АСО: Осигурителните друштва добивката за 2021 година да ја вложат во дејноста осигурување или да ја чуваат во резерви
Добивките на осигурителните компании за 2019 и за 2020 година компаниите можат да ги користат и за исплата на дивиденда, препорачува АСО
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) им препорача на сите осигурителни компании да се воздржат од исплата на дивиденда за успешното работење во 2021 година, одлучи Советот на експерти (раководен орган) на АСО на последната седница одржана на 10 март.
АСО препорачува на сите осигурителни друштва кои минатата година ја завршиле со добивка тие средства да ги искористат за реинвестирање во дејноста осигурување или за зголемување на резервите на друштвата.
Воедно АСО препорачува, на компаниите кои планирале исплата на дивиденда на акционерите, тие средства да ги задржат и евентуално искористат за покривање на непредвидени и неочекувани обврски од работењето до крајот на 2022 година.
Оваа препорака АСО ја донесе врз основа на проценката на ризиците поврзани со моменталното економско опкружување и можните ефекти врз работењето односно ликвидноста, солвентноста и капиталната адекватност на друштвата за осигурување.
Од вкупно 16 друштва за осигурување минатата година со добивка од работењето ја завршиле десет осигурителни компании. Меѓу нив шест друштва се за неживотно осигурување, а четири се компании за осигурување живот.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Седница одржана на 10.03.2022
- Записник од петта седница на СнЕ на АСО во 2022 година, одржана на ден 24.2.2022 година во 11:00;
- Одлука за изрекување мерки на супервизија кон Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје,
- Решение за изрекување дополнителни мерки кон Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје,
- Барање за добивање согласност за стекнување квалификувано учество во Осигурително брокерското друштво СН ОСИГУРИТEЛЕН БРОКЕР АД Битола од страна на лицето Зоран Пејчиновски и донесување на Решение за издавање на согласност за стекнување на квалификувано учество во осигурително брокерско друштво,
- Барање за добивање согласност за стекнување квалификувано учество во Осигурително брокерското друштво СН ОСИГУРИТEЛЕН БРОКЕР АД Битола од страна на лицето Христо Кондовски и донесување на Решение за издавање на согласност за стекнување на квалификувано учество во осигурително брокерско друштво,
- Разгледување на моменталното економско опкружување и можните ефекти врз работењето на друштвата за осигурување.
Комитет за финансиска стабилност: Осигурителниот пазар порасна 15%, финансиската и стабилноста на курсот на денарот успешно се одржуваат
Скопје, 9 март 2022
Осигурителниот пазар во 2021 година порасна за 15%, а развојот на настаните во Украина не се одразуваат неповолно врз осигурителниот пазар. Затоа што во поглед на управувањето со ризиците, ниту на страната на обврските, ниту на страната на средствата не сме изложени директно на ризици од Украина, потенцираше д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО на редовната седница на Комитетот за финансиска стабилност на кој учествуваа високи претставници на регулаторните тела од финансискиот систем ина Министерството за финансии.

„Тоа што е уште побитно е што друштвата за осигурување располагаат со капитал којшто е повисок за четирипати од потребниот износ на маргината на солвентност, што ја потврдува високата солвентност на пазарните субјекти. Конзервативните политики и регулативата за вреднување на техничките резерви и вложувањата на средствата, како и високиот квалитет на инструментите коишто се вклучени во пресметката на капиталот на друштвата за осигурување, се добра основа и гаранција за зачувувањето на солвентноста. Растот на бруто полисираната премија предизвика раст и на расходната страна, односно раст на исплатите на штетите и на оперативните трошоци. Ова придонесува за влошување на финансиските остварувања. Развојот на настаните во Украина не се одразуваат неповолно врз осигурителниот пазар, затоа што во поглед на управувањето со ризиците, ниту на страната на обврските, ниту на страната на средствата не сме изложени директно на ризици од Украина“, посочува Шајноски.
Гарантирана е стабилноста на курсот на денарот. Финансискиот систем исто така е стабилен и е подготвен да им одговори на предизвиците што би можеле да произлезат од руско-украинскиот конфликт, исто како што и во целиот пандемичен период успешно се справува со ризиците. Сите финансиски услуги непречено се обезбедуваат и ќе се обезбедуваат и натаму, во согласност со потребите на граѓаните и на корпоративниот сектор. Надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат, да ги приспособуваат политиките во согласност со случувањата и да ја одржат финансиската стабилност, којашто е приоритет.
Ова се дел од констатациите од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на којашто се разгледаа најновите движења во финансискиот сектор во контекст на актуелните геополитички случувања, поврзани со воениот конфликт во Украина. Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски.
На седницата беше посочено дека од самиот почеток на руско-украинскиот конфликт, состојбите внимателно се следат и постојано се оценуваат. Бидејќи се работи за неекономски шок, чијшто иден развој тешко може да се предвиди, прерано е да се извлечат заклучоци за долгорочните влијанија врз домашната економија. Сепак, она што е извесно е дека досега нема поизразени директни влијанија врз домашниот финансиски сектор и не се ни очекуваат, што се должи на многу слабите финансиски врски со Русија и Украина. Дополнителен фактор е отсуството на капитал од овие две земји во домашниот банкарски сектор. Ова е важна предност во овие околности, особено ако се земат предвид предизвиците со кои се соочија некои од соседните земји во кои беа присутни руски банки.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека девизните резерви се на високо ниво, што ја гарантира стабилноста на денарот, додека домашниот банкарски сектор е сигурен, ликвиден и соодветно капитализиран, подготвен за справување со евентуалните шокови.
„За време на корона-кризата банкарскиот сектор покажа дека умее да ги ублажува ризиците, дури и кога тие се нови и дотогаш невидени, како по размер, така и по карактеристики. Банкарскиот сектор покажа дека е способен да ја поддржи економијата и во сложени услови и да им одговори на барањата на граѓаните и на корпоративниот сектор. Според сите показатели, ваквите капацитети се задржани и дополнително се зајакнати во овој период.“ ‒ посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Таа додаде дека потврда за соодветните политики е и одлуката на ЕК, со која се оценува дека банкарската регулатива и супервизијата коишто ги спроведува Народната банка се во согласност со стандардите на ЕУ, што го исполнуваат само уште 26 земји во светот.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека изминатите светски економски кризи – глобалната финансиска криза и економската криза предизвикана од пандемијата, не научија дека здравиот финансиски систем може да абсорбира дел од надворешните шокови. Оттаму е важна добрата координација помеѓу финансиските регулатори, во насока на будно следење на состојбите и преземање соодветни мерки и политики.
„Фискалната политика ќе биде поставена така, да преку соодветни мерки и политики се амортизираат ударите кои ќе доаѓаат однадвор за домашната економија и за стандардот на граѓаните. Тие ќе дојдат преку европската економија и главно ќе се одразат врз потрошувачката, преку ценовните притисоци од увезените примарни производи. Преку фискалната политика ќе се заложиме за граѓаните и стопанството да ги амортизираме тие притисоци. Веќе е изготвен сет на антикризни мерки, кој Владата набрзо ќе го презентира“, истакна Бесими.
Осврнувајќи се на состојбите на македонскиот пазар на капитал по ескалацијата на руско-украинскиот конфликт и предизвиците коишто се наметнаа, претседателката на КХВ, Нора Алити, нагласи дека тие имаа првично негативен одраз врз тргувањето на берзата, придружен со еднократен пад од 8,39% на МБИ 10 на берзанскиот ден кога започнаа воените дејствија, сѐ до нормализираното и вообичаено тргување, без драматичен предзнак. Кај нето-вредноста на отворените инвестициски фондови, заклучно со февруари, се забележува намалување од 2,4% во однос на јануари. Приливите се стабилни, додека одливите се благо зголемени (7,34%). Ваквите показатели за фондовите влегуваат во стандардните динамики и нема позначителни отстапувања од нивната кондиција. Имајќи предвид дека вредноста на вложувањата во хартии од вредност од руски компании изнесува околу 1,5 милиони евра, или 0,76% во вкупната нето-вредност на сите отворени инвестициски фондови, очекувана е и таква пропорција на неповолно влијание, посочи претседателката на КХВ.
Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, истакна дека за време на здравствено-енергетската криза и актуелните геополитички случувања, капитално финансираното пензиско осигурување делува стабилно и транспарентно со идентификувани ризици коишто се анализираат и се контролираат на редовна основа и во рамките на регулативата, со посебно внимание на инвестирањето на средствата на пензиските фондови. Како резултат на новонастанатата состојба, МАПАС внимателно го следи и реагирањето на пензиските друштва во однос на нивните инвестициски стратегии и тактики за остварување највисок принос, единствено во полза на членовите на пензиските фондови.
На седницата беше истакнато дека сите финансиски регулатори ќе продолжат со координирано следење на состојбите и навремена размена на сите релевантни информации и дека се подготвени да реагираат соодветно на случувањата, секој во рамките на надлежностите на својот мандат. Се заклучи дека сите регулатори на финансискиот систем имаат доволен опсег на инструменти што може да ги користат доколку е неопходно, со што се гарантира дека финансиската стабилност ќе биде одржана и во следниот период.
Над 180.000 граѓани вложиле во приватно здравствено осигурување
Повеќе од 23.000 осигуреници лани искористиле приватно здравствено осигурување за покривање трошоци од прегледи, интервенции, лекување и други медицински услуги. Девет осигурителни компании исплатиле 3,4 милиони евра за медицински трошоци покриени со приватно здравствено осигурување

Бројот на граѓани кои имаат приватно здравствено осигурување лани се зголемил за 60 отсто и надмина 182.000 осигурени лица. Приватното здравствено осигурување останува најбрзо растечки осигурителен производ од појавата на здравствената пандемија до сега. Лани се склучени повеќе од 18.000 договори за приватно здравствено осигурување со што бројот на активни договори за оваа осигурителна класа надмина 62.000, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Во приватно здравствено осигурување вложуваат граѓани лично, но и компании кои плаќаат осигурување за нивните вработени да можат да користат спектар од медицински услуги на приватните болници во земјава.
Оваа осигурителна класа овозможува осигурителните компании да покриваат трошоци за прегледи, третмани, интервенции и различни медицински услуги кои ги нудат приватните болници во земјава. За покривање на такви трошоци во приватното здравство 10 осигурителни компании за неживотно осигурување лани од осигуреници наплатиле вкупно 405 милиони денари (6,6 мил.евра). Минатата година вложувањата во приватно здравствено осигурување пораснале за 48 отсто (2,1 мил.евра) во споредба со 2020 година.
Осигурителните компании лани исплатиле над 23.000 штети т.е. барања за покривање на трошоци на осигурени граѓани за медицински услуги покриени со приватното здравствено осигурување. Бројот на барања за покривање на трошоци покриени со приватно здравствено осигурување лани е удвоен во споредба со 2020 година. Девет осигурителни компании за неживотно осигурување лани исплатиле над 211 милиони денари (3,4 мил.евра) трошоци за медицински услуги покриени со полисите за приватно здравствено осигурување. Износот на исплатени средства за покривање медицински трошоци лани е удвоен во однос на 2020 година.
Девет компании за осигурување неживот лани исплаќале штети за здравствено осигурување и тие се: „Кроација осигурување – неживот“, „Триглав Осигурување“, „Еуролинк“, „Еуроинс осигурување“, АДОР „Македонија осигурување ВИГ“, „Сава осигурување“, „Уника“ „Халк Осигурување“ и „Винер ВИГ“ . Најголемата исплатена штета за активирано здравствено осигурување, поединечно по компанија, се движи во распон од 277.000 денари до 615.000 денари (од 4.500 евра до 10.000 евра).
Приватното здравствено осигурување е осигурителен производ што нуди поквалитетна здравствена заштита за осигуреникот затоа што овозможува прегледи, лекувања, интервенции и други здравствени услуги во приватно здравство.
Дополнително оваа осигурителна класа индиректно го намалува притисокот и врз јавните здравствени установи така што овие осигуреници имаат покритие да користат услуги од приватните болници. При тоа медицинските услуги се финансираат од осигурителните компании, а не од државниот буџет.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.