Над 305.000 граѓани имаат животно осигурување, вложиле 37 милиони евра
Вложувањата во осигурување живот пораснале за 14 отсто во 2022 година, а најголемо учество во нив имаат инвестициите во животно осигурување со штедна компонента кои изнесуваат 20,1 милиони евра. Истовремено вкупните исплати на осигурителите кон осигурениците пораснале за 18,5 отсто, изнесуваат 14,5 милиони евра и вклучуваат: доживување, прекин на осигурување или смрт на осигуреник. Петте друштва за осигурување живот се солидно капитализирани и минатата година ја завршија со вкупна актива вредна 187 милиони евра

Вложувањата во осигурување живот надминаа 2,27 милијарди денари (37 мил.евра). Овој сегмент на осигурителниот пазар лани пораснал за 14 отсто во споредба со претходната 2021 година, покажуваат официјалните податоци што ги доставиле петте компании за осигурување живот до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Заклучно со крајот на 2022 година во земјава животно осигурување имале 305.322 лица што е за речиси 45.000 лица односно 17 отсто повеќе во споредба со претходната година. Во истиот период бројот на активни договори надминал 171.000 и е зголемен за 7 отсто.
Во вкупното осигурување живот најголемо учество имаат вложувањата во осигурување со штедна компонента. Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства зголемени со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти. Вкупно во 2022 година во овој тип на осигурување граѓаните вложиле 1,236 милијарди денари (20,1 мил.евра)
Официјалните податоци на компанииите за осигурување живот покажуваат дека најголем раст на продажбата има животното осигурување кое нема штедна компонента. Со него во случај на смрт, за времетраење на договорот, се исплаќа осигурена сума на член на семејството или на друг корисник на осигурувањето. Но доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија која го превзела ризикот да исплати средства во случај на смрт на осигуреното лице.
Вложувањата во ова осигурување лани достигнале 547 милиони денари (8,9 мил.евра) и тоа е за 56 отсто повеќе од претходната година. Бројот на лица кои го имаат ова осигурување надмина 243.000 што е 22 отсто повеќе во споредба со 2021 година.
Една од двете клучни причини за раст на продажбата за ризико осигурување е тоа што овој продукт се поврзува со банкарски кредити кои ги имаат осигурениците.
Другиот катализатор на растот на бројот осигуреници кои имаат животно осигурување е мерката со која АСО им укажа на друштвата за неживотно осигурување дека не смеат да преземаат во осигурување ризик од смрт поради болест во рамки на понудата на осигурувања од последици на несреќен случај (незгода).
Осигурувањето во кое ризикот од вложување на средствата го превзема осигуреникот е најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар. Овој продукт е популарно познат како „јунит линкд“ осигурување. Кај ова осигурување значаен дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови, избрани од осигурениците, чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. Во 2022 година над 13.600 осигуреници во овој продукт вложиле 494 милиони денари (8 мил.евра).
Животно осигурување продаваат пет осигурителни компании. Во продажбата на полиси лани „Кроација осигурување“ учествува со 31,7 отсто, „Граве“ со 22,1 отсто, „Винер лајф“ со 17,6 отсто, „Триглав осигурување – живот“ со 16,1 отсто и „Уника лајф„ со 12,5 отсто.
Компаниите за осигурување живот во 2022 годинава на осигурениците им исплатиле вкупно 705,2 милиони денари ( 11,5 мил.евра) односно 18,5 отсто повеќе средства од претходната година. Средствата се исплатени заради настаната смрт на осигуреник, доживување или за прекин на договор за осигурување со штедна компонента.
Петте друштва за осигурување живот имаат силно влијание на одржување на финансиската стабилност на осигурителниот пазар. Вкупната актива на овие компании на крај на минатата година изнесува 11,5 милијарди денари (187 мил.евра) што претставува 38 отсто од вкупната актива на сите 16 осигурителни компании.
АСО во рамки на своите надлежности се грижи да обезбеди проверка на усогласеноста на применетите деловни политики на вреднување на обврските, како и видовите на вложувања и вреднувањето на средствата на друштвата за осигурување. Друштвата за осигурување во континуитет се усогласени со овие законски барања.
Средствата од техничките резерви и од капиталот на друштвата за осигурување на живот се вложени во сигурни пласмани, со многу низок ризик од загуби и со солидни приноси.
Друштвата за осигурување на живот се солидно капитализирани, средствата од капиталот се од најквалитетни категории на извори на основен капитал, овозможувајќи им добра заштита од неизвесности и неочекувани ризици по континуитетот во работењето.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Е- БРОШУРАТА: „ЈУНИТ ЛИНКД“ осигурување
По повод Глобалната недела на пари а за зголемена финансиска едукација и поголема информираност при донесување на финансиските одлуки, АСО подготви брошура: Јунит Линкд осигурување на живот
Е- БРОШУРАТА:„ЈУНИТ ЛИНКД“ осигурување
Започнува Глобалната недела на парите 2023: „Планирај ги своите пари, гради ја својата иднина!“
Финансиските регулатори во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, единаесетта година по ред ја одбележуваат Глобалната недела на парите што оваа година ќе се одржи од 20 до 26 март 2023 година.
Годинешнава тема „Планирај ги своите пари, гради ја својата иднина!“ (Plan your money, plant your future) се фокусира на одржливоста, и подигнувањето на свеста од импликациите на индивидуалното финансиско однесување не само врз финансиската иднина, туку и врз животната средина и општеството. Учесниците на Глобалната недела на парите можат на оваа тема да учествуваат во активности преку кои ќе се потенцира важноста на финансиските одлуки за социјална, економска и финансиска одржливост. Оваа тема ги поттикнува младите луѓе при нивните финансиски одлуки да гледаат долгорочно и да го имаат во предвид влијанието врз животната средина и општеството.
Активностите за време на Глобалната недела на парите годинава главно ќе се одвиваат преку е-предавања и објави на едукативни материјали на интернет-страниците на институциите и социјалните мрежи. Предавањата ќе бидат наменети за учениците од
основните и од средните училишта од нашата земја, како и факултетите, на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на
финансискиот систем.
На светско ниво, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот, во која се опфатени 53 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат финансиските и образовните институции.
Следете не на едукативниот портал https://edukacija.aso.mk/, нашата веб страна www.aso.mk, и на социлалните мрежи ( facebook, linkedin, Instagram). Повелете, приклучете се и проширете ги своите знаења од областа на осигурувањето.
Повеќе информации за Глобалната недела на парите на врската: globalmoneyweek.org

Вложувањата во неживотно осигурување надминаа 10 милијарди денари, продажбата на полиси зголемена за 16%
Осигурениците и осигурителните компании лани склучија над 1,71 милиони договори за осигурување вредни над 10,5 милијарди денари. Најпопуларно меѓу сите неживотни осигурувања останува приватното здравствено осигурување кое три години по ред има најголем раст на продажба. Од сите доброволни класи и понатаму најмногу се вложува во осигурување имот. Најголемо учество во вкупната продажба и минатата година има задолжителното осигурување од автомобилска одговорност. Од сите 11 компании за неживотно осигурување дури десет друштва лани бележат раст на приходите од продажба на осигурителни полиси

Вредноста на вложувањата во сите класи на неживотно осигурување надмина 10,5 милијарди денари (171 мил.евра) во 2022 година. Осигурителниот пазар лани пораснал за 9,2 отсто односно за 14,3 милиони евра во споредба со 2021 година, покажуваат податоците што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат друштвата за неживотно осигурување.
Сите 11 друштва за неживотно осигурување лани склучиле над 1,71 милиони договори за осигурување и тоа е за 16 отсто подобар резултат од претходната 2021 година.
Во најголемата доброволна класа – осигурување имот лани се вложени вкупно 2,1 милијарди денари (34,3 мил.евра). Склучени биле над 145.000 договори за осигурување имот, а продажбата на полиси за оваа класа лани бележи благ пад од 2,7 отсто.
Најголем раст на вложувањата има кај дополнителното (приватно) здравствено осигурување. Ова останува да биде најпопуларна класа на доброволно осигурување која трета година по ред бележи најголем раст на продажба. Лани продажбата пораснала за 68 отсто, го продавале десет осигурителни компании, а од продажба на договори за здравствено осигурување инкасирале 679,6 милиони денари (11 мил.евра).
Забележителен раст лани бележат и вложувањата во каско осигурување на моторни возила. Вкупната вредност на вложувања во оваа класа пораснала за 12 отсто и достигнала 994 милиони денари (16,2 мил.евра).
Во патничко осигурување (туристичка помош за патување во странство) граѓаните лани вложиле 229,3 милиони денари (3,7 мил.евра). Продажбата на овој производ лани пораснала за 55 отсто во споредба во претходната година.
Најголема осигурителна класа и лани останува да биде осигурувувањето од автомобилска одговорност. За задолжително осигурување од автомобилска одговорност склучени се 665.000 договори во вредност од 3,83 милијарди денари (62,3 мил.евра). За патување во странство осигурителите издале над 235.000 зелени карти за кои осигурениците платиле 1,15 милијарди денари (18,7 мил.евра). Во гранично осигурување лани осигуреници вложиле 129,5 милиони денари (2,1 мил. евра).
Во вкупната продажба на полиси за осигурување лани „Триглав осигурување“ учествува со 14,4 отсто, „Уника„ со 10,9 отсто, „Еуролинк“ со 10,7 отсто, „Сава осигурување“ со 10,2 отсто, а АДОР „Македонија ВИГ“ со 9,5 отсто. Следува „Винер ВИГ“ со 9,3 отсто, „Евроинс осигурување“ со 9,2 отсто и „Кроација осигурување – неживот“ со 9 отсто, „Осигурителна полиса“ со 6,8 отсто, „Халк осигурување“ со 6,6 отсто и „Граве неживот“ со 3,4 отсто.
Што се однесува до работењето на друштвата за неживотно осигурување, врз основа на нивните неревидирани извештаи, профитабилноста е значително подобрена во 2022 година во споредба со 2021 година. Десет од вкупно 11 друштва годината ја завршиле со добивка (пред оданочување). Дури осум компании кои работеле со добивка лани имаат подобар финансиски резултат во споредба со 2021 година.
Повеќе детали на следниот линк https://aso.mk/category/publikaczii/izveshtai-za-rabotata-na-osiguritelnata-industri-a/drushtva-za-osiguruva-e/
Конкурс за годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на управување со ризици и осигурување
Со цел стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на
управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија, како и афирмација на
млади и стручни кадри, Агенцијата за супервизија на осигурување доделува годишна награда за
2023 година за истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во
Република Северна Македонија.
Годишната награда на Агенцијата за супервизија на осигурување изнесува 80.000 денари.
Трудот задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема.
Трудот не смее да надминува 15.000 зборови (без апстракт, библиографија и анекси) и
препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување кое ги содржи следните
основни делови:
апстракт;
осврт на консултираната современа странска и домашна, научна и експертска
литература од областа која се истражува;
опис на научно истражувачката методологија која се користи во трудот;
анализа;
заклучни согледувања и
библиографија.
Право за учество на конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија до триесет и
петгодишна возраст, односно до денот на доделувањето на наградата на 01.11.2023 година,
учесниците не треба да имаат наполнети триесет и шест години. Учесниците кои имаат стекнато
титула доктор на науки до денот на поднесувањето на трудот немаат право на учество на
конкурсот.
Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или англиски јазик.
Повеќе (ЛИНК)


