Осигурителните компании платиле 10,2 милиони евра провизии за продажбата на своите посредници
Користејќи ги услугите на посредниците во осигурување (осигурителни брокерски друштва, друштва за застапување и на застапници во осигурување) осигуреници во полиси за неживотно осигурување вложиле 42 милиони евра во првите шест месеци годинава
Осигуреници вложиле 5 милијарди денари (81,2 мил.евра) во осигурување за половина година. Од тоа 2,59 милијарди денари ( 42 мил.евра) се вложени во полиси директно купени од осигурителните друштва и уште 2,41 милијарди денари (39,2 мил.евра) преку посредници во осигурувањето. Во овој период преку посредници во осигурување се склучени над 370.000 договори за осигурување, покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за периодот јануари – јуни годинава за неживотно осигурување.
Во структурата на посредничка продажба на осигурителни продукти најголемо учество имаат осигурително-брокерските друштва. Тие согласно законската регулатива работат во корист на осигурениците односно ги снимаат ризиците и врз основа на тоа да ги дизајнираат полисите, а воедно во случај на штети ги застапуваат нивните интереси пред осигурителните компании.
За шест месеци преку овие друштва осигуреници (физички и правни лица) вложиле 1,5 милијарди денари (24,4 мил.евра) во различни осигурителни производи. Од тоа најголеми се вложувањата во полиси за законски задолжителната автомобилска одговорност. Тие изнесуваат 1 милијарда денари (16,3 мил.евра). Во осигурување имот вложиле уште 735,6 милиони денари (12 мил.евра). За своите услуги 40 осигурителните брокерски друштва наплатиле 398,6 милиони денари (6,48 мил.евра) провизија од осигурителните компании.
Друштвата за застапување во осигурување (компании кои можат да нудат полиси и од повеќе осигурителни компании само доколку тие осигурителни продукти не си конкурираат меѓусебно) за првите шест месеци продале полиси во вкупна вредност од 252 милиони денари (4,1 мил.евра). За своите услуги од осигурителните друштва наплатиле провизии во вкупна вредност од 68,5 милиони денари (1,1 мил.евра). На осигурителниот пазар работат 12 компании лиценцирани за застапување во осигурување.
Повеќе од 1.300 физички лица – лиценцирани застапници во осигурувањето во првата половина од годинава продале полиси во вредност од 534,8 милиони денари (8,7 мил.евра). Застапниците за таа услуга како провизија наплатиле 126,89 милиони денари (2,06 мил.евра) од осигурителните компании чии полиси продавале. Во овој период во нивната понуда доминира продажбата на задолжителните полиси за автомобилска одговорност со износ од 402 милиони денари (6,5 мил.евра) односно 75 отсто од целата продажба на полиси преку овој канал за продажба.
Банките се јавуваат како посредници во продажбата на осигурителни продукти на нивни клиенти – кредитобаратели. Во првата половина на годинава банките продале осигурителни полиси во вредност од 100 милиони денари (1,63 мил.евра). Во таа продажба најголемо учество имаат полиси за осигурување имот кои се поврзани со станбените кредити и тие изнесуваат 60 милиони денари (1 мил.евра). Банките од друштвата за неживотно осигурување за првата половина од годинава наплатиле провизии во вкупен износ од 29 милиони денари (471.000 евра).
Како посредници во купопродажба на осигурителни продукти на пазарот учествуваат и салоните за автомобили и туристичките агенции. Преку салоните за продажба автомобили во овој период се продадени полиси за осигурување во вредност од 6 милиони денари (98.000 евра), а преку туристичките агенции продажбата за овој период изнесува 3,5 милиони денари (57.000 евра).
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.
Семеен дом осигуран со 3,2 милиони евра, највисоката осигурена сума за имот на физичко лице
Најголемата корпоративна полиса издадена во земјава покрива максимална штета до износ од 1,26 милијарди евра. Кај каско осигурувањето возила максимална осигурена сума за покривање штети е 41 милиони евра и договорот за осигурување го има претпријатие за јавен превоз на патници. Полисата со највисока осигурена сума за исплата на штети за приватно здравствено осигурување покрива до 2,3 милиони евра со која се осигурани речиси 800 вработени лица
Најголемиот износ што може да биде исплатен за штети на осигуран имот на физичко лице изнесува 198 милиони денари (3,2 милиони евра). Станува збор за куќа – недвижен имот сопственост на физичко лице. Осигурителните компании имаат над 128.000 активни договори со физички лица за осигурување недвижен имот, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за првата половина годинава.
Во корпоративниот сектор најголемо покритие за штети врз имотот има голема компанија од електроенергетскиот сектор. Максималното покритие, по овој договор за осигурување, што може да го наплати компанијата изнесува 77,65 милијарди денари (1,26 милијарди евра). Корпоративниот сектор има над 32.000 активни договори за осигурување имот на 30 јуни годинава.
Во класата осигурување од незгода максималната осигурена сума по активен договор за осигурување која може да биде исплатена изнесува 4,26 милијарди денари (69,3 мил.евра). Станува збор за полиса за колективно осигурување на повеќе од 8.500 вработени лица. Во оваа осигурителна класа на крај на јуни има 628.000 активни договори за осигурување.
Во класата на приватното здравствено осигурување максималната осигурена сума по активен договор за осигурување изнесува 142,9 милиони денари (2,3 мил.евра). Станува збор за колективно осигурување од тешки болести на речиси 800 вработени лица во јавна здравствена установа. Во оваа класа на осигурување на крај на јуни има над 12.000 активни договори со кои е обезбедено приватно здравствено осигурување за повеќе од 38.000 лица.
Најголемото покритие за каско осигурување на моторни возила покрива износ до 2,5 милијарди денари (41 мил.евра). Полисата ја има претпријатие за јавен превоз. Во оваа класа на крај на јуни имало 50.000 активни договори за каско осигурување моторни возила.
Највредната полиса за карго покрива штети до износ од 3,4 милијарди денари (5,6 мил.евра) со што се осигурени сите пратки кои ќе се реализираат во периодот за кој важи договорот за осигурување.
Кај законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност (ЗАО) најголемата полиса со максимална осигурена сума (пропишана со закон) покрива штети до 93,4 милиони денари (1,5 мил.евра). Оваа полиса ја има компанија која превезува експлозивни материјали и се осигурува од материјална и нематеријална штета. Во оваа осигурителна класа на 30 јуни има над 611.000 активни договори за осигурување.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Граѓани од животно осигурување наплатиле 4,6 милиони евра за шест месеци
Истовремено во полиси за осигурување живот граѓани и компании (за нивни вработени) вложиле 14,8 милиони евра или 9,6 отсто повеќе од истиот период 2020 година
Пет осигурителни компании исплатија 281,3 милиони денари (4,57 мил.евра) за осигурување живот на свои осигуреници во првите шест месеци годинава. Во споредба со истиот период лани исплатените износи (бруто исплатени штети БИШ), за осигурување живот кои осигуреници ги наплатиле, се зголемени за 42 отсто односно 1,36 милиони евра, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Осигурителните полиси за осигурување живот, во зависност од условите на договорот т.е. полисата, покриваат ризици од смрт, инвалидитет, но воедно и многу често можат да бидат и начин на штедење. При тоа осигуреникот освен вложените средства може да добие и дел од приносот (камата) на вложените средства.
Најголемо учество во вкупната исплата имаат полиси за животно осигурување кај кои осигуреникот добива и дел од приносот (камата) на вложените средства. По тој основ во првото полугодие годинаа се исплатени 245,9 милиони денари (4 мил.евра).
Значајно за истакнување е тоа што во овој период компаниите исплатиле 86,77 милиони денари на осигуреници кои одлучиле пред истек на договорениот рок за осигурување да ги повлечат своите вложени пари (таканаречен „откуп на полиса“). Во споредба со истиот период лани овој износ годинава е повисок за 36 отсто. Откупот на полиси во пракса може често да се случи доколку осигуреникот добие подобри услови за вложување во некоја од конкурентските компании за осигурување живот.
Кај набрзо растечкиот од продуктите на осигурување живот т.н. „јунит линкд“, кога осигуреникот го прифаќа ризикот од вложување во удели на инвестициски фондови, има тенденција на раст на исплати. За првите шест месеци годинава иматели на вакви полиси наплатиле 10,46 милиони денари (170.000 евра) и тоа е за 91 отсто повеќе од истиот период 2020 година.
Во првите шест месеци годинава граѓани и компании вложиле 908 милиони денари (14,76 милиони евра) или 9,6 отсто повеќе од истиот период лани.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Седница одржана на 30.9.2021
- Записникот од дваесетитрета седница на СнЕ на АСО во 2021 година, одржана на ден 24.8.2021 година во 13:30;
- Решение за изменување на Решението за формирање на Комисија за спроведување на стручен испит потребен за добивање на дозвола за работа како овластен актуар,
- Барање за добивање согласност за измена на статут на ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ и донесување на Решение,
- Одлука за донесување на Решение за одземање на дозволата за вршење на осигурително брокерски работи на Осигурително брокерското друштво АМГ Премиум АД Скопје
- Измена на годишниот план за теренска супервизија на Агенцијата за супервизија на осигурување, за 2021 година,
- Одлука за изрекување дополнителна мерка на супервизија кон Друштвото за осигурување Халк Осигурување АД Скопје.
Известување во врска со Конкурс на АСО за годишна награда за млади истражувачи
Во врска со објавениот Конкурс за годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на управување со ризици и осигурување за 2021 година, стручните служби на АСО утврдија дека настанал проблем со функционалноста на посочената електронска адреса konkurs@aso.mk и поради тоа не се исклучува можноста некој поднесок да не бил примен.
Со цел рамноправен третман на сите потенцијални учесници ги замолуваме заинтересираните кандидати повторно да го поднесат својот труд на посочената електронска адреса konkurs@aso.mk. Во секој случај, кандидатите задолжително треба да добијат повратен одговор дека нивниот труд е примен и дека учествува на конкурсот.
Доколку и при повторен обид, кандидатите не добијат повратен одговор потребно е да стапат во контакт со одговорното лице на телефонскиот број 02 3254 062.
Исплатените штети за приватно здравствено осигурување пораснаа за 87,5 %, достигнаа 1,5 милиони евра
Во првите шест месеци годинава бројот на договори за купени полиси за приватно здравствено осигурување пораснал за 48 отсто. Вложувањата на осигурениците во ова осигурување достигнале 3,8 милиони евра. Осигурителните компании за првото полугодие за пријавени штети исплатиле 87,5 отсто повеќе средства во однос на истиот период 2020 година
Вредноста на исплатените штети покриени со приватно здравствено осигурување во првите шест месеци порасна за 87,5 отсто и достигна 92,6 милиони денари (1,5 милиони евра). Истовремено, вложувањата на граѓани и компании во приватно здравствено осигурување се зголемени за 38 отсто достигнувајќи 232,5 милиони денари (3,8 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Податоците за исплатени штети и продадени полиси потврдуваат дека приватното здравствено осигурување, во контект на актуелната здравствена пандемија, станува многу популарно и се пошироко прифатено кај осигурениците (граѓани и правни лица). Истовремено се зголемуваат износите кои осигуреници ги вложуваат во приватно здравствено осигурување со цел да обезбедат поквалитетна здравствена заштита од јавното здравство, која не е на товар на државниот буџет и на државниот Фонд за здравствено осигурување.
Во првите шест месеци годинава осигурителните компании кои продаваат полиси за приватно здравствено осигурување ликвидирале т.е. исплатиле 9.144 оштетни побарувања на свои осигуреници. Тоа е за 68 отсто повеќе во споредба со истиот период претходната година кога друштвата за осигурување ликвидирале 5.432 штети. Во првото полугодие се продадени 9.870 полиси за приватно здравствено осигурување што е за 46 отсто повеќе од истиот период во 2020 година. За првите шест месеци годинава до АСО се доставени само две претставки од незадоволни осигуреници за покритие на штета по полиса за приватно здравствено осигурување.
Вредноста на штети исплатени за приватно здравствено осигурување достигна 5 отсто во вкупниот износ на бруто исплатени штети (БИШ) за првото полугодие оваа година. За овој период учеството на исплатени штети за приватно здравствено осигурување порасна за 67 отсто во споредба со истиот период лани кога оваа класа осигурување во БИШ учествуваше со 3 отсто.
Највисоката поединечна исплатена штета покриена со приватно здравствено осигурување изнесува 610.000 денари (10.000 евра).
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.