Седница одржана на 8. 7.2021
- Одлука за изрекување мерка на супервизија кон АД за осигурување Винер- Виена Иншуренс Груп Скопје,
- Одлука по однос на сторен прекршок од страна на ГРАВЕ Осигурување Неживот АД Скопје согласно Записник од спроведена вонтеренска супервизија,
- Одлука за изрекување на дополнителна мерка на супервизија кон Осигурително брокерско друштво АМГ Премиум,
- Одлука за изрекување мерка на супервизија кон Друштво за осигурување Сава АД Скопје,
- Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на информацискиот систем на Друштвото за осигурување Евроинс Осигурување АД Скопје,
- Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на информацискиот систем на Друштвото за осигурување Граве осигурување АД Скопје,
- Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на Осигурително брокерско друштво НОВ ОСИГУРИТЕЛЕН БРОКЕР АД Скопје,
- Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на Осигурителното брокерско друштво С.Т.М Брокер Плус АД Скопје,
- Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на Осигурително брокерско друштво ЈДБ БРОКЕР АД Скопје,
- Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на Осигурителното брокерско друштво ПОЛИСА ПЛУС АД Скопје,
- Упатство за вршење на проценка на ризик од перење пари и финасирање на тероризам и за управување со ризикот од перење пари и финасирање на тероризам за субјектите под надзор на Агенцијата за супервизија на осигурување,
- Барање за добивање согласност Друштвото за ревизиски консалтинг и даночни услуги ДИЛОИТ ДОО Скопје да врши ревизија на финансиските извештаи на Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ А.Д Скопје за 2021 година и донесување на Решение,
- Барање за добивање согласност Друштвото за ревизија ГРАНТ ТОРТОН ДОО Скопје да врши ревизија на финансиските извештаи на Друштвото за осигурување УНИКА АД, Скопје и донесување на Решение,
- Решение за одземање на лиценцата за застапник во осигурување на лицето Николче Јанчевски заради раскинување на договорот за застапување со ДЗО ЛАЈФ ВИЗИОН АД Скопје,
- Информација за потпишување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија во Република Северна Македонија за периодот од 2021-2025 година.
Усвоена првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија
Корона-кризата води кон време на трансформација на традиционалните економии во попаметни, подигитализирани, инклузивни и позелени економии. Во таквите услови, кога финтек-услугите сѐ повеќе се дел од нашата реалност, потребата од повисоко ниво на финансиска писменост, како предуслов и за финансиска инклузија ќе биде и понагласена. Но, тоа подразбира и потреба од поголема активност за заштита на потрошувачите. Финансиските регулатори ги дочекаа подготвени ваквите предизвици – уште пред неколку години го започнаа процесот на подготовка на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, во рамките на петгодишниот проект за финансиска едукација со поддршка на Министерството за финансии на Холандија и Меѓународната мрежа за финансиска едукација при ОЕЦД (ИНФЕ-ОЕЦД). Денес, Стратегијата беше усвоена и промовирана. Таа се однесува на периодот 2021-2025 година и ја надминува целта на проектот во чиишто рамки е првично подготвувана, бидејќи се однесува не само на финансиската едукација, тука и на финансиската инклузија, имајќи ја предвид нивната меѓусебна условеност и поврзаност.
На настанот, по повод нејзиното усвојување, се обратија претставници на сите финансиски регулатори – гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и комисионерот на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Кирил Јовановски.
„Финансиската едукација е и во основата на финансиската стабилност, особено по глобалната финансиска криза од 2008/9 година, којашто во голем дел беше последица на зголемени ризици заради лоши финансиски одлуки. Но, процесот на финансиска едукација не може да се одвива стихијно. Тој бара информации, насоки, совети, но пред сѐ систематизиран пристап. Затоа е потребен координиран пристап на национално ниво, односно стратегиска рамка којашто го препознава значењето на едукацијата, овозможува инклузија и координираност на сите релевантни страни и дефинира мапа на активности за ефективно постигнување на целите. Тоа нѐ носи до Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто денес ја усвојуваме. Стратегискиот и систематски пристап кон прашањето на финансиската едукација е уште поважен во ова ново време на револуција во областа на финансиските услуги (финтек).“ – истакна на почетокот на своето излагање, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по што и се осврна на одделни активности предвидени со Стратегијата.
Таа напомена дека за соодветно осмислување на Стратегијата, клучен предуслов беше оценката на тековното ниво на финансиска писменост, заради што беше иницирано и првото мерење на нивото на финансиската писменост според методологијата на ОЕЦД, според кое населението кај нас оствари 56% од максималната вредност, што се потврди и при второто мерење спроведено во рамките на проектот. Ова ниво е споредливо со земјите од регионот, но сепак во споредба со развиените земји укажува на значителен простор за подобрување.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими посочи дека Стратегијата е важна од две причини: прво, бидејќи финансиската едукација и инклузија се основа за стабилноста на финансискиот систем и второ, за да се остварат позначајни резултати на ова поле, потребно е да се дејствува по принципот СМАРТ, односно да се постават јасни цели, добра стратегија и план за остварување.
„Со добро координиран процес на финансиска едукација, којшто ќе ги опфати и институциите и приватните субјекти коишто можат да дадат придонес, на среден рок може да се постигнат навистина подобри резултати во поглед на финансиската едуцираност на населението. Со тоа ќе се подобри ефективноста на нивното учество во финансискиот сектор, а истовремено и ќе се заштитат како потрошувачи кои имаат повеќе и подобри информации. Преку користењето на добрите искуства за унапредување на финансиската инклузија, може да се олесни пристапот за финансии за повеќе категории. Зголемувањето на финансиската инклузија е од особено значење за економијата, бидејќи обезбедува пристап до капитал, што повлекува инвестиции и потрошувачка, што, пак, доведува до зголемена економска активност.“ – истакна министерот за финансии, Бесими.
Министерот посочи дека од аспект на подобрување на пристапот до финансиски услуги, наскоро ќе започне со работа Гарантниот фонд преку кој ќе се спроведе државната гарантна шема, којашто ќе го олесни пристапот до капитал за малите и средните претпријатија. Фондот, од една страна, ќе придонесе за понуда на нови продукти во финансискиот систем со помал ризик за банките и штедилниците, а од друга страна, ќе обезбеди пристап до капитал за оние коишто најтешко доаѓаат до кредити, односно малите и средните претпријатија.
Претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски, истакна дека забрзувањето на процесот на финансиската едукација и инклузија е особено битен доколку се има предвид ниското ниво на развиеност на осигурителниот пазар во сегментот на финансискиот систем.
„Донесувањето на Стратегијата како формален документ ќе овозможи остварување на нашите заеднички цели, како што се обезбедување раст и развој на финансискиот пазар, широка распространетост и достапност на финансиските услуги до секоја индивудуа, семејство, мал или голем бизнис, државниот сектор и сето тоа, по фер цени. Секако дека ваквата намера ќе се спроведе само доколку обезбедиме функционирање на здрави финансиски институции коишто се раководени и контролирани од стручен кадар, кој успешно го балансира остварувањето на целите водени од интересот за остварување профит, од една страна, и обезбедувањето квалитет на понудените финансиски услуги и фер однос кон корисниците на финансиски услуги, од друга страна.“ – порача Шајноски.
„Водејќи се од основното начело дека финансиската едукација е долгорочна инвестиција за целото општество и за државата, како и за поединецот кој полесно и посигурно ќе може да донесува финансиски здрави одлуки и поквалитетно да живее, убеден сум дека со усвојувањето на Стратегијата како сеопфатен документ, обезбедуваме мудро и ефикасно планирање на сите наши идни активности и ресурси во делот на развивањето на финансиската едукација и финансиската инклузија на целокупното население во нашата држава, притоа ставајќи посебен акцент на младите како најзначајна целна група. Токму затоа, МАПАС смета дека од особена важност е вклучувањето на невладиниот и на приватниот сектор во спроведувањето и остварувањето на целите на Стратегијата. На тој начин ќе обезбедиме посеопфатна финансиска едукација и зголемена финансиска инклузија на населението.“ – истакна претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али.
„Во услови на глобализација, поради големиот избор и достапност на финансиските производи, финансиската писменост станува еден од приоритетите на носителите на економските политики. Имено, треба да се истакне дека способноста за обработка на бројните информации се зголемува со подигнувањето на нивото на разбирање на сложените финансиски инструменти. Притоа, треба да се прифати дека инсистирањето на јасност и висока транспарентност од страна на учесниците во финансискиот систем треба да биде проследено со соодветно разбирање од оние за кои се бара транспарентноста. Покрај тоа, засилувањето на финансиската едукација и инклузија ќе значи и зголемување на придонесот на финансискиот сектор во економскиот развој. Имајќи го сето ова предвид, КХВРСМ истакнува дека со сите свои капацитети ќе се залага за подигнување на финансиската писменост, особено за прашањата поврзани со пазарот на хартии од вредност.“ – истакна Кирил Јовановски во име на КХВ.
Со Стратегијата, меѓу другото, се предвидува развивање посебни образовни програми за различни возрасни групи на населението, од најмлади до возрасни, имајќи го предвид сфаќањето за едукацијата како процес во текот на целиот животен век и особено динамичноста на финансиите во денешно време. Образовните програми треба да бидат конципирани согласно со Основните компетенции за финансиска едукација, како посебен документ предвиден со Стратегијата, којшто е веќе во изработка. За градење рамка којашто ќе обезбеди соодветна координација на активностите, размена на информации, како и квалитетна, објективна и непристрасна финансиска едукација од сите потенцијални даватели, веќе се изработува Кодекс на добри практики за финансиска едукација, со вклученост на регулаторите, приватните финансиски институции и граѓанските здруженија. Следењето на спроведувањето на предвидените активности би се одвивало преку работна група со вклучени претставници од регулаторите, приватниот и граѓанскиот сектор, со што ќе се зајакне соработката и ќе се овозможи оптимална распределба на расположливите ресурси кон поставените цели.
Во следниот период, посебно внимание ќе им се посвети на активностите во однос на заштитата на потрошувачите, во одделните финансиски сегменти, којашто исто така е во прилог на поголема финансиска инклузија во иднина. Дел од предвидените активности во доменот на заштитата на потрошувачите се на страната на регулаторите, а дел на страната на приватниот финансиски сектор, што уште еднаш упатува на неопходната соработка, како предуслов за успешно спроведување на предвидените активности. Предвидено е разгледување на алтернативните можности за разрешување на евентуалните спорови со потрошувачите, вклучително и разгледување на можноста за воспоставување Омбудсман, односно Народен правобранител за финансискиот сектор.
Согласно со Стратегијата, соодветно внимание треба да им се посвети и на зголемувањето на транспарентноста во работењето и во објавувањето податоци за финансиските услуги од страна на приватниот финансиски сектор, вклучително и на стандардизацијата на објавените податоци за ист вид услуга.
Седница одржана на 29.06.2021
- Правилник за измена на Правилникот за систематизација на работни места на АСО,
- Измена на Годишниот план за вработување на АСО за 2021 година.
- Одлука за исплата на регрес за годишен одмор за 2021 година,
Седница одржанa на 24.6. 2021
- Извештај на независниот ревизор и Финансиските извештаи за годината што завршува на 31 декември 2020 година,
- Барање за издавање согласност за стекнување квалификувано учество во ОБД ДЕЛТА ИНС БРОКЕР АД Скопје на лицето Оливера Клинчарова и донесување на Решение за давање согласност,
- Барање за издавање согласност за Друштво за ревизија за 2021 година на Национална Групација за Осигурување АД Осигурителна Полиса Скопје и Решение за издавање согласност;
- Одлука за спроведување на обука за осигурителни брокери во 2021 година;
- Одлука за спроведување на обука за застапници во осигурувањето во 2021 година,
- Извештај од спроведена вонтеренска супервизија за 2020 година.
Седница одржана на 16.06.2021
- Годишен извештај за состојбата и движењето на пазарот на осигурување за 2020 година,
- Годишен извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2020 година,
- Одлука по однос на сторен прекршок од страна на Друштво за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје (согласно член 5 став (5) од ЗЗОС),
- Одлука по однос на сторен прекршок од страна на Друштво за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје (неизвестување по член 104 од ЗСО),
- Барање за издавање согласност за измена на статут на КРОАЦИЈА ОСИГУРУВАЊЕ АД – Друштво за неживотно осигурување Скопје и донесување на Решение за издавање на согласност за измена на Статут,
- Барање за издавање согласност за стекување квалификувано учество во ОБД РИЗИКО ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје на лицето Саво Шишковски и донесување Решение за издавање согласност,
- Известување за раскин на договор за застапување во осигурување со лицето Славица Димитриевиќ и Решение за одземање на лиценцата,
- Барање за добивање согласност за Друштво за ревизија за Триглав Осигурување АД Скопје и донсување на Решение за согласност,
- Барање за добивање согласност за Друштво за ревизија за Триглав Осигурување Живот АД Скопје и донесување на Решение за согласност
- Информација за сертификацијата на АСО со Меѓународниот стандард за системи за управување со квалитет ИСО 9001:2015.
Осигурителниот пазар порасна 5%, продажбата на полиси достигна 43,7 милиони евра
Кај класите неживотно осигурување растат вложувањата во осигурување имот, во приватното здравствено осигурување, осигурување финансиски загуби и во каско осигурување воздухоплови. Кај осигурувањето живот значаен раст на вложувања има кај осигурителниот производ „јунит линкд“ кој е поврзан со вложувања во инвестициски фондови при што инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот
Осигурителниот пазар порасна за 5 отсто во првите три месеци годинава, а продажбата на полиси (бруто полисирана премија БПП) достигна 2,69 милијарди денари (43,7 милиони евра) што е за 1,7 милиони евра повеќе од истиот период лани, покажуваат официјалните збирни податоци на Агенцијта за супервизија на осигурување (АСО).
Во вкупната продажба на полиси 11 компании за неживотно осигурување учествуваат со 2,27 милијарди денари (37 милиони евра), а пет компании кои осигуруваат живот партиципираат со 414,5 милиони денари (6,7 милиони евра).
Споредбено со првите три месеци лани годинава значаен раст на продажбата на полиси имаат: осигурувањето финансиски загуби за 22,5 отсто , осигурувањето од општа одговорност како и осигурувањето имот од пожар и други опасности, двете класи бележат раст за 14 отсто. Продажбата на приватното здравствено осигурување во овој период е зголемена за 9 отсто. Во полиси за здравствено осигурување граѓани, фирми и институции за три месеци вложиле 124 милиони денари (2 милиони евра), во осигурување од општа одговорност 76,7 милиони денари (1,25 милиони евра), а во осигурување финансиски загуби осигурениците вложиле 9,7 милиони денари (158.000 евра).
Најочигледен резултат на подобрување на продажбата на полиси кое е директен резултат на укинување на ограничувањата што ги предизвика корона кризата има кај каско осигурување воздухоплови. Во оваа осигурителна класа за три месеци осигуреници уплатиле 78,1 милиони денари (1,27 милиони евра), а во истиот период лани приходот од осигурување воздухоплови на компаниите бил само 11.000 денари, што беше резултат на ограничувањата предизвикани од здравствената пандемија.
Од аспект на учество во вкупната продажба на полиси најголеми класи на осигурување и понатаму остануваат задолжителното осигурување од автомобилска одговорност (таканаречено А.О.) и осигурувањето имот. Во полиси за АО осигурениците за првите три месеци годинава вложиле 995 милиони денари (16,2 милиони евра). За осигурување имот граѓани, фирми и институции платиле 583,7 милиони денари (9,5 милиони евра).
Во првиот квартал годинава најголемо пазарно учество има „Еуролинк“ пред „Триглав Осигурување“, „Халк Осигурување“, „АДОР Македонија“, „Уника“, „Сава Осигурување“, „Евроинс Осигурување“, „Винер В.И.Г“, „Осигурителна полиса“, „Кроација осигурување – неживот“ и „Граве неживот“. Најголем раст на пазарното учество во ова тромесечје имаат „Халк Осигурување“, „Кроација осигурување – неживот“, „Уника“, „Граве неживот“ и „Винер В.И.Г“.
На пазарниот сегмент осигурување живот евидентен е раст на продажбата на полиси за осигурување живот кога инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот (вложувања во удели на инвестициски фондови или популарно познато како „јунит линкд“ осигурување). Во овој осигурителен продукт за првите три месеци осигуреници вложиле 84,3 милиони денари (1,37 милиони евра) што е за 25 отсто повеќе од истиот период лани.
Најголемо пазарно учество на сегментот осигурување живот во првиот квартал има „Кроација осигурување живот“ пред „Граве“, „Винер Лајф В.И.Г“, „Уника Лајф“ и “Триглав осигурување живот“. Во ова тромесечје раст на пазарното учество остварија „Триглав осигурување живот„ „Уника Лајф“ и „Винер Лајф В.И.Г “.
Повеќе податоци за осигурителниот пазар во првите три месеци годинава се достапни на следниот линк https://aso.mk/category/publikaczii/izveshtai-za-rabotata-na-osiguritelnata-industri-a/drushtva-za-osiguruva-e/
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.
Осигуреници наплатија 15 милиони евра од штети за три месеци, 9,5 % повеќе од лани!
Износот на исплатени штети покриени со неживотни осигурувања порасна за 9,5 отсто во првиот квартал годинава во однос на истиот период лани. Вкупно се исплатени 15 милиони евра за обештетување, а најмногу штети исплатиле „Триглав Осигурување“, „Сава Осигурување“, „Халк Осигурување“, „Уника“ и „Еуролинк“. Најголем раст на исплатени штети, има кај дополнителното здравствено осигурување – 92 отсто повеќе од првото тромесечје лани
Граѓани, компании и институции наплатиле 15 милиони евра штети од осигурителните друштва за неживотно осигурување во првите три месеци годинава. Износот на исплатени средства за штети, покриени со осигурителните полиси, во првиот квартал годинава пораснал за 9,5 отсто во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Најголем дел од исплатените штети се однесуваат на покритија од автомобилска одговорност за што 11 компании кои осигуруваат ризици од неживотно осигурување исплатиле 525,6 милиони денари (8,55 милиони евра). Тоа е за 7,6 отсто повеќе исплатени штети од истиот перод 2020 година. Оваа класа осигурување е задолжителна со закон и генерира најголеми приходи за компаниите од продажба на полиси, но и најмногу обврски. Најмногу штети кај оваа класа осигурување во првите три месеци исплатиле: „Уника“ 71,8 милиони денари (1,2 милиони евра), „Триглав Осигурување“ 61,6 милиони денари (1 милиони евра), „Винер“ 59,4 милиони денари (967.000 евра), „Халк Осигурување“ 57,5 милиони денари (934.000 евра) и „Сава Осигурување“ 54,7 милиони денари (890.000 евра).
Вредноста на вкупното обештетување кое компаниите го платиле за штети на осигурен имот за овој период изнесува 99,6 милиони денари (1,62 милиони евра) и тоа е за 14,3 отсто повеќе од првиот квартал лани. Најголемо учество во исплатените средства за обештетување имот има компанијата „АДОР Македонија“ и тоа е 21,7 милиони денари (353.000 евра). Следуваат „Евроинс“ со 19,1 милиони денари (311.000 евра) и „Сава Осигурување“ со 13,3 милиони денари (216.000 евра).
Во класата осигурувања од незгода за првиот квартал осигурениците наплатиле 129 милиони денари (2,1 милиони евра) што е за 17 отсто повеќе исплатени средства за штети во однос на истиот период лани. Најмногу штети исплатиле: „Еуролинк“ 21,3 милиони денари (347.000 евра), „Триглав Осигурување“ 17,8 милиони денари (289.000 евра) и „Уника“ 15,5 милиони денари (251.000 евра).
Кај најбрзорастечката класа на неживотно осигурување – дополнителното здравствено осигурување во првиот квартал осигурениците од осигурителните друштва добиле 43,8 милиони денари (712.000 евра). Тоа е 92 отсто повеќе од истиот период лани. Лидер по исплатени штети за приватно здравствено осигурување во овој период е „Еуролинк“ со реализација од 16,1 милиони денари (262.000 евра) пред „Халк Осигурување„ со исплатени 8 милиони денари (130.000 евра) и „Триглав Осигурување“ со 10 милиони денари (163.000 евра).
Во вкупно исплатените штети во периодот јануари – март најголемо учество имаат следниве пет компании за осигурување неживот: „Триглав Осигурување“ со 124,5 милиони денари (2 милиони евра), „Сава Осигурување“ со 110,1 милиони денари (1,8 милиони евра), „Халк Осигурување“ со 100,8 милиони денари (1,64 милиони евра), „Уника“ со 100 милиони денари (1,63 милиони евра) и „Еуролинк“ со 95,7 милиони денари (1,55 милиони евра).
Бројот на исплатени штети во периодот јануари – март годинава изнесува 17.530 и е зголемен за 3 отсто во однос на истиот период лани.
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.


