Доделени наградите за најуспешни творби на Конкурсот по повод Денот на штедењето
Агенцијата за супервизија на осигурување,Министерството за финансии и Народната банка на Република Македонија доделија награди за најуспешните ликовни и литературни творби пријавени на конкурсот по повод Денот на штедењето – 31 Октомври. Наградите ги доделија министерот за финансии, Кирил Миноски, гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Попоски.
Конкурсот беше наменет за деца и млади од основните и средните училишта во Република Македонија, на тема „И јас умеам да штедам“ и „Што значи за мене осигурувањето на домот и семејството“. На конкурсот пристигнаа 402 творби, а најдобрите 15 добија дипломи и парични награди. На 44 ученици и седум училишта им се доделија пофалници.
Конкурсот се распишува по третпат и е дел од активностите што ги преземаат Министерството за финансии, Народната банка и Агенцијата за супервизија на осигурување за подигање на финансиската свест и писменост на населението, и особено на младите.
Министерот Миноски истакна дека младите генерации учат за вистинските вредности во животот, дека во животот може да се успее само со труд, со посветена работа и штедливост.
„Во Министерството за финансии, благодарение на овие вредности, се грижиме за финансиските средства на сите граѓани на РМ. Тие средства ги распределуваме на соодветен начин за да можеме да инвестираме во образованието, здравствените установи, културата, спротот и сите сфери неопходни за функционриање на една држава“, рече Миноски.
Гувернерот Богов, пак, истакна дека интензивно се работи во оваа сфера за да се подигне знаењето не само на најмалите, туку и на целото население, бидејќи од знаењето што го имаат корисниците на финансиските услуги многу зависи какво ќе биде и работењето и на корисниците и на давателите на финансиски услуги.
Претседателот на Советот на експерти, Климе Попоски рече дека истражувањето на ОЕЦД поикажало дека од 2,2 милијарди млади во светот, само 10 проценти од нив имаат пристап до финансиската едукација, што покажува дека има потреба да се работи на оваа тема.
Агенцијата за супервизија на осигурување, во соработка со Светска Банка и Европското Тело за Осигурување и Пензиски Фондови (EIOPA), на 6-ти и 7-ми октомври 2016 година организираа работилница на тема Ризично базирана супервизија (Risk Based Supervision Workshop) во Охрид. За првпат ваков вид на настан е организиран во соработка со регулаторен орган од земја која не е членка на Европска Унија.
На работилницата беа организирани панел дискусии на различни теми од областа на супервизијата на осигурување, како на пример: процесот на супервизија согласно директивата Солвентност 2, корпоративно управување, супервизорски колеџи.