Седница одржана на 30 мај
- Записник од 15-та седница на СнЕ на АСО одржана на 23 мај, 2023 година;
- Финансиски извештаи на АСО за 2022 година ревидирани од овластен ревизор.
Само 3% од жителите на Неготино го осигурале имотот, 30 лозари пријавиле штети од невремето во осигурителните компании
Земјоделско осигурување имаат 180 лозари во општина Неготино, а секој шести од нив пријавил штета од последното невреме со град кој оштети лозови насади. Од силното невреме штети врз имотот пријавиле и 19 осигуреници од таа општина. Вкупно 562 жители на Неготино имаат полиси за осигурување имот и тоа е само 3 отсто од сите жители на таа општина. Со овие 562 полиси се осигурани 7% од становите (домовите) во општина Неготино.
Триесет лозари од регионот на Неготино пријавиле штети до осигурителните компании по силното невреме со град што го зафати овој крај кон средината на август. Полиси за земјоделско осигурување имаат вкупно 180 осигуреници физички лица во општина Неготино, а секој шести од нив пријавил штета врз своите лозови насади, покажуваат официјалните податоци кои Агенцијата за супервизија за осигурување (АСО) ги обезбеди од осигурителните компании.
Три осигурителни компании склучувале договори за земјоделско осигурување со земјоделци, најголем дел лозари, од општина Неготино. За овој период има вкупно 188 земјоделски осигурувања од кои 180 полиси на индивидуални земјоделци, а 8 договори за осигурување склучиле компании од овој крај кои се занимаваат со лозарство и земјоделство.
Истовремено повеќе од 50 лозари кои немаат земјоделско осигурување пријавиле штети до општинската управа со молба државата да им утврди и исплати надомест на дел од штетата што им ја нанело невремето. Оваа пракса, со која државата обештетува пост-фестум и долг период наназад ги демотивира земјоделците да ги осигуруваат своите посеви и плодови, наскоро ќе биде укината. Тоа го предвидува новиот закон што се подготвува со кој земјоделското осигурување ќе стане задолжително и во уредувањето на процесите активно ќе учествува државата во соработка со сите компании за неживотно осигурување.
Штети врз осигуран имот, по силното невреме во Неготино, пријавиле вкупно 19 осигуреници од кои 18 се физички лица и една компанија. За овој период на територија на општина Неготино сите 11 компании за неживотно осигурување имале 734 полиси со кои осигурувале имот. Од нив 562 договори за осигурување имот се на физички лица, а 172 полиси имаат фирми и други правни субјекти со седиште во Неготино.
Споредбата на официјалните податоци од последниот попис на Државниот завод за статистика спроведен лани и бројот на активни полиси покажува дека само 3 отсто од жителите на Општина Неготино го осигурале својот имот.
Споредбата на бројот активни полиси за осигуран имот и бројот на станбени единици во општина Неготино, од последниот попис лани, покажува дека само 7 отсто од становите се осигурани.
Зошто е важно да се осигура имотот, што опфаќа и на што треба да се внимава?
Осигурувањето на имотот е важно бидејќи за мал износ на премија што го плаќа сопственикот на имот на осигурителната компанија добива полиса која го штити од голема загуба која би можела да настане на имотот предизвикана од ризик дефиниран во самата полиса.
Во спротивно, доколку имотот остане неосигурен, претрпените штети предизвикани од овие ризици можат да бидат големи и тешко надоместливи за сопственикот на имотот.
При склучување на полисата за осигурување, треба да внимаваме осигурената сума да биде соодветна на вредноста на имотот. Во случај ако настане штета, осигурителната компанија има обврска да исплати надомест во висина на претрпената штета.
Најчести ризици на кои се изложени земјоделците се временските непогоди, како град, мраз, суша, силен ветар, обилни количини на атмосферски врнежи и слично. Имотот на домаќинствата и правните субјекти најчесто е изложен на ризици од пожари, поплави, земјотреси, удари од гром, луња (многу силен ветар) експлозии, кражби, излевања од водоводна, канализациска и топлинска мрежа и други можни оштетувања на имот.
Сите информации за осигурување имот се содржани во документот со назив Услови за осигурување имот кој секоја компанија за осигурување е должна да му го даде на секој осигуреник.
АСО особено препорачува сите осигуреници, пред да купат полиса за осигурување, со внимание да ги прочитаат Исклучоците од осигурувањето кои дефинираат кои ризици не се покриени и за нив не следува обештетување.
АСО реши 31% повеќе претставки во корист на осигуреници, изречени парични казни за две осигурителни компании
Во првото полугодие годинава осигуреници најбројни се претставките за исплата на штети од автомобилска одговорност и за осигуран имот. Најголем раст има кај бројот на претставки со кои осигурениците се жалат на рокот во кој компаниите ги решаваат штетите. Менаџментот на АСО во континуитет ја зголемува транспарентноста во работењето што резултира со постојан раст на бројот на добиени претставки. Во првите шест месеци бројот на претставки по кои постапува АСО се зголеми за 65% во споредба со истиот период лани
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) доби 135 претставки од осигуреници кои се жалат на услугите на осигурителни компании и брокерски друштва во првите шест месеци годинава.
АСО, врз основа на обработените претставки, утврди пропусти во постапувањето кај две осигурителни компании за што им изрече и парични казни.
Осигурениците во овој период најчесто се жалеле на остварување на правата за обештетување по полиси од автомобилска одговорност и од осигурување имот.
Во корист на осигурениците АСО реши 21 претставка и тоа е за 31 отсто повеќе од истиот период минатата година. Очекувано, најголем број, односно 12 од позитивно решените претставки се кај осигурувањето од автомобилска одговорност, најмасовната класа осигурување.
Во корист на осигуреници се решени 4 претставки за осигуран имот, 2 претставки за осигурување од незгода и по една поплака за приватно здравствено осигурување, за осигурување живот и за каско осигурување.
Во процес на решавање се 23 претставки, а 16 се повлечени од подносителите. Во 16 случаи АСО утврдил дека поднесоците се без основа, а негативно се решени 59 од обработените претставки.
Што се однесува до видот на осигурување, очекувано, осигурениците најчесто се жалеле на услуги во најмасовната класа – автомобилско осигурување. АСО, од оваа класа осигурување, обработил 47 претставки меѓу кои најбројни односно 26 поплаки се за постапки за обештетување преку пополнување Европски извештај.
Во првото полугодие поднесени се 26 претставки за осигуран имот. Кај оваа класа има најголем раст на поднесени претставки во однос на истиот период лани и тој изнесува 160 отсто.
Најчеста причина за поднесена претставка во овој период е основата по која компаниите исплаќаат штети. За првите шест месеци се примени 50 такви претставки.
Најголем раст на поплаките има заради рокот во кој компаниите ги обработуваат пријавените штети од осигуреници. За овие шест месеци има 23, а за истиот период лани имало само 4 такви претставки.
Бројот на осигуреници- физички лица кои поднеле претставки е зголемен за 58 отсто и изнесува 106.
Во овој период 22 правни лица поднеле претставки за услугите од нивните осигурители. Бројот на претставки поднесени од осигуреници – правни лица, годинава во однос на лани, е поголем за 47 отсто.
Претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на осигурителната компанија за оштетното побарување или не добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разледува анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.