Осигуреници вложија над 40 милиони евра, осигурителниот пазар порасна 10%
Осигурувањето имот останува најголема доброволна осигурителна класа од сите неживотни осигурувања. Приватното здравствено осигурување за прв пат досега е втора по обем класа доброволно осигурување. Најголем раст на вложувањата, од дури 180% има кај осигурувањето кредити. Продажбата на патничкото осигурување, по укинување на анти – ковид рестрикциите порасна 80%

Вложувањата во неживотно осигурување достигнаа 2,5 милијарди денари (40,5мил.евра) во првите три месеци годинава. Осигурителниот пазар за неживотно осигурување порасна за 10 отсто (3,5 мил.евра) во првиот квартал годинава во
споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Во првите три месеци годинава се склучени речиси 307.000 договори за неживотно осигурување и тоа е за 11 отсто повеќе од истиот период лани. Во осигурување имот за овој период осигуреници вложиле 555,6 милиони денари (9 мил.евра) и тоа е за 5 отсто помалку во однос на истиот период 2021 година. И покрај малиот пад осигурувањето имот останува најголемата т.е. најпродавана
класа на доброволно осигурување.
Приватното здравствено осигурување и во пост-ковид периодот продолжува да биде најпопуларно осигурување според растот на вложувањата. За првите три месеци годинава десет осигурителните компании за неживотно осигурување склучиле речиси 8.000 договори за приватно здравствено осигурување. Осигурениците во овој период во ова осигурување вложиле 225 милиони денари
(3,7 мил.евра), што е за 81 отсто повеќе од истиот период лани. Најекспанзивен раст на вложувања има во класата осигурување кредити. Официјалните податоци покажуваат дека осигуреници вложиле 121.000 евра за три месеци и тоа е за 180 отсто повеќе од вложувањата во овој производ истиот период лани. Ова осигурување на пазарот го продаваат пет осигурителни
компании, а за три месеци се склучени речиси 1.000 договори за осигурување. Значаен раст, со укинување на анти-ковид мерките, има и кај патничкото осигурување. Во однос на лани продажбата на патничко осигурување во првите три месеци годинава порасна за 80 отсто. Во ова осигурување се вложени 30,3 милиони денари (500.000 евра). Осигурувањето од автомобилска одговорност останува најголема класа. За првите три месеци склучени се речиси 176.000 договори за осигурување од кои над 32.000 се зелени карти за патување во странство. Вредноста на полисите за автомобилска одговорност, продадени во првите три месеци, надмина една милијарда денари (17 мил.евра) и бележи раст од 5 отсто во однос на лани. Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Осигуреници наплатија 16 милиони евра, бројот на исплатени штети порасна 30%
За три месеци осигурителните компании исплатија речиси 23.000 оштетни побарувања. Најголем раст на вредноста на исплатени штети за покривање медицински трошоци има кај приватното здравствено осигурување, а најголем процентуален раст има кај исплатите за штети покриени со патничко осигурување. Исплатите во најголемата доброволна класа – осигурување имот пораснаа за 17 % во споредба со истиот период лани

Единаесет осигурителни компании за неживотно осигурување исплатија 978 милиони денари (15,9 мил. евра) за настанати штети на свои осигуреници во првите три месеци годинава. Во првите 90 дена годинава осигурителните компании исплатиле речиси 23.000 штети на осигуреници и тоа е 30 отсо повеќе од истиот период 2021 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Најголемо учество во структурата на исплатените штети очекувано има најголемата осигурителна класа – задолжителната автомобилска одговорност (ЗАО) која е обрврзувачка со закон. Вредноста на исплатените штети за ЗАО изнесува 473 милиони денари (7,7 мил. евра) и тоа е 48 отсто од вредноста на сите штети платени во овој период. Во споредба со истиот период лани вредноста на исплатените штети е зголемена за 4 отсто.
Најголем раст на вредноста на исплатените штети повторно има кај приватното здравствено осигурување. Осигурениците наплатија 84,5 милиони денари (1,4 мил. евра) трошоци за медициски предгледи и лекување за период од три месеци. Тоа е за 94 отсто (690.000 евра) повеќе од истиот квартал минатата година. Од почетокот на корона кризата пред две години ова е најбрзорастечки осигурителен производ.
Значаен за истакнување е растот и на исплатените штети кај најголемата доброволна осигурителна класа – осигурувањето имот. До крај на март годинава се исплатени речиси 1.800 оштетни побарувања за осигуран имот во вредност од 116 милиони денари (1,9 мил. евра). Тоа се 17 отсто повеќе исплатени средства во однос на истиот период 2021 година.
Патничкото осигурување има најголем релативен раст на вредноста на исплатени штети. Очигледно дека укинувањето на ограничувањата предизвикани од здравствената пандемија охрабри повеќе осигуреници да патуваат надвор од земјава. Во првите три месеци друштвата за осигурување исплатија речиси 2,5 пати повеќе пари за штети покриени со патничко осигурување. Нивната вредност достигна 13,7 милиони денари (223.000 евра).
Вредноста на сите исплатените штети за неживотно осигурување во периодот јануари – март годинава е за 6 отсто повисока во однос на истиот период лани.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Цел на осигурувањето на имот
Договор за осигурување на имот се склучува за да го заштитите вашиот имот.Со осигурување на имот добивате обесштетување во случај на настанување на штета на вашиот имот. Обесштетувањето неможе да биде поголемо од штетата која осигуреникот ја претрпел.Кај осигурувањето на посеви и плодови, обесштетувањето се утврдува согласно вредноста што би ја имале посевите и плодовите во времето на собирањето.Напомена: При утврдување на обесштетувањето се зема предвид и пропуштената добивка но под услов ако тоа е договорено.Ако во текот на ист период на осигурувањето настанат повеќе штети еден по друг, обесштетувањето за секоја од нив се определува и исплатува во целост со оглед на сумата на осигурување, без нејзино намалување за износот на порано исплатените штети во тој период.Осигурителни поими:– Осигурувач – е друштво за осигурување– Договарач на осигурување е лице што со друштвото за осигурување склучува договор за осигурување (полиса)– Премија на осигурување е износ што договарачот на осигурување го плаќа врз основа на склучениот дговор– Сума на осигурување е износ на кој имотот е осигурен– Лист на покритие е потврда што привремено ја заменува полисата– Полиса е документ со кој се потврдува постоење на договорот за осигурувањеВажно: Кога купувате полиса за осигурување на имот задолжително побарајте друштвото за осигурување да ви ги даде Условите за осигурување кои се применуваат за осигурување на имот. Внимателно прочитајте ги!
АСО реши 4 пати повеќе претставки во корист на осигуреници
Транспарентното работење на менаџментот на АСО придонесе да расте бројот на претставки добиени од осигуреници за работата на осигурителните компании. За три месеци АСО постапи по 52 претставки што е тројно повеќе од лани. Најбројни, во првите три месеци годинава, се поплаките на осигуреници при обештетување од автомобилска одговорност покриенa со европски извештај. Нивниот број е зголемен за речиси четири пати.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) во првите три месеци годинава разгледала 52 претставки од осигуреници кои се пожалиле на услугите од осигурителни компании. Бројот на претставки по кои АСО постапува во првиот квартал годинава е зголемен тројно во споредба со истиот период лани кога стручните лица на АСО постапувале по 17 претставки.
Во периодот јануари – март до АСО стигнале вкупно 62 претставки од осигуреници. Од нив 6 биле без основ за разгледување, а подносителите во 4 случаи ги повлекле своите претставки. Од вкупно 52 случаи по кои постапувал АСО во корист на осигуреници се решени 8 претставки и тоа е за 4 пати повеќе од истиот период лани. Во процес на постапување се 18 претставки, а негативно се решени 26 поплаки на осигуреници.
Најчесто осигурениците се жалеле на услугата европски извештај при решавање на штети во сообраќајот. Од вкупно 27 поплаки за решавање штети од автомобилска одговорност (најголемата и задолжителна осигурителна класа) дури 19 претставки се заради постапување на осигурителните компании по европскиот извештај за штети. Во споредба со истиот период лани, оваа година на таа услуга се пожалиле 4 пати повеќе осигуреници.
Значаен раст на поплаки има и кај осигурувањето имот – најголемата доброволна осигурителна класа. Стручните лица на АСО примиле 13 претставки од осигуреници и тоа е двојно повеќе од истиот период во 2021 година.
Во однос на причината поради која се жалат осигуреници најбројни во овој период се претставките кои се однесуваат на основата по која компаниите исплаќаат штети. За првите три месеци се примени 20 такви претставки и тоа е за 53% повеќе од истиот квартал во 2021 година.
Најзначајно зголемување на бројот на претставки има за процесот во кој компаниите ги обработуваат штетите на осигурениците. Од почеток на јануари до крај на март се поднесени 16 претставки за обработка на штета, а лани истиот период биле поднесени 4 пати помалку поплаки по оваа основа.
За висината на надоместот на штета што го нудат осигурителните компании во првите три месеци годинава се пожалиле 15 осигуреници. Во овие случаи АСО нема надлежност да одлучува за висината на надоместокот, но ги утврдува условите и околностите во кои е донесена одлуката за износот на понудена оштета.
Од поднесените претставки 47 се поднесени од граѓани, а 15 од правни лица. Од граѓаните кои поднеле претставки 13 користеле услуги на адвокат – застапник.
Претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на осигурителната компанија за оштетното побарување или не добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разледува анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Животот го осигурале над 260.000 граѓани, вложиле над 2 милијарди денари
За прв пат во 16 годишното постоење на животното осигурување вложувањата на граѓани надминаа 2 милијарди денари (32,5 мил.евра) во 2021 година. За одбележување е и тоа што лани бројот на лица кои имаат осигурување се зголеми за 95 отсто во однос на претходната 2020 година. Во значајна мерка тој раст се должи на врзувањето на новоиздадени банкарски кредити со животно осигурување.

Вкупните вложувања на граѓаните во животно осигурување минатата година надминаа 2 милијарди денари (32,5 мил.евра). Ова е рекордно односно највисоко годишно ниво на вложувања во животно осигурување од востановувањето на пазар за животно осигурување во 2005 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Повеќе од 260.000 граѓани имаат полиси за животно осигурување на крајот на 2021 година. Бројот на нови осигуреници лани е зголемен за 127.000 лица односно 95 отсто во споредба со бројот на лица кои имале животно осигурување во 2020 година.
Вложувањата во животно осигурување лани се зголемени за 261 милиони денари (4,2 мил.евра) во однос 2020 година.
Од вкупните вложувања во животно осигурување лани над 1,6 милијарди денари (26 мил.евра) се инвестирани во класично осигурување живот кое опфаќа: ризико осигурување и осигурување со штедна компонента.
Кај ризико осигурувањето се осигурува животот на осигуреникот и во случај на смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Кај овој вид осигурување доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија. Речиси 200.000 граѓани имаат ризико осигурување на крај на 2021 година.
Најмногу се инвестира во осигурувањето со штедна компонента. Овој продукт овозможува на осигуреникот по истек на договорот за осигурување своето вложување да го добие како заштеда со камата. Повеќе од 50.000 осигуреници имаат вакво осигурување живот и во овој продукт годинава се вложени 1,27 милијарди денари ( над 20 мил.евра).
Вложувањата во животното осигурување во кое ризикот од инвестирањето е на товар на осигуреникот (популарно наречениот јунит линкд продукт) лани достигнале 383,2 милиони денари (над 6 мил.евра). Тоа е за 27 отсто повеќе од 2020 година. Кај оваа класа парите се вложуваат во инвестициски фондови чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. Токму заради ризикот што го носат овие висококвалитетни инвестиции бројот на раскинати договори е повисок во однос на бројот на прекинати осигурување со штедна компонента.
Петте компании за осигурување живот во 2021 година исплатиле вкупно 595 милиони денари/9,7 мил.евра на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или по основ на ризик смрт.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
КОНКУРС ЗА ГОДИШНА НАГРАДА ЗА МЛАДИ ИСТРАЖУВАЧИ ЗА НАЈДОБАР ТРУД ОД ОБЛАСТА НА УПРАВУВАЊЕ СО РИЗИЦИ И ОСИГУРУВАЊЕ
Со цел стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија, како и афирмација на млади и стручни кадри, Агенцијата за супервизија на осигурување доделува годишна награда за 2022 година за истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија.
Годишната награда на Агенцијата за супервизија на осигурување изнесува 80.000 денари.
Трудот задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 15.000 зборови (без апстракт, библиографија и анекси) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување кое ги содржи следните основни делови:
- апстракт;
- осврт на консултираната современа странска и домашна, научна и експертска литература од областа која се истражува;
- опис на научно истражувачката методологија која се користи во трудот;
- анализа;
- заклучни согледувања и
- библиографија.
Право за учество на конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија до триесет и петгодишна возраст, односно до денот на доделувањето на наградата на 01.11.2022 година, учесниците не треба да имаат наполнети триесет и шест години. Учесниците кои имаат стекнато титула доктор на науки до денот на поднесувањето на трудот немаат право на учество на конкурсот.
Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или англиски јазик.
