За поголема заштита на над 650.000 осигуреници АСО утврди минимални износи за исплата на штета за повреда при незгода
АСО воведе минимални износи на исплатени штети за инвалидитет откако увиде дека осигурителните компании исплаќаат различни износи за слични или идентични повреди настанати од несреќен случај – незгода. Од почетокот на годинава износите што ќе ги исплаќаат осигурителните компании за повреди кои причиниле инвладититет мора да бидат повисоки или еднакви на минимално утврдените. Оваа новина е регулирана во унифицираната Таблица за определување траен инвалидитет од повреди која важи за сите осигурителни компании. Таблицата е дел од Општите услови за осигурување од несреќен случај – незгода, а важи од почетокот на годинава и е достапна за сите осигуреници
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), во рамки на активностите за заштита на правата на осигурениците, утврди минимални износи (проценти) кои осигурителните компании мора да ги исплатат за траен инвалидитет кој е покриен со осигурување од несреќен случај – незгода.
Преку утврдените минимални износи на обештетување, за сите видови повреди кои предизвикуваат траен инвалидитет, АСО го подигна нивото на заштита за повеќе од 650.000 осигуреници кои користат осигурување од несреќен случај – незгода.
Осигурувањето од незгода е најмасовна доброволна осигурителна класа за која плаќаат стотици илјади граѓани колективно осигурување од незгода во својство на вработени, ученици и деца во градинки. Според податоците кои до АСО ги доставуваат компаниите кои продаваат вакво осигурување, граѓани и фирми во оваа класа осигурување вложиле 495 милиони денари (8 мил.евра) за првите девет месеци во 2022 година.
Новитетите со кои се подига нивото на заштита на осигурениците се содржани во унифицираната Таблица за определување процент на траен инвалидитет како последица од несреќен случај – незгода. Оваа единствената таблица од почетокот на оваа година ја применуваат сите осигурителни компании кои го продаваат осигурувањето од несреќен случај – незгода.
Таблицата ја изработи АСО во соработка со друштвата за осигурување, а како основа беше користена таблица која била на сила до 2005 година. Во процесот на носење на Таблицата беа користени и искуства од осигурителните пазари во Република Србија, Република Хрватска и Република Словенија.
Воведување на унифицирана Таблица за инвалидитет следуваше откако АСО утврди слабост во функционирање на системот на осигурување во класата на осигурување од несреќен случај (незгода).
Имено, анализата на пазарот за осигурување утврди дека кај различни осигурителни компании постојат различни проценти на инвалидитет за ист или сличен тип на повреди утврдени во таблици за инвалидитет кои се користеле до крајот на 2022 година.
Во вакви случаи споредбата на премијата и осигурената сума, без познавање на процентите за инвалидитет во таблицата, не можат да донесат до избор на најсоодветно осигурително покритие. Оваа тенденција беше особено изразена во постапките за јавни набавки при избор на осигурување од несреќен случај – незгода.
Новата таблица е дел од Општите услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај (незгода) и е достапна за сите потенцијални осигуреници.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.

Седница одржана на 5.1.2023
- Записник од триесета седница на СнЕ на АСО одржана на 26 декември, 2022 година;
- Барање за добивање согласност за вршење на функцијата член на Управен одбор на Друштвото за животно осигурување УНИКА ЛАЈФ АД Скопје на лицето Аднан Емровски и донесување на решение,
- Решение за изменување на Решението за формирање на Комисија за спроведување на стручен испит потребен за добивање на дозвола за работа како овластен актуар,
- Решение за утврдување на годишен надоместок на членовите на Комисијата за спроведување на стручен испит потребен за добивање на дозвола за работа како овластен актуар,
- Одлука за спроведување на обука и полагање на стручен испит за вршење на работи на застапување во осигурување во 2023 година,
- Одлука за спроведување на обука и полагање на стручен испит за вршење на работи на осигурително брокерски работи во 2023 година.
(ИНТЕРВЈУ) Крсте Шајноски: Со задолжителното земјоделско осигурување државата ќе се вклучи и ќе биде сигурен партнер и за двете страни – земјоделците и осигурителните компании
Новото системско решение за земјоделското осигурување ќе овозможи бројни бенефити за земјоделците, но и за осигурителните компании. Со вклучувањето на државата како партнер за двете страни земјоделското осигурување ќе стане масовно и лесно достапно, а секторот ќе биде многу поотпорен на шокови. Ова е вистинско време за негова имплементација особено сега кога ги чувствуваме негативните последици од климатските промени. Повеќе детали на следниот линк https://agrotim.mk/shajnovski/ во интервјуто на проф.д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО за порталот www.agrotim.mk

Осигуреници наплатија 48,5 милиони евра, бројот на исплатени штети порасна за 29%
Најголем раст на износот, а воедно и на бројот на исплатени штети има кај приватното здравствено осигурување – осигурителна класа која книжи најголеми растови на продажба три години по ред. За медицински трошоци осигурителите исплатија 4,5 милиони евра за 30.000 оштетни побарувања. Генерално кај сите класи од неживотното осигурување бројот на исплатени штети, на крај на третиот квартал, надмина 70.000 што е 29% повеќе во споредба со истиот период лани

Осигуреници наплатија три милијарди денари (48,5 мил.евра) обештетување за осигуран движен и недвижен имот, приватно здравствено, автомобилска одговорност, каско, патничко и други осигурувања опфатени со корпусот неживотни осигурувања, за првите девет месеци годинава. Сите 11 осигурителни компании исплатија повеќе од 70.000 штети за првите девет месеци годинава. Тоа е за 29 отсто повеќе исплатени штети од истиот период лани, покажуваат податоците што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставија сите 11 друштва за неживотно осигурување.
Најголем раст на вредноста на исплатени средства и на бројот на исплатени штети има кај здравственото (приватно, дополнително и доброволно) осигурување. До крајот на септември компаниите исплатиле над 30.000 штети за здравствени трошоци на своите осигуреници. Нивниот број е удвоен во споредба со истиот период лани.
Вкупниот износ на исплатени медицински трошоци покриени со приватно здраствено осигурување изнесува 278 милиони денари (4,5 мил.евра) или 93 отсто повеќе од истиот период лани.
Овие резултати упатуваат на заклучок за прекумерна употреба на приватното здравствено осигурување особено за превентивни прегледи во приватните здравствени установи. Но и покрај тоа зголемената пенетрација на приватното здравствено осигурување значајно придонесува за подигнување на културата за користење осигурување и генерално ја зголемува јавната свест за потребата од осигурување.
Овој осигурителен производ има и општествено корисна димензија затоа што ја подобрува превенцијата од болести, а при тоа не е на товар на централниот буџет.
Кај осигурувањето имот, најголема доброволна класа од сите неживотни осигурувања, за овој период се исплатени 449,2 милиони денари (7,3 мил.евра) за безмалку 6.000 штети. Износот на исплатени штети и нивниот број годинава се со минимални отстапувања во споредба со истиот период минатата година.
Очекувано, најмногу средства за штети се исплатени во најголемата осигурителна класа – автомобилска одговорност. За првите девет месеци компаниите исплатиле над 21.000 штета вредни 1,57 милијарди денари (25,5 мил.евра). Износот и бројот на исплатените штети во првите три квартали годинава се на ниво од истиот период лани.
Најголемо учество во вкупниот износ на исплатени штети за овој период има „Триглав осигурување“. Ова е очекувано затоа што оваа компанија од друга страна има и најголемо учество во продажбата на осигурување.
Во првите девет месеци годинава најголем раст на износот на исплатени штети има „Кроација осигурување – неживот“. Тоа во значајна мерка се должи на штетата од големиот пожар на осигуран имот на една тетовска компанија за продажба на градежни материјали.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Седница одржана на 26.12.2022
- Записник од дваесетидевета седница на СнЕ на АСО одржана на 2 декември, 2022 година;
- План за работа на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2023 година,
- План за теренска супервизија на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2023 година,
- Стратегија за управување со ризици на Агенцијата за супервизија на осигурување, за период 2023 – 2025 година,
- Стратешки план за внатрешна ревизија за периодот 2023 – 2025 година;
- Годишен план за внатрешна ревизија за 2023 година,
- 7.Одлука за супервизорски мерки кон друштвото за осигурување Триглав,
- Решение за давање согласност за стекнување квалификувано учество во ОБД ВЕБЕР ГАМА од страна на лицето Слаѓан Атанасовски,
- Решение за давање согласност за стекнување квалификувано учество во ОБД ВЕБЕР ГАМА од страна на лицето Медин Насуфовски,
- Решение за давање согласност за член на орган на управување во ГРАВЕ НЕЖИВОТ за лицето Салаудин Имами,
- Решение за давање согласност за член на орган на управување во КРОАЦИА НЕЖИВОТ за лицето Александар Манев,
- Решение за давање согласност за измена на статут на Триглав Осигурување Живот АД, Скопје,
- Решение за oдземање лиценца за застапник во осигурување на Бојана Тушевска,
- Решение за oдземање лиценца за застапник во осигурување на Ружица Илиќ,
- Решение за oдземање лиценца за застапник во осигурување на Кристина Даскаловска,
- Решение за oдземање лиценца за застапник во осигурување на Милена Таскова,
- Решение за oдземање лиценца за застапник во осигурување на Мери Бачовска,
- Решение за oдземање лиценца за застапник во осигурување на Марија Ѓорѓиева,
- Извештај од актуарската обука по предметот ПЕНЗИСКО ОСИГУРУВАЊЕ,
- Информација за статистички и финансиски остварувања на друштвата за осигурување во периодот 1.1.-30.9.2022 година,
- Информација за финансиска стабилност за пазарот на осигурување за периодот 1.1.2022-
- Решение за формирање на Комисија за попис на средствата и изворите на средствата на Агенцијата за супервизија на осигурување со состојба на 31 декември 2022 година и Упатство за работа на Комисија за попис.
Одржана средба на Работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија
Координациското тело за финансиска едукација и финансиска писменост во кое членуваат АСО, КХВ, МФ, НБ и МАПАС заедно со субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација и финансиската инклузија, ја одржа третата работна средба на Работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.
На средбата присуствуваше и претставник на Министерството за економија, којшто го презентира новодонесениот Закон за заштита на потрошувачите. Следствено, претставниците на приватниот и граѓанскиот сектор имаа можност да се запознаат со новините што ги носи овој закон во областа на финансискиот сектор, а главно се поврзани со поголема транспарентност и подобра информираност на корисниците на финансиски услуги, вклучително и во доменот на дигиталните финансиски услуги.
Од страна на претставник на Народната банка беа презентирани трендовите во доменот на финансиската едукација и инклузија на населението во нашата земја. Притоа, беше посочено дека се бележи тренд на пораст на повеќе показатели за финансиската инклузија во текот на 2021 година, делумно под влијание на условите наметнати во текот на пандемијата. Така, има пораст кај показателите за поседување сметка, кај располагањето и користењето платежни картички, како и кај онлајн плаќањата. Во доменот на финансиската едукација, во споредба со развиените земји, и натаму постои простор за унапредување на финансиските знаења на населението. Односот на населението кон заштедите, иако е подобар, и натаму е на пониско ниво во споредба со просекот во Европа и Централна Азија, гледано како извор на средства за покривање итни потреби, но и како расположливи средства за подоцнежна возраст. Промоцијата и едукацијата во доменот на расположливите инвестициски алтернативи, како и во доменот на користењето на дигиталните финансиски услуги, се наметнуваат како неопходност во современи услови.
Преку овие средби се овозможува редовен дијалог помеѓу регулаторите, субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор вклучени во активности за финансиска едукација, како и размена на предлози и искуства за зајакнување на финансиската инклузија и заштитата на потрошувачите во финансискиот систем. Сето тоа е во прилог на успешно спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.