Започнува „Глобална недела на парите“: Финансиските регулатори со бројни едукативни активности, со фокус на дигиталните предизвици врз финансиската писменост
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Народната банка (НБ), Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност (КХВ) и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и во претстојниот период ќе спроведат бројни едукативно-афирмативни активности кои се со цел на подигнување на јавната свест за значењето на финансиската писменост. Со овие активности македонските финансиски регулатори активно ќе се приклучат во одбележувањето на „Глобалната недела на парите“ глобална акција за подигнување на свеста за потребата од финансиска едукација и финансиска инклузија.
Годинава на акцијата што традиционално 13 години по ред ја организираат финанските регулатори ќе се приклучат и асоцијации, компании и здруженија од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација.
Глобалната недела на парите традиционално се одбележува преку предавања за различни возрасни групи, објавување едукативни материјали од областа на финансиите на интернет-страниците, одржување работилници со физичко присуство или онлајн, објавување едукативни содржини на социјалните мрежи.
Темата на која е посветена годинешната Глобална недела на парите е: „Размисли пред да „заследиш“, за безбедност на твоите пари во иднина“ (Think before you follow, wise money tomorrow).
Темата се осврнува на сложеноста на современите дигитални финансиски трендови, појавата на лица што даваат совети за финансиските инвестиции (т.н. „финфлуенсери“) и зголемената употреба на вештачката интелигенција при утврдувањето на веродостојноста на финансиските информации и совети, особено за младите. Понатаму, и емоционалната пристрасност и однесувањето, особено менталитетот на толпата можат да поттикнат лоши финансиски одлуки под притисок на врсниците или под влијание на социјалните медиуми.
Во овој контекст, од огромно значење е младите да развијат добри вештини за управување со парите, да препознаваат емоционални поттикнувачи и да стекнат критички пристап кон изворите на информации. Зајакнувањето на финансиската писменост може да им помогне на младите подобро да се снаоѓаат на финансиските пазари, да се спротивстават и да препознаат пристрасни совети што води до попаметни финансиски одлуки. Оттаму, темата на овогодишната Глобална недела на парите ги поттикнува младите луѓе да бидат исклучително претпазливи при носењето финансиски одлуки и користењето на современите технологии во финансискиот сектор.
Во рамките на одбележувањето на Глобалната недела на парите регулаторите и партнерите од приватниот сектор ќе организираат повеќе предавања за учениците од основните и средните училишта, децата од предучилишна возраст и за студентите. Воедно, секој ден ќе се објавуваат едукативни содржини на социјалните мрежи.
Во меѓународни рамки, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот и со која се опфатени 60 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Повеќе информации за Глобалната недела на парите се достапни на врската: www.globalmoneyweek.org
Седница одржана на 26 март
- Записник од 6-та седница на СнЕ на АСО одржана на 14 март, 2025 година,
- Одлука за изрекување мерки на супервизија кон Друштвото за осигурување ЗОИЛ Македонија АД Битола,
- Решение за издавање на согласност за стекнување на квалификувано учество во Осигурително брокерското друштво ПЕТРОЛ-ОИЛ БРОКЕР АД Скопје на лицето Јовица Латиновски,
- Решение за издавање на согласност за стекнување на квалификувано учество во Осигурително брокерското друштво ПЕТРОЛ-ОИЛ БРОКЕР АД Скопје на лицето Катерина Латиновска-Зенговска,
- Решение за издавање согласност за вршење на функцијата извршен член на Одборот на директори на Триглав Осигурување АД, Скопје на лицето Војдан Јорданов.
Комитетот за финансиска стабилност го усвои Годишниот извештај: Финансискиот систем е стабилен
Финансискиот систем и натаму е стабилен, додека ризиците се на умерено ниво. Ова е општиот заклучок во Годишниот извештај на Комитетот за финансиска стабилност за 2024 година, којшто Kомитетот го усвои на својата последна седница.
Во Годишниот извештaј се наведува дека домашниот финансиски систем покажува висока отпорност на шокови и успешно се справува со тековните предизвици. Во 2024 година, финансиските институции работеа во поповолно макроекономско опкружување, постигнаа солидни резултати и придонесоа кон продлабочено финансиско посредување.
Ризиците за финансиската стабилност што произлегуваат од различните сегменти на финансискиот систем се умерени, како и ризикот од „зараза“, односно прелевање на ризиците од еден во друг сегмент. Сепак, и натаму има одредени неизвесности, главно поврзани со надворешните фактори, како што се геополитичките тензии и економската фрагментација. Како мала и отворена економија, домашниот систем сѐ уште е изложен на надворешни шокови, поради што е потребна постојана претпазливост.
Во тој контекст, финансиските институции и носителите на макропрудентните политики треба внимателно да ги следат состојбите, заради одржување на финансиската стабилност. Финансиските регулатори ќе продолжат со координирано следење на состојбите, навремена размена на информации и доколку е потребно, ќе преземат соодветни мерки во рамките на своите надлежности. Тие располагаат со доволно инструменти за зачувување на финансиската стабилност, обезбедувајќи нејзино одржување и во наредниот период.
Комитетот за финансиска стабилност е меѓуинституционално тело одговорно за спроведување на макропрудентната политика и координација при следење на системските ризици и финансиските кризи. Него го сочинуваат претставници од сите финансиски регулатори: гувернерот на Народната банка, министерот за финансии, претседателите на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС) и Комисијата за хартии од вредност (КХВ), пет претставници од Народната банка и три од Министерството за финансии.
Известување за одложување на активностите по повод „Глобална недела на парите“
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) во соработка и координација со другите регулаторни тела од финансискиот систем (НБРМ, КХВ, МФ и МАПАС) ја известува јавноста дека, поради трагедијата во Кочани ги одложува сите активности планирани со „Глобалната недела на парите“ (ГНП).
Уште еднаш изразуваме наше најдлабоко сочувство со семејствата на загинатите и со сите лица погодени во оваа трагедија.
За новите термини за одржување на ГНП јавноста ќе биде дополнително известена.
Информација за јавност од Агенција за супервизија на осигурување (АСО)
Со цел заштита на правата на осигурениците и одржување на принципот за рамноправност на сите субјетки на осигурителниот пазар Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), согласно своите законските овластувања, ја одзеде лиценцата за работа на осигурително-брокерското друштво „СН Осигурителен брокер“ АД Битола.
Имено, по извршените теренски супервизорски контроли од страна на стручните служби на АСО, констатирано е континуирано непостапување на субјектот по изречените супервизорски мерки.
Врз основа на сите констатирани недоследности од супервизиските контроли и по исцрпување на сите законски мерки и рокови Советот на експерти на АСО ги прифати препораките на стручните служби и со консензус донесе одлука за одземање на лиценцата за работа на споменатиот субјект.
Седница одржана на 20 февруари
- Записник од 4-та седница на СнЕ на АСО одржана на 7 февруари, 2025 година,
- Одлука за супервизорска мерка спрема друштво за осигурување,
- Стратешки план за внатрешна ревизија за период 2025 година – 2027 година,
- Годишен план за внатрешна ревизија за 2025 година,
- Информација за финансиската состојба и перформанси на друштвата за осигурување за периодот 1.1. – 31.12.2024 година,
- Одлука за усвојување на годишната сметка на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2024 година.