Спроведена обука за вработените во Агенцијата за супервизија на осигурување
Во насока на континуирана едукација и стручно усовршување на вработените, претходно воспоставената соработка на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) и Централната банка на Холандија (De Nederlandsche Bank- DNB) продолжи и во 2016 година.
На 1 и 2 март 2016 година, во седиштето на АСО, од страна на експерти од DNB беше реализирана обука со цел да се пренесат знаења и искуства во делот на спроведување супервизија на реосигурителните активности на друштвата за осигурување. На обуката, од страна на експертите од DNB, беа презентирани видовите на реосигурителни продукти, улогата на регулативата и супервизијата, како и начинот на спроведување супервизија на реосигурителните активности.
Исто така, на еден дел од обуката беа присутни претставници на Македонското Актуарско Здружение „Актуар“. Пред актуарите од осигурителната индустрија беше презентирана улогата и одговорноста на актуарите во подготовката на програмата за реосигурување на друштвата за осигурување, одредување на нивото на самопридржај и сл.
Преку соработката со Централната банка на Холандија, супервизорите од АСО се стекнаа со знаење и искуства кои понатаму ќе им помогнат за унапредување и усовршување на начинот на вршење супервизија врз субјектите на осигурување во Република Македонија.