Нова брошура на АСО: Во неколку чекори како и каде да пријавите штета
Нова брошура на АСО: Во неколку чекори како и каде да пријавите штета. Погледнете ја на следниот линк
Нова брошура на АСО: Во неколку чекори како и каде да пријавите штета. Погледнете ја на следниот линк
Транспарентното работење на менаџментот на АСО придонесе да расте бројот на претставки добиени од осигуреници за работата на осигурителните компании. За три месеци АСО постапи по 52 претставки што е тројно повеќе од лани. Најбројни, во првите три месеци годинава, се поплаките на осигуреници при обештетување од автомобилска одговорност покриенa со европски извештај. Нивниот број е зголемен за речиси четири пати.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) во првите три месеци годинава разгледала 52 претставки од осигуреници кои се пожалиле на услугите од осигурителни компании. Бројот на претставки по кои АСО постапува во првиот квартал годинава е зголемен тројно во споредба со истиот период лани кога стручните лица на АСО постапувале по 17 претставки.
Во периодот јануари – март до АСО стигнале вкупно 62 претставки од осигуреници. Од нив 6 биле без основ за разгледување, а подносителите во 4 случаи ги повлекле своите претставки. Од вкупно 52 случаи по кои постапувал АСО во корист на осигуреници се решени 8 претставки и тоа е за 4 пати повеќе од истиот период лани. Во процес на постапување се 18 претставки, а негативно се решени 26 поплаки на осигуреници.
Најчесто осигурениците се жалеле на услугата европски извештај при решавање на штети во сообраќајот. Од вкупно 27 поплаки за решавање штети од автомобилска одговорност (најголемата и задолжителна осигурителна класа) дури 19 претставки се заради постапување на осигурителните компании по европскиот извештај за штети. Во споредба со истиот период лани, оваа година на таа услуга се пожалиле 4 пати повеќе осигуреници.
Значаен раст на поплаки има и кај осигурувањето имот – најголемата доброволна осигурителна класа. Стручните лица на АСО примиле 13 претставки од осигуреници и тоа е двојно повеќе од истиот период во 2021 година.
Во однос на причината поради која се жалат осигуреници најбројни во овој период се претставките кои се однесуваат на основата по која компаниите исплаќаат штети. За првите три месеци се примени 20 такви претставки и тоа е за 53% повеќе од истиот квартал во 2021 година.
Најзначајно зголемување на бројот на претставки има за процесот во кој компаниите ги обработуваат штетите на осигурениците. Од почеток на јануари до крај на март се поднесени 16 претставки за обработка на штета, а лани истиот период биле поднесени 4 пати помалку поплаки по оваа основа.
За висината на надоместот на штета што го нудат осигурителните компании во првите три месеци годинава се пожалиле 15 осигуреници. Во овие случаи АСО нема надлежност да одлучува за висината на надоместокот, но ги утврдува условите и околностите во кои е донесена одлуката за износот на понудена оштета.
Од поднесените претставки 47 се поднесени од граѓани, а 15 од правни лица. Од граѓаните кои поднеле претставки 13 користеле услуги на адвокат – застапник.
Претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на осигурителната компанија за оштетното побарување или не добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разледува анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
За прв пат во 16 годишното постоење на животното осигурување вложувањата на граѓани надминаа 2 милијарди денари (32,5 мил.евра) во 2021 година. За одбележување е и тоа што лани бројот на лица кои имаат осигурување се зголеми за 95 отсто во однос на претходната 2020 година. Во значајна мерка тој раст се должи на врзувањето на новоиздадени банкарски кредити со животно осигурување.
Вкупните вложувања на граѓаните во животно осигурување минатата година надминаа 2 милијарди денари (32,5 мил.евра). Ова е рекордно односно највисоко годишно ниво на вложувања во животно осигурување од востановувањето на пазар за животно осигурување во 2005 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Повеќе од 260.000 граѓани имаат полиси за животно осигурување на крајот на 2021 година. Бројот на нови осигуреници лани е зголемен за 127.000 лица односно 95 отсто во споредба со бројот на лица кои имале животно осигурување во 2020 година.
Вложувањата во животно осигурување лани се зголемени за 261 милиони денари (4,2 мил.евра) во однос 2020 година.
Од вкупните вложувања во животно осигурување лани над 1,6 милијарди денари (26 мил.евра) се инвестирани во класично осигурување живот кое опфаќа: ризико осигурување и осигурување со штедна компонента.
Кај ризико осигурувањето се осигурува животот на осигуреникот и во случај на смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Кај овој вид осигурување доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија. Речиси 200.000 граѓани имаат ризико осигурување на крај на 2021 година.
Најмногу се инвестира во осигурувањето со штедна компонента. Овој продукт овозможува на осигуреникот по истек на договорот за осигурување своето вложување да го добие како заштеда со камата. Повеќе од 50.000 осигуреници имаат вакво осигурување живот и во овој продукт годинава се вложени 1,27 милијарди денари ( над 20 мил.евра).
Вложувањата во животното осигурување во кое ризикот од инвестирањето е на товар на осигуреникот (популарно наречениот јунит линкд продукт) лани достигнале 383,2 милиони денари (над 6 мил.евра). Тоа е за 27 отсто повеќе од 2020 година. Кај оваа класа парите се вложуваат во инвестициски фондови чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. Токму заради ризикот што го носат овие висококвалитетни инвестиции бројот на раскинати договори е повисок во однос на бројот на прекинати осигурување со штедна компонента.
Петте компании за осигурување живот во 2021 година исплатиле вкупно 595 милиони денари/9,7 мил.евра на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или по основ на ризик смрт.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Со цел стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија, како и афирмација на млади и стручни кадри, Агенцијата за супервизија на осигурување доделува годишна награда за 2022 година за истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија.
Годишната награда на Агенцијата за супервизија на осигурување изнесува 80.000 денари.
Трудот задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 15.000 зборови (без апстракт, библиографија и анекси) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување кое ги содржи следните основни делови:
Право за учество на конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија до триесет и петгодишна возраст, односно до денот на доделувањето на наградата на 01.11.2022 година, учесниците не треба да имаат наполнети триесет и шест години. Учесниците кои имаат стекнато титула доктор на науки до денот на поднесувањето на трудот немаат право на учество на конкурсот.
Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или англиски јазик.
Актуарски предизвици во претстојната либерализацијата на задолжителното автомобилско осигурување и нивниот придонес во финансиска инклузија се главните теми на големата меѓународна конференција која на едно место собра повеќе од стотина актуари и стручњаци од земјава, регионот и светот.
Станува збор за дводневната „2022 CEE & SEE Regional Actuarial Insurance Conference, First Congress Actuaires du Monde“ која денеска и утре се одржува во Скопје во организација на непрофитната меѓународна организација „Актуари на светот“ во која како ко-организатори учествуваат Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) и македонското актуарско здружение „Актуар“.
На отварањето на конференцијата денеска пред присутните претставници на македонската осигурителна индустрија, високи претставници на финансиските регулатори и стручњаци од странство и од регионот се обратија Фатмир Бесими, министерот за финансии и Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО.
Бесими пред присутните истакна дека особено значајно ќе биде да се соочат ризиците и придобивките од либерализацијата на осигурувањето од автоодговорност со цел да се избере најдобриот пат за постигнување на оваа цел, која истовремено подразбира и усогласување на нашата земја со прописите и праксата на ЕУ.
– На оваа конференција се разговара за навистина актуелна тема на која ќе бидат разменети искуства на претставници од стручната фела, а Министерството за финансии е секогаш подготвено да ги слушне експертите и нивните искуства и да ги согледа ефектите што ќе ја има либерализацијата за оваа класа на осигурување, која учествува со 41 % во вкупната бруто полисирана премија, рече министерот Бесими.
Во своето обраќање Шајноски говореше за значењето на актуарската професија за осигурителната индустрија и за активностите кои АСО ги превзема за зголемување на институционалниот капацитет на осигурителните компании преку актуелната обука за актуари. Осврнувајќи се на значењето на претстојниот процес за либерализација на осигурувањето од автомобилска одговорност Шајноски потенцираше:
– Либерализацијата за АСО ќе донесе повеќе обврски во однос на континуираното следење на финансиското здравје и капиталните можности на компаниите за осигурување. Важно е како краен резултат на овој исклучително важен процес, во координација во Министерството за финансии и Владата, да го дадеме правото на избор на осигурениците, а притоа и понатаму да имаме финансиски здрави осигурителни компании и задоволни корисници.
Таргет групата на посетители на конференцијата не се само актуарите, туку и поширок спектар на учесници од осигурителната заедница, претставници од пензиските друштва и креаторите на економските политики во земјата и странство. Затоа што работата на актуарите станува сé покомплексна и треба да има централно место во организационата поставеност друштвата за осигурување.
Актуари на Светот е непрофитна организација регистрирана во Франција во ноември 2020 година со мисија да овозможува привремена и доброволна помош на земјите во развој на кои им се потребни ресурси во областа на актуарството и управувањето со ризици.
Македонското Актуарско Здружение „Актуар” е стручна организација чија намера е да ги унапредува актуарските дисциплини, нивната практична примена и стручното усовршување и образование на актуарите.
Повеќе информации за конференцијата на следниот линк https://bit.ly/3DjiXWw