Одржана седница на Комитетот за финансиска стабилност: Финансискиот сектор е отпорен на шокови
Домашниот финансиски сектор добро се справи со глобалните предизвици и уште еднаш покажа дека е отпорен на шокови и има капацитет за справување со кризи, се заклучува во Извештајот за финансиска стабилност за 2022 година. На седницата на Комитетот за финансиска стабилност, одржана на 27 ноември, беше презентиран Извештајот за финансиската стабилност во Република Северна Македонија во 2022 година, а исто така беа разгледани и потребните активности кои треба да се преземат за спроведување на Законот за решавање банки.

На седницата на Комитетот, разгледувајќи ги показателите за различните сегменти од финансискиот сектор во 2022 година, беше нагласено дека финансиската стабилност е успешно одржана и покрај сложените услови на работење на финансискиот систем. Вкупните средства на финансискиот систем продолжија да растат и во 2022 година но со побавни стапки на раст. Вкупниот кредитен раст изнесуваше 9,4%, со што се обезбеди солидна кредитна поддршка и на корпоративниот сектор која забележа раст од 11,5% и на населението со раст за 7.3%. Овие стапки на кредитен раст се значајно повисоки од ЕУ каде тие изнесуваа 4,8%, 6,4% и 3,8% соодветно. Беше констатирано дека и понатаму е ограничена можноста за прелевање на ризиците помеѓу одделните сегменти на системот во услови на задржана едноставна структура на финансискиот систем, мала меѓусебна зависност и отсуство на посложени финансиски инструменти. Резултатите од стрес-тестирањето и посебните оценки и симулации за изложеноста на ризикот од промена на каматните стапки содржани во Извештајот укажуваат дека домашниот финансиски систем има капацитет за справување со шокови од позначаен интензитет.
Остварувањата на корпоративниот сектор во 2022 година беа солидни, пришто речиси сите дејности од корпоративниот сектор ги зголемија приходите од работењето и ја подобрија профитабилноста. Профитабилноста на корпоративниот сектор порасна за 19,8%, по раст од 32,1% во 2021 година. Показателите за конкурентноста исто така укажуваат на подобрена продуктивност на корпоративниот сектор која расте и тоа забрзано втора година по ред. Сепак, ликвидносниот ризик и натаму е клучниот извор на ранливост за домашниот корпоративен сектор и покрај оствареното подобрување на оперативната ефикасност во 2022 година. Финансиските показатели исто така укажуваат и на подобрување на финансиската дисциплина, во услови на забрзување на плаќањето на обврските и побрза наплата на побарувањата на компаниите. Ликвидносните потреби на компаниите во значајна мера беа покриени и со зголемената кредитна поддршка на банките, пришто покрај долгорочните кредити кои вообичаено имаат најголем придонес, во 2022 година, зајакна и краткорочното кредитирање.
Сепак, беше посочено дека неизвесното макроекономско окружување може да биде извор на ранливости за финансискиот сектор. Оттука, и натаму приоритетно е постојаното јакнење на отпорноста на банкарскиот и финансискиот сектор во целина, а во таа насока е и макропрудентниот мандат на финансиските регулатори обезбеден со новиот Закон за финансиска стабилност и макропрудентните мерки кои може да се преземат.
На седницата беше разгледана и Информацијата за потребните активности во врска со Законот за решавање банки. Kомитетот ги констатираше подготвителните активности кои треба да се спроведат од страна на институциите за да законот може да почне да се спроведува во предвидениот рок, односно од октомври 2025 година.
Денови на финансиска писменост: АСО додели награди и пофалници на 37 основци и средношколци за творби од областа на осигурувањето
АСО додели награди и пофалници на 37 ученици, од основни и средни училишта ширум земјава, за цртежи, есеи и песни на теми од областа на осигурувањето. Со оваа активност симболично АСО ги започна „Денови на финансиска писменост 2023“ кои ги организираат сите регулатори на финансискиот пазар. За значаен придонес во унапредување на финансиската писменост кај учениците АСО додели и благодарници на 20 наставници – ментори кои континуирано и посветено работат со учениците на градење на свесноста за значењето на осигурувањето за општата благосостојба на населението

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) награди девет ученици и издаде пофалници на уште 28 основци и средношколци кои креираа цртежи, есеи и песни на теми поврзани со значењето на осигурувањето. Тие беа избрани како најдобри во конкуренција на речиси 200 творби на тема осигурување чии автори беа ученици од основни средни училишта ширум земјава.
Воедно АСО додели 20 благодарници на наставници – ментори од различни училишта кои работат со учениците на теми за зајакнување на финансиската писменост со особен аспект на осигурувањето.
По тој повод Крсте Шајноски, претседател на Советот на екперти на АСО, денеска ги додели наградите и признанијата на учениците и ученичките од основните и од средните училишта.
Во оваа прилика Шајноски истакна дека градење на свеста за значењето на осигурувањето, на што АСО посветува особено внимание, е неопходен предуслов за подигање на животниот стандард и општата благосостојба во секое општество. На присутните наградени и пофалени ученици им порача дека тие се партнери на АСО во мисијата за градење на култура на осигурување. При тоа се заблагодари на наставниците – ментори за нивниот придонес во зајакнувањето на финансиската едукација.

Со овој настан АСО ги започна активностите по повод „Деновите на финансиска писменост“, а воедно успешно го реализираше јубилејниот 11 по ред Конкурс за избор на теми по повод 1 ноември – денот на осигурувањето. На темите „Осигурувањето ме заштитува од ризици“ , „Моја инвестиција – полиса за осигурување“ и „Животот е полн со изненадувања, осигурувањето е моја финансиска сигурност“ годинава АСО доби речиси 200 цртежи, песни и есеи од ученици на возраст од 6 до 17 години од неколку десетици основни и средни школи од повеќе градови и населени места ширум земјава.
Деновите на финансиска писменост традиционално седма година по ред ги организираат сите регулаторни тела од областа на финансиите (Народната банка, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување – АСО и Агенцијата за супервизија на капитално-финансирано пензиско осиурување МАПАС).
АСО во рамки на своите активности по повод Деновите на финансиска писменост во ноември посетува училишта во кои преку соодветни форми на интерактивна комуникација едуцира ученици за значењето на осигурувањето, учествува на ТВ емисија од едукативен формат и публикува содржини на социјалните мрежи со изразена едукативна компонента за атрубитите на осигурителните производи и за заштитата на правата на осигурениците.
АСО пружа можност за едукативни посети и интерактивни предавање за сите училиште на теми од областа на финансиска едукација во осигурувањето, а податоците се достапни на веб страницата на АСО.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.