Работилница – Ризично базирана супервизија во осигурувањето
АСО во соработка со УСАИД – проектот Партнери за финансиска стабилност (PFS) организираше дводневна работилница на тема Ризично базирана супервизија во осигурувањето, која се одржа во х. Холидеј Ин на 3 и 4 ноември 2011 г.
Работилницата произлезе врз основа на заклучоците на конференцијата (Предизвици во хармонизирањето на домашната регулатива и супервизија на осигурувањето со регулативата и праксата на Европската Унија) одржана во Охрид, 30-31 мај 2011 г.
Предавачи на работилницата беа Holly Bakke (USAID PFS), Nóra Kiss (HFSA – Унгарија), Tanja Buhlmann (Германија – BaFin), Ivana Petrović (Србија – Народна банка на Србија) and Alma Qamo (Албанија – консултант на Светска банка).
На работилницата присуствуваа над 50 учесници, претставници на надзорните тела за осигурување од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Молдавија, Србија, Унгарија, Хрватска и Црна Гора.
Учесниците, во текот на работилницата, имаа можност да слушнат искуства на земји кои се во различни фази на употребата на ризично базираната супервизија, тргнувајќи од земјите во регионот кои немаат или имаат недоволно развиена регулаторна рамка за овој тип на супервизија, па сè до земјите во ЕУ кои се подготвуваат за имплементацијата на директивата 2009/138/EC (Солвентност II).
Целта на работилница беше практична: учесниците да изработат писмо до менаџментот во кое ќе се наведат потребните чекори со цел воведување на ризично базираната супервизија во осигурувањето.
Седница одржана на 01.11.2011
- Одлука за избор на најдобар истражувачки труд од областа на пазарот на осигурување во Република Македонија, насловен “Економски детерминанти на потрошувачката на животно осигурување во Република Македонија” од Милан Елисковски;
Одбележување на две годишнина на Агенцијата за супервизија на осигурување
Агенцијата за супервизија на осигурувањето ја одбележа двегодишнината од своето постоење со пригодна свеченост која се одржа во хотелот Стоун Бриџ, Скопје. На овој свечен настан беа поканети високи државни претставници, претставници од осигурителната индустрија и претставници од различни институции и тела со кои Агенцијата има професионална соработка.
Во своето обраќање претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, д-р Климе Попоски, ги истакна достигнувањата на Агенцијата како независно регулаторно тело со основна мисија да се грижи за законско ефикасно осигурување на пазарот на осигурување со цел заштита на правата на осигурениците и корисниците на осигурителните услуги.
Исто така, г. Попоски ги истакна основните обележја на пазарот на осигурување во Р. Македонија, односно дека станува збор за мал пазар кој се наоѓа во фаза на динамичен развој, со прифатлива концентрација на субјектите, во доминанта сопственост на странски инвеститори, од кој поголемиот број брендови од Европска Унија.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој присуствуваше на свеченоста, Агенцијата успеала за две години да се етаблира како професионално, независно и компетентно регулаторно тело што успешно ја остварува целта на зајакнување на стабилноста, ефикасноста и конкурентноста на пазарот на осигурување.
– Нема подобра потврда дека нашата Агенција за супервизија е на добар пат од последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во кој посебно се истакнува напредокот на пазарот на осигурување, истакна Ставрески.
Исто така, во своето обраќање, г. Ставрески најави дека Владата ќе продолжи со поддршката на Агенцијата и на развојот на пазарот за осигурување и во таа насока го спомена донесувањето на законот со кој ќе се овозможи реализација на проектот за осигурување од ризикот од катастрофи Европа Ре. Кон крајот на 2012 година ќе биде донесен и нов закон за осигурување со кој во целост ќе се имплементираат европските стандарди за солвентност на осигурителните друштва.
– Донесувањето на тој закон ќе придонесе за зголемување на довербата во финансиската стабилност во осигурителниот сектор, намалување од ризикот на несолвеност на друштвата и рано предупредување до супервизорите на пазарот на осигурување со цел навремена интервенција и спречување на подоцнежни последици, рече Ставрески.
Во рамки на прославата беше доделена награда за млад истражувачки труд од областа на осигурувањето и управувањето со ризик. Осврт кон воведувањето на оваа нова традиција даде проф. д-р Силвана Мојсовска, член на Советот на експерти на Агенцијата, при што истакна дека Агенцијата се приклучува кон трендот започнат од другите регулаторни тела, со цел да се стимулира научната мисла во областа на осигурувањето.

На Конкурсот беа пријавени 9 трудови наградата за млад истражувачки труд од областа на осигурувањето и управувањето со ризик која годинава му беше врачена на Милан Елисковски, за трудот насловен Економски детерминанти на потрошувачката на осигурувањето на живот во Република Македонија.
Исто така, на овој настан Агенцијата ја промовираше и брошурата за пазарот на осигурување чија цел е зголемување на јавната свест за улогата на осигурувањето во приватниот и општествениот живот. Брошурата содржи појаснување и дефинирање на одредени термини од областа на осигурувањето.
На истиот ден, во просториите на Европскиот Универзитет Скопје, започна и обуката за актуари во организација на Агенцијата со што во иднина ќе се овозможи добивање на потребен специјализиран кадар за потребите на осигурителната индустрија.
Седница одржана на 20.10.2011
- Решение за давање согласност на ТРИГЛАВ ИНТ. да стекне квалификувано учество во АД за осигурување ТРИГЛАВ Скопје:
- Правилник за потребната документација за добивање дозвола за вршење на осигурително брокерски работи:
- Одлука за формирање на Комисија за спроведување на стручниот испит согласно Правилникот за начинот на спроведување на стручниот испит потребен за добивање на дозвола за работа како овластен актуар;
- Разгледување на Извештајот за пазарот на осигурување за првото полугодие, 2011 година;
- Разгледување на Извештајот на Комисијата за избор на најдобар истражувачки труд од областа на пазарот на осигурување во Република Македонија.
Посета на претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ)
Претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја посетија Агенцијата за супервизија на осигурување. На работната средба која се одржа на 18 октомври, 2011 година бeше анализирана моменталната состојба на пазарот на осигурување во Република Македонија.
Исто така, претседателот на Агенцијата г. Попоски Климе ги информираше претставниците на ММФ за донесената подзаконска регулатива во областа на осигурувањето која пропишува подетални правила за работење на осигурителните субјекти притоа нагласувајќи ја придобивката од тоа. Беше разговарано и за предизвиците во осигурителниот сектор како и за подготвеноста на Агенцијата во однос на истите.
На крај заеднички беше констатирано дека Агенцијата има постигнато значителен напредок во областа на осигурувањето и супервизијата.
Информации за спроведување на Стручен испит потребен за добивање дозвола за работа како овластен актуар
Агенцијата за супервизија на осигурување ги информира сите заинтересирани лица дека со почеток од 1 ноември 2011 година, во времетраење од 2 (две) години, ќе организира обука за актуари по чие посетување и успешно полагање на испитите, кандидатите ќе може да се здобијат со Уверение за успешно положен Стручен испит потребено за добивање дозвола за работа како овластен актуар.
Обуката за актуари се состои од следните предмети:
- Веројатност и статистика;
- Финансиска математика;
- Стохастичко моделирање;
- Економија;
- Модели на доживување;
- Актуарска математика I;
- Актуарска математика II;
- Управување со инвестиции и средства;
- Осигурување на живот;
- Неживотно осигурување;
- Социјално и пензиско осигурување;
- Здравствено осигурување;
- Сметководство во осигурувањето;
- Регулатива од областа на осигурувањето;
- Професионализам и eтика.
Секој учесник на обуката има право да го полага секој од испитите најмногу два пати, по што, доколку не го положи испитот, ќе го изгуби правото да ја продолжи Обуката. Предавањата ќе се одржуваат во текот на една недела по што следува испит по предметот најдоцна еден месец по завршувањето на предавањето од определениот предмет.
Надоместокот за посетување на обуката и полагање на испитите (за сите 15 предмети задолжително) изнесува 120.000 (сто и дваесет илјади) денари.
Уплатницата за платен надоместок треба да ги содржи следните податоци:
ЦЕЛ НА ДОЗНАКА: Обука и полагање на стручен испит за актуар
НАЗИВ НА ПРИМАЧОТ: Агенција за супервизија на осигурувањето – Скопје;
БАНКА НА ПРИМАЧОТ: Стопанска банка АД -Скопје;
СМЕТКА: 200002007041251
Сите заинтересирани кандидати, најдоцна до 31 октомври 2011 година, можат да се пријават со поднесување пријава за посетување на обука и полагање на стручен испит за добивање дозвола за работа како овластен актуар во Агенцијата за супервизија на осигурување, на адресата: ул.„Васил Главинов“ бр.12, ТЦЦ Плаза, кат 2, Скопје (во архива), секој работен ден од 08:30 до 16:30 часот.
Кон пријавата кандидатите треба да достават:
- Доказ за завршено високо образование (во оригинал или заверено од нотар);
- Доказ за платен надомест за учество на обуката и полагање на испитите;
- Лична карта (пасош – за странски државјани) на увид.
Пријавата за посетување обука и полагање на стручен испит за добивање дозвола за работа како овластен актуар може да ја превземете тука.
Со цел подетално информирање на заинтересираните кандидати, Агенцијата за супервизија на осигурување ќе организира средби во следните денови: 7 октомври, 14 октомври, 21 октомври и 28 октомври 2011 година, со почеток во 15 часот, во просториите на Агенцијата.
Одржана регионална средба
Во периодот од 10-11 октомври, 2011 година во Тирана се одржа втората регионална средба на супервизорите од регионот. Оваа средба беше иницирана на завршницата на првиот регионален состанок во април,2011 година кој се одржа во Виена.
Организатор и домаќин на средбата беше Регулаторно тело за финансиски надзор на Албанија. На настанот присуствуваа претставници од Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија, како и претставници од регулаторните тела на Албанија, Австрија, Молдавија, Унгарија, Црна Гора, Романија, Полска, Србија и Словачка.
Целта на оваа средба беше во насока на продлабочување на соработката меѓу регулаторните органи и институции, заради постигнување на поголема ефикасност во извршување на супервизорската функција. Главни теми на настанот беа: резервирање на штети, улогата на актуарот, дистрибуцијата на осигурувањето и критериумите за соодветност на членовите на орган на управување. Настанот предизвика продуктивна дискусија и размена на искуство меѓу супервизорите во регионот.
Конференција на ЕВРОПА РЕ, “Развој на пазарите за осигурување од невреме и катастрофални ризици во Југоисточна Европа: Од концепт до реалност”

Првата регионалната конференција на ЕВРОПА РЕ, “Развој на пазарите за осигурување од невреме и катастрофални ризици во Југоисточна Европа: Од концепт до реалност”, се одржa во х.Гранит, Охрид, од 12 до 15 октомври 2011 година.
Конференцијата беше заеднички организирана од Светската банка, UNISDR (Секретаријат во рамките на ООН за меѓународна стратегија за намалување на катастрофите), Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија и Агенцијата за супервизија на осигурување на Р. Македонија.
На конференцијата учествуваа преку сто претставници од различни институции кои се од важност за осигурителната индустрија. Меѓу присутните беа високи државни претставници и регулатори за осигурителниот пазар од Македонија, Србија и Албанија, претставници на друштвата за осигурување, како и технолошки компании за мапирање на ризици. Исто така, на конференцијата присуствува претставници од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Молдавија.
Во текот на трите дена на конференцијата, учесниците на конференцијата го објаснија чекор по чекор процесот на градење на пазарите за осигурување од невреме и катастрофални ризици во Југоисточна Европа. Прво, производите треба да бидат достапни и по цена и по соодветни типови на ризици. Второ, производите треба да бидат стандардни кај сите земји-членки и со ист квалитет. Трето, купување и продавањето на осигурителните производи, како и наплатата на штетите побарувања, мораат да бидат едноставни како за друштвата за осигурување, така и за клиентите.
За повеќе информации и за презентациите од конференцијата кликнете тука

