Објавена предлог содржина на Контниот план за друштвата за осигурување и реосигурување
Почитувани,
Оваа прилика ја користиме да Ве известиме дека Агенцијата за супервизија на осигурување ја објави предлог содржината на Контниот план за друштвата за осигурување и реосигурување заедно со Упатството. Истата можете да ја превземете тука.
Коментарите и забелешките испратете ги на следните е-маил адреси: darko.dedik@aso.mk , ratka.celakovski@aso.mk и biljana.janevska-nedelkovska@aso.mk најкасно до 6 септември, 2010 година.
Исто така, би сакале да Ве информираме дека Агенцијата по обезбедувањето и разгледувањето на коментарите доставени од Ваша страна, ќе организира работна средба. Средбата ке се оддржи во просториите на Агенцијата, на 15 септември, 2010 година во 10ч. Заради тоа, Ве молиме да номинирате еден претставник од Вашето друштво за осигурување.
Со желба за понатамошна успешна соработка.
Склучен Меморандум за соработка со Комисијата за финансиски пазар на Бугарија
Во периодот од 31 мај до 1 јуни, Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата во придружба на извршните членови беа во посета на Комисијата за финасиски пазар во Бугарија. Целта на оваа посета беше воспоставување и зајакнување на соработката меѓу двете регулаторни тела. Во насока на ова беше потпишан и Меморандум за соработка.
Меморандумот за соработка го потпишаа г. Климе Попоски, претседател на Советот и г. Петар Чобанов, претседател на Бугарското регулаторно тело.
Се очекува преку размена на информации и податоци значително да се придонесе за понатамошен развој на осигурувањето и поголема транспарентност на субјектите како на домашниот така и на странските пазари како и поголема ефикасност на супервизорската функција.
Панел дискусија – Друштва за осигурување, перспективи на бизнисот и импликации на македонскиот пазар на капитал
Во периодот од 29 април до 1 маj, во Охрид беше одржана 11-та конференција на Македонската берза. На овој настан присуствуваа голем број учесници, професионалци и експерти од финансиската индустрија од земјата и странство, при што преку дебатирање и панел дискусии се разменуваа мислења и се споделуваа искуства. Оваа Конференција беше исклучителна можност да се запознаат најновите трендови и мислења поврзани со финансискиот пазар и пазарот на хартии од вредност.
Низ организирани дебати се направи обид да се препознаат Македонските економски предизвици, Меѓународните и регионалните економски предизвици, да се дефинира местото и перспективите на друштвата за осигурување чија улога е од исклучителна важност за понатамошен развој на финансиките пазари.
На оваа Конференција учество зеде и Агенцијата за супервизија на осигурување како независен регулаторен орган надлежен за пазарот на осигурување во Република Македонија. Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата, г. Климе Попоски заедно со претставници од друштвата за осигурување, дадоа свој придонес во панелот посветен на осигурителниот бизнис и импликациите на македонскиот пазар на капитал.
Дебата “Развојот на осигурувањето во глобални рамки“
Агенцијата за супервизија на осигурување на 29.04.2010 (четврток) беше домаќин на Австриското регулаторно тело за финансиски пазар претставувано од страна на г. Питер Браумулер како директор на секторот за осигурителна и пензиска супервизија, а воедно и претседавач на Извршниот Комитет на Меѓународната Асоцијација на Осигурителни Супервизори (ИАИС).
По повод гостувањето на г. Браумулер, Агенцијата организираше дебата на тема “Развојот на осигурувањето во глобални рамки”, која се одржа во Дипломатик салата на Скопскиот Саем.
„Агенцијата за супервизија на осигурување ќе настојува многу почесто да се одржуваат форуми од ваков тип, на коишто отворено ќе се дискутира за проблемите и начинот како да се подобри ефикасноста на пазарот на осигурување, затоа што ова е еден од начините да се подобри корпоративното управување кај субјектите и да се зголеми транспарентноста во работењето. Овие настани исто така се од исклучително значење за иницирање и развој на билатерална и мултулатерална меѓународна соработка “- нагласи г. Климе Попоски во својата изјава за медиумите.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата, г. Климе Попоски имаше воведно обраќање со кое го означи почетокот на дебатата, а исто така одржа и презентација за состојбата на осигурителниот пазар во Р. Македонија во која ги изнесе основните економски индикатори за работењето на друштвата за осигурување во земјата за изминатата 2009 година.

Господинот Браумулер во својата презентација зборуваше за глобалните и европски достигнувања на осигурителниот пазар новите предизвици на регулаторните органи и воведувањето на нова надзорна архитектура (Солвентност 2), со осврт на карактеристиките на Австрискиот финансиски пазарен орган (ФМА), како и за идните предизвици на австрискиот пазар.
По презентацијата следеа прашања до г. Браумулер и г. Попоски кои ја отворија дебатата.
Склучен Меморандум за соработка со Агенцијата за супервизија на осигурвање на Црна Гора
На 21 април 2010, Агенцијата за супервизија на осигурување на Македонија потпиша Меморандум за соработка со Агенцијата за супервизија на осигурвање на Црна Гора. Овој документ е во функција на зајакнување и продлабочување на соработката на двата регулаторни органи во областа на супервизија на осигурување. Меморандумот за соработка го потпишаа г. Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата од Македонија и г. Владимир Каварич, претседател на Советот на Агенцијата од Црна Гора.
Се очекува преку размена на информации и податоци значително да се придонесе за понатамошен развој на осигурувањето, поголема транспарентност како на домашниот така и на странските пазари и ќе се придонесе кон поголема ефикасност на супервизорската функција.

