатаму е приватното (доброволно) здравствено осигурување. Во првите пет месеци во полиси за здравствено осигурување се вложени 687,7 милиони денари (11,2 мил.евра) Во споредба со истиот период лани вложувањата во здравствено осигурување се зголемени за 35 отсто.
Солиден раст има и кај каско осигурувањето на моторни возила. За пет месеци осигурителните компании продале полиси во вкупна вредност од 543 милиони денари (8,83 мил.евра) што е за 17 отсто подобар резултат од истиот период лани.
Најголема доброволна класа, според обемот на вложувања, останува да биде осигурувањето имот. За овој период граѓани, институции и компании вложиле 1,22 милијарди денари (19,82 мил.евра) и тоа е минимално зголемување за 2 отсто во споредба со претходната година.
Од најголемата класа, која воедно е задолжителна со закон, а тоа е осигурувањето од автомобилска одговорност (АО) во првите пет месеци компаниите инкасирале 2,21 милијарда денари (36 мил.евра). Вложувањата во ова осигурување пораснале за 7 отсто во однос на лани, а тоа се должи на зголемениот број осигурани возила во однос на истиот период лани.
Во првите пет месеци годинава компаниите за осигурување со своите клиенти склучиле над 676.000 договори за прием во осигурување. Бројот на склучени договори годинава пораснал за 5 отсто во однос на истиот период минатата година. Најмногу договори за осигурување, над 305.700, се склучени за осигурување од незгода. Тоа е производ наменет за колективно осигурување на вработени и ученици со кое се покриваат повреди на или надвор од работно место или училиште.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Шеста работна средба на финансиските регулатори, приватниот и граѓанскиот сектор посветена на медијацијата како алатка за ефикасно и економично решање спорови
Координациското тело, ја организира редовната работна средба на регулаторите, приватниот и граѓанскиот сектор за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија. На средбата, заради поголема популаризација и користење на медијацијата како алатка за решавање одреден спор, предавање на тема: „Медијацијата како алатка за ефикасно и економично решавање на споровите, вклучително и во областа на финансиите“ одржа Јелисавета Георгиева-Јовевска, претседателка на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора.
Целта на предавањето е искуствата, пренесени на оваа презентација, да придонесат за поголема примена на медијацијата во доменот на финансиските услуги, како начин на поддршка на финансиската вклученост и заштитата на потрошувачите на финансиски производи и услуги.
Средбите коишто се одржуваат два пати во текот на годината овозможуваат редовен дијалог помеѓу финансиските регулатори, субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор вклучени во активностите за финансиска едукација. Размената на предлози и искуства за зајакнувањето на финансиската вклученост и заштитата на потрошувачите во финансискиот систем обезбедува успешно спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.
Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија обезбедува координиран пристап на национално ниво и стратегиска рамка во која се препознава значењето на едукацијата, се овозможува вклученост и координираност на сите засегнати страни и се утврдува мапа на активности за ефективно постигнување на целите.

Информација за јавност во врска со зголемената цена на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност
Агенцијата за супервизија на осигурување ја известува јавноста дека зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании.
По добиените известувања од осигурителните компании дека ќе ја зголемат цената направени се актуарски пресметки за проверка. По извршените актуарски пресметки утврдено е дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано.
Поради тоа АСО го информираше и достави предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност. И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.
Министерството за финансии во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност, денеска ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седница со цел да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки. При тоа заклучи во понеделник на нова седница да разгледа Извештај од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.
Истовремено, Министерството за финансии врз основа на добиеното известување од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување, која е регулатор на осигурителниот сектор, денеска се обрати и до Комисијата за заштита на конкуренцијата, со цел да се испита дали се прекршени правилата на фер и конкурентно однесување, а согласно oдредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.