Претставници на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) учествуваа на 23-тата Конференција на регулаторни тела за супервизија на осигурување на државите од централна, источна и југоисточна Европа (CESEE ISI)
Конференцијата беше одлична можност за размена на искуства и знаења за актуелни теми од областа на осигурувањето со особени акценти на: предизвиците со примената на меѓународниот сметководствен стандард ИФРС 17 (IFRS 17), процесот ОРСА (ORSA) и принципите за основаност на вложувањата во крипто валути.

Ели Дракуловска, претседател, Александра Дранговска и Горан Здравковски членови на Советот на експерти и Маја Парнарџиева – Змејкова, координатор на Стручната служба за супервизија, покрај учеството на конференцијата остварија и билатерални средби за унапредување и продлабочување на соработката со претставници на супервизорските органи на земји од нашиот регион.


Конференцијата, во организација на Централната банка на Унгарија (Magyar Nemzeti Bank), се одржа на 26 и 27 февруари годинава во Будимпешта.
Финансиска едукација: Посета на студенти од Американ колеџ – Скопје
Агенцијата за супервизија на осигурување во рамки на активностите за финансиска едукација и подигање на свеста за значењето на осигурувањето, во своите простории ги пречека студентите од трета година од Американ колеџ Скопје предводени од професорот Игор Србиноски.

Со надлежностите и активностите на регулаторот АСО присутните студенти ги запознаа Ратка Целаковски и Горан Здравковски, член на Советот на експерти. Воведните излагања за надлежностите и активностите на АСО, важноста на осигурувањето и зајакнувањето на финансиската едукација кај студентите предизвикаа интерес за прашања и интеракција на теми од областа на осигурувањето. Студентите активно учествуваа со прашања и примери и покажаа интерес за понатамошно истражување и учење во оваа област.
Исто така, АСО во рамки на овие средби редовно ги охрабрува студентите својот кариерен развој и раст да го продолжат во Македонија.
Реализираната средба ги зајакнува односите со академската заедница. Продолжуваме со слични средби во иднина за продлабочување на знаењето за осигурувањето, зајакнувањето на финансиската писменост кај младите со цел создавање солидна основа за донесување информирани и одговорни финансиски одлуки, што може да има долгорочни позитивни ефекти на животот на младите и на нивната можност за финансиска независност и успех.
Седница одржана на 7 февруари, 2025
- Записник од 3-та седница на СнЕ на АСО одржана на 31 јануари, 2025 година,
- Одлука за усвојување на Извештај за извршениот попис на средствата и изворите на средства на Агенцијата за супервизија на осигурување со состојба на 31 декември 2024 година,
- Повелба за внатрешна ревизија на Агенцијата за супервизија на осигурувањето,
Седница одржана на 31 јануари
- Записник од 2-та седница на СнЕ на АСО одржана на 24 јануари, 2025 година,
- Одлука за донесување на Годишен план за јавни набавки на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2025 година и донесување на Годишен план за јавни набавки во 2025 година на Агенцијата за супервизија на осигурување,
- Одлука за супервизорски мерки кон друштво за осигурување,
- Решение за одбивање на приговор на друштво
Седница одржана на 24 јануари
- Записник од 1-та седница на СнЕ на АСО одржана на 10 јануари, 2025 година,
- Одлука во однос на сторен прекршок од страна на oсигурително брокерско друштво,
- Решение за давање дозвола за работа како овластен актуар.
Средба на гувернерката со претседателката на АСО: Финансиската стабилност е заеднички приоритет
Блиската соработка помеѓу финансиските регулатори игра значајна улога во зачувувањето на финансиската стабилност, особено земајќи ги предвид глобалните неизвесности и ризици. Со постојан координиран надзор и навремена размена на информации, регулаторите можат подобро да ги предвидат и да се справат со потенцијалните предизвици за финансискиот систем. Таквата соработка обезбедува ефективно спроведување на макропрудентните мерки, ја зајакнува отпорноста и придонесува за одржлив економски раст. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и новоназначената претседателка на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Ели Дракуловска, која воедно е и нов член на Комитетот за финансиска стабилност.

На средбата беа разгледани сегашните параметри во банкарскиот и осигурителниот сектор, при што беше заклучено дека податоците покажуваат стабилност во двата сектора, што, пак, придонесува кон општата финансиска стабилност. Гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска, истакна дека во изминатите години, и покрај предизвиците коишто произлегоа од повеќето кризи, банкарскиот сектор обезбеди солидна кредитна поддршка за домаќинствата и компаниите, поддржана од солидниот раст на депозитите, и тоа пред сѐ во домашна валута и на подолги рокови. Ваквите позитивни промени во билансите на банките беа проследени и со постојано зајакнување на солвентноста и ликвидноста на банките, при задржување на квалитетот на кредитното портфолио.
Ели Дракуловска, претседателка на Советот на експерти на АСО, пак, истакна дека соработката меѓу регулаторите во финансискиот сектор е особено важна за успешно и сеопфатно заедничко делување коешто е предуслов за остварување и задржување на финансиската стабилност. Притоа, АСО како регулатор на осигурителниот пазар во рамките на своите надлежности постојано и целосно е посветен на подобрување на амбиентот за работа и законските рамки заради внесување новини во осигурителната индустрија за зголемување на бруто полисираната премија и вложувањата во осигурителниот сектор.
Од 2020 година, преку потпишување на Меморандумот за соработка, беше формиран Комитетот за финансиска стабилност во кој учествуваа сите тела надлежни за супервизија и надзор на одделните сегменти од финансискиот систем (Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО)). Од 2022 година, со носењето на Законот за финансиска стабилност, Комитетот за финансиска стабилност правно се врамува, како меѓуинституционално тело одговорно за следење на спроведувањето на макропрудентната политика во земјава и за координација на активностите при идентификувањето и следењето на системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем и на финансискиот систем во целина при преземањето макропрудентни мерки и подготовката и управувањето со финансиска криза.