Седница одржана на 29.06.2021
- Правилник за измена на Правилникот за систематизација на работни места на АСО,
- Измена на Годишниот план за вработување на АСО за 2021 година.
- Одлука за исплата на регрес за годишен одмор за 2021 година,
Кај класите неживотно осигурување растат вложувањата во осигурување имот, во приватното здравствено осигурување, осигурување финансиски загуби и во каско осигурување воздухоплови. Кај осигурувањето живот значаен раст на вложувања има кај осигурителниот производ „јунит линкд“ кој е поврзан со вложувања во инвестициски фондови при што инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот
Осигурителниот пазар порасна за 5 отсто во првите три месеци годинава, а продажбата на полиси (бруто полисирана премија БПП) достигна 2,69 милијарди денари (43,7 милиони евра) што е за 1,7 милиони евра повеќе од истиот период лани, покажуваат официјалните збирни податоци на Агенцијта за супервизија на осигурување (АСО).
Во вкупната продажба на полиси 11 компании за неживотно осигурување учествуваат со 2,27 милијарди денари (37 милиони евра), а пет компании кои осигуруваат живот партиципираат со 414,5 милиони денари (6,7 милиони евра).
Споредбено со првите три месеци лани годинава значаен раст на продажбата на полиси имаат: осигурувањето финансиски загуби за 22,5 отсто , осигурувањето од општа одговорност како и осигурувањето имот од пожар и други опасности, двете класи бележат раст за 14 отсто. Продажбата на приватното здравствено осигурување во овој период е зголемена за 9 отсто. Во полиси за здравствено осигурување граѓани, фирми и институции за три месеци вложиле 124 милиони денари (2 милиони евра), во осигурување од општа одговорност 76,7 милиони денари (1,25 милиони евра), а во осигурување финансиски загуби осигурениците вложиле 9,7 милиони денари (158.000 евра).
Најочигледен резултат на подобрување на продажбата на полиси кое е директен резултат на укинување на ограничувањата што ги предизвика корона кризата има кај каско осигурување воздухоплови. Во оваа осигурителна класа за три месеци осигуреници уплатиле 78,1 милиони денари (1,27 милиони евра), а во истиот период лани приходот од осигурување воздухоплови на компаниите бил само 11.000 денари, што беше резултат на ограничувањата предизвикани од здравствената пандемија.
Од аспект на учество во вкупната продажба на полиси најголеми класи на осигурување и понатаму остануваат задолжителното осигурување од автомобилска одговорност (таканаречено А.О.) и осигурувањето имот. Во полиси за АО осигурениците за првите три месеци годинава вложиле 995 милиони денари (16,2 милиони евра). За осигурување имот граѓани, фирми и институции платиле 583,7 милиони денари (9,5 милиони евра).
Во првиот квартал годинава најголемо пазарно учество има „Еуролинк“ пред „Триглав Осигурување“, „Халк Осигурување“, „АДОР Македонија“, „Уника“, „Сава Осигурување“, „Евроинс Осигурување“, „Винер В.И.Г“, „Осигурителна полиса“, „Кроација осигурување – неживот“ и „Граве неживот“. Најголем раст на пазарното учество во ова тромесечје имаат „Халк Осигурување“, „Кроација осигурување – неживот“, „Уника“, „Граве неживот“ и „Винер В.И.Г“.
На пазарниот сегмент осигурување живот евидентен е раст на продажбата на полиси за осигурување живот кога инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот (вложувања во удели на инвестициски фондови или популарно познато како „јунит линкд“ осигурување). Во овој осигурителен продукт за првите три месеци осигуреници вложиле 84,3 милиони денари (1,37 милиони евра) што е за 25 отсто повеќе од истиот период лани.
Најголемо пазарно учество на сегментот осигурување живот во првиот квартал има „Кроација осигурување живот“ пред „Граве“, „Винер Лајф В.И.Г“, „Уника Лајф“ и “Триглав осигурување живот“. Во ова тромесечје раст на пазарното учество остварија „Триглав осигурување живот„ „Уника Лајф“ и „Винер Лајф В.И.Г “.
Повеќе податоци за осигурителниот пазар во првите три месеци годинава се достапни на следниот линк https://aso.mk/category/publikaczii/izveshtai-za-rabotata-na-osiguritelnata-industri-a/drushtva-za-osiguruva-e/
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.
Износот на исплатени штети покриени со неживотни осигурувања порасна за 9,5 отсто во првиот квартал годинава во однос на истиот период лани. Вкупно се исплатени 15 милиони евра за обештетување, а најмногу штети исплатиле „Триглав Осигурување“, „Сава Осигурување“, „Халк Осигурување“, „Уника“ и „Еуролинк“. Најголем раст на исплатени штети, има кај дополнителното здравствено осигурување – 92 отсто повеќе од првото тромесечје лани
Граѓани, компании и институции наплатиле 15 милиони евра штети од осигурителните друштва за неживотно осигурување во првите три месеци годинава. Износот на исплатени средства за штети, покриени со осигурителните полиси, во првиот квартал годинава пораснал за 9,5 отсто во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Најголем дел од исплатените штети се однесуваат на покритија од автомобилска одговорност за што 11 компании кои осигуруваат ризици од неживотно осигурување исплатиле 525,6 милиони денари (8,55 милиони евра). Тоа е за 7,6 отсто повеќе исплатени штети од истиот перод 2020 година. Оваа класа осигурување е задолжителна со закон и генерира најголеми приходи за компаниите од продажба на полиси, но и најмногу обврски. Најмногу штети кај оваа класа осигурување во првите три месеци исплатиле: „Уника“ 71,8 милиони денари (1,2 милиони евра), „Триглав Осигурување“ 61,6 милиони денари (1 милиони евра), „Винер“ 59,4 милиони денари (967.000 евра), „Халк Осигурување“ 57,5 милиони денари (934.000 евра) и „Сава Осигурување“ 54,7 милиони денари (890.000 евра).
Вредноста на вкупното обештетување кое компаниите го платиле за штети на осигурен имот за овој период изнесува 99,6 милиони денари (1,62 милиони евра) и тоа е за 14,3 отсто повеќе од првиот квартал лани. Најголемо учество во исплатените средства за обештетување имот има компанијата „АДОР Македонија“ и тоа е 21,7 милиони денари (353.000 евра). Следуваат „Евроинс“ со 19,1 милиони денари (311.000 евра) и „Сава Осигурување“ со 13,3 милиони денари (216.000 евра).
Во класата осигурувања од незгода за првиот квартал осигурениците наплатиле 129 милиони денари (2,1 милиони евра) што е за 17 отсто повеќе исплатени средства за штети во однос на истиот период лани. Најмногу штети исплатиле: „Еуролинк“ 21,3 милиони денари (347.000 евра), „Триглав Осигурување“ 17,8 милиони денари (289.000 евра) и „Уника“ 15,5 милиони денари (251.000 евра).
Кај најбрзорастечката класа на неживотно осигурување – дополнителното здравствено осигурување во првиот квартал осигурениците од осигурителните друштва добиле 43,8 милиони денари (712.000 евра). Тоа е 92 отсто повеќе од истиот период лани. Лидер по исплатени штети за приватно здравствено осигурување во овој период е „Еуролинк“ со реализација од 16,1 милиони денари (262.000 евра) пред „Халк Осигурување„ со исплатени 8 милиони денари (130.000 евра) и „Триглав Осигурување“ со 10 милиони денари (163.000 евра).
Во вкупно исплатените штети во периодот јануари – март најголемо учество имаат следниве пет компании за осигурување неживот: „Триглав Осигурување“ со 124,5 милиони денари (2 милиони евра), „Сава Осигурување“ со 110,1 милиони денари (1,8 милиони евра), „Халк Осигурување“ со 100,8 милиони денари (1,64 милиони евра), „Уника“ со 100 милиони денари (1,63 милиони евра) и „Еуролинк“ со 95,7 милиони денари (1,55 милиони евра).
Бројот на исплатени штети во периодот јануари – март годинава изнесува 17.530 и е зголемен за 3 отсто во однос на истиот период лани.
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.
За првите три месеци годинава до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) се поднесени 36 претставки од осигуреници кои не се задоволни од работата на осигурителните друшта од кои купиле полиси за осигурување
За 56 отсто е зголемен бројот на претставки поднесени од осигуреници незадоволни од услугите на компаниите од кои купиле полиси за осигурување, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за првите три месеци годинава. Согласно со Законот за супервизија на осигурување секој осигуреник има право да поднесе претставка до АСО доколку е незадоволен од работата на компанијата од која ја купил полисата за осигурување.
За периодот јануари – март осигурениците поднеле вкупно 36 претставки против осигурителни друштва наспроти 23 претставки поднесени во истиот период лани. Од поднесените претставки АСО во четири случаи одлучил во корист на осигурениците кои биле подносители на претставки, за 17 предмети постапката е во тек, а за две претставки е утврдено дека се поднесени без основ за постапување. Во девет случаи причина за претставката била висината на понудениот надоместок за компензација на настанатата штета. Тие претставки не се процесирани затоа што АСО не одлучува за висината за понудениот надоместок за штета. Во корист на компаниите се решени три од сите поднесени претставки.
Во првите три месеци претставки поднеле 30 физички лица и шест правни лица.
Од аспект на видот на осигурување најмногу претставки – 13 се поднесени за штети од автоодговорност (задолжително осигурување). За оштетни побарувања покриени со осигурување од незгода биле поднесени 10 претставки, а пет се однесуваат на незадоволни осигуреници од осигурување имот. Три претставки се за осигурување живот, а по една за патничко осигурување, каско осигурување и земјоделско осигурување.
Најмногу осигуреници вкупно 13 се жалеле на основот за исплата на штета. Деветмина на висината на понудениот надоместок, четворица реагирале на обработката на штетата, по една претставка има за рок на плаќање, одговор по приговор и висина на регрес. По останати основи се поднесени пет претставки.
Во делот на осигурувањето неживот за „Уника“ се поднесени осум претставки, седум претставки има за „Винер неживот„, пет за „Граве неживот“, по две за „Халк Осигурување“, „Евроинс“ и „Еуролинк“. По една претставка е стигната за: „Сава“, „Триглав“, „Кроација неживот“, „Осигурителна полиса“ и за Националното биро за осигурување. Од компаниите за осигурување живот за „Кроација осигурување живот“ има три претставки. Во овој период нема претставки за „АДОР Македонија“, „Граве живот“, „Уника живот“, „Триглав живот“ и „Винер живот“.
Претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на компанијата за оштетното побарување или не добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разледува анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка.
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.